Васко Шутаров

Ото фон Бизмарк (1815-1898), германскиот „Железен канцелар”, вака размислувал: „Мислам дека не постои граѓанин кој би можел да поднесе да гледа како се прават закони и колбаси”. Или, друга пократка верзијаод истата мисла „Законите се како колбасите. Подобро да не гледаш како се прават”!

За три работни седмици, се распушта деветтиот собраниски состав. За многумина, ова беше еден од трите собраниски состави во тридецениското собраниско функционирање на независната македонска држава, со најкомплексен собраниски мандат. За многумина познавачи на собраниската работа, тоа се првиот собраниски состав (1991-1994), собранискиот состав во чиј мандат се случи воениот конфликт во 2001 година (1998-2002)и последниов состав во заминување (2016-2020). За последниов, унисоно е мислењето дека беше собраниски состав, со најконтроверзен мандат.

За профилирањето на личната карта на собранискиот состав во заминување, ќе се послужам со истражувања од програмата на Институтот за демократија „Собранието под лупа”, работени за првото полугодие од минататагодина. Истражувањето е обемно и репрезентативно, а за оваа пригода би издвоил неколку индикативни параметри од работата на последниот собраниски состав. Велат, квалитетот на животот во една држава е во силна причинско-последична врска со квалитетот на законите кои се носат. За квалитетот на животот можеме и во други прилики, а за квалитетот на законодавната собраниска кујна, можеме да извлечеме заклучоции од следниве истражувачки параметри. Високи 50 % од испитаниците одговириле дека малку или воопшто не се запознаени со работата на пратениците. Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, повеќе од половина од испитаниците (53 %), сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за учество на јавноста. Над две третини (72 %) од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии и своите лични интереси (78%). Речиси половина од испитаниците (46 %) сметаат дека пратениците никогаш не ги застапуваат интересите на граѓаните. Високи 62 % од граѓаните сметаат дека Владата има контрола врз Собранието. Само 17 % од граѓаните сметаат дека Собранието има контрола врз Владата (како што според Устав е предвидено). Уште, во извештајот се оценува и квалитетот на дебатата во овој период (јануари-јули 2019) за кој испитаниците сметаат дека е на ниско ниво, односно едвај ја добива минималната потребна оценка за да се именува како дебата. Индикативни се и показателите дека во 32 % од анализираните дискусии, пратениците немале аргументи во дискусиите, додека во 42 % од дискусиите имале слаба аргументација во своите дисусии. Ако се анализира според политичка припадност на говорниците, 45 % од дискусијата водена од пратениците од власта е слабо аргументирана, додека во 32 % не е идентификувано никакво образложение во врска со темата за дискусија. Споредено со аргументираноста на дискусиите во минатите извештаи од овој проект, степенот на аргументираност кај власта е намален во сите описи. Или народски кажано, со „ќор-фишеци” се бранеле владините предлози на закони. И како своевиден куриозитет, во овој истражувачки период, биле поднесени 28 извештаи од независни и регулаторни тела. Од кои, на пример, комплетно без дискусија поминал Годишниот извештај за работата на јавните обвинители за 2017 година. Граѓаните како најкарактеристично од работата на овој собраниски состав го издвоиле усвојувањето на Договорот со Грција, потоа гласањето за Законот за употреба на јазиците и уставните промени кои произлегоа од Договорот со Грција. Иако лично имам одредни резерви кон одредени аспекти на истражувањето, ова кроки од показатели сметам дека барем приближно го исцртува профилоти портфолиото на Собранието, во заминување. Нотарскиот профил на она што некогаш се викаше, Собрание.

Имам чувство дека истражувањетодури изгледа и благонаклоно во поглед на вистинската перцепција и импресии засобранискиот состав во заминување. И крајот од работењево на овој состав, се грчи под крешендото од закони, кои по скратена постапка во огромен број пристигнуваат, дури собранискиот гонг одбројува самораспуштање. Собраниетокако највисок законодавен орган е ставен во функција на нотарска или канцеларија за верификување на закони испратени по скратена постапка од ресорните владини министерства. Во изминатите три години, високи 55 % биле закони по скратена постапка. Без јавна дебата, без минимална можност за учество на јавноста во нивно креирање. Настрана констатацијата дека и организираните јавни дебати за повеќе од 50 % од испитаниците, биле непознаница дека воопшто биле одржани. А лошите закони, одамна некој рекол,се најлош вид на тиранија. Како иронија во овој контекст може да послужи славната мисла на Лорд Халифакс (1633-1695), кој сметал дека „најчесто три типа на луѓе не ги разбираат законите-оние што ги пишуваат, оние што треба да ги спроведуваат и оние кои што сносат последици, бидејќи не ги почитуваат”. Иронијата е, што актуелното македонско законодавство, може и во 2020 година,  да се препознае во оваа четири века стара сентенца на познатиот англиски државник. И ни случајно не може во актуелната македонска законодавна кујна, да се повтори искуството со британската премиерка Тереза Меј, чиј план за Брегзит не ги помина британските парламентарни филтри и резултираше со нејзина оставка, или неизгласувањето на предлог-буџетот на Доналд Трамп во американскиот Конгрес, кој предвидуваше изградба на граничен ѕид со Мексико, што резултираше со носење на привремен буџет на најмоќната светска држава. Тоа во македонските специјалитети од владината индустрија за правење закони и нивното собраниско аминување, не може ни на сон да се случи. Макар се повредил Уставот, макар безброј пати се прекршил Законот за Собрание и неговиот Деловник за работа. Ние сме над тие светски демократски  стандарди и придобивки.

Се бара прогрес во агендата со реформите, ќе рече деновиве францускот амбасадор во нашата земја. А како, кога  шверцерски, со криумчарење на европско знаменце се протнува Закон за опојни дроги, кој дефинитивное од поитно значење за власта, од Законот за јавно обвинителство на пример, кој токму деновиве е предочен како еден од условите за можен датум за преговори. Дали француската дипломатија во државава не забележува дека македонската законодавнакујна се држи до онаа позната максима на Оноре де Балзак, дека законите се пајажина низ која лесно поминуваат големите муви, а за која се фаќаат само помалите”, сентенца во која е содржана до болка вистината за состојбите со македонскиот правосуден систем. Со такви слабо или воопшто нерешени домашни задачи, личи ли да се жалиме или тужакаме, како на школо разгалените ученици, дека професорите нè мразат или имаат нешто против нас. Не, туку не поминуваат тие финти на фрлање прашина во очи, дека нешто сериозно се изработило.

Кампањското носење закони со кои власта во заминување сака да кокетира и да се додворува на гласачите на претстојните избори, но да го досруши и она малку што остана од независноста и достоинството на последното Собрание, можат и само неколкумина добри пратеници, кои држат до својот пратенички интегритет и до достоинството на професијата, да го запрат. Искрено жалам, што и тие десетина квалитетни пратеници долго потоа, ќе го носат белегот на контроверзниот и горчлив вкус на повредените процедури, лошите и недоделкани закони што го одбележаа овој собраниски состав. Закони кои и во следниот, десетти собраниски состав сигурно ќе продуцират и проблеми и контроверзи. И во кои уште долго ќе се чувствува неподносливиот зачин, на бомбашкиот упад на политиката во правото, на политичката кујна во законската норма. Масакрот на правниот систем пред силата на незаузданата политичка волја за моќ, во типичен балканско-деспотски манир. Ничкосувањето на економијата, со повлечи-потегни закони од даночната политика. Невештото управување со државниот апарат, на ниво слично на управување на земјоделска задруга пред стечајна постапка. И распојасаната и без никакви видливи и опипливи резултати партиска  номенклатура по министерствата,  што дури пред собраниското распуштање се заузда во уживањето на привилегиите на власта, па бомбардираше со закони кои не видоа ни ден јавност, пред да влезат во собраниска процедура. Неверојатно ниското ниво на елементарна политичка парламентарно-демократска култура, на ниво на кафанско наддавање „евро тебе, евро мене”. Нормално, сето тоа пред да стаса „партиската депеша” за забрана од постирања слики од патувања и кафанчења. Демек, така полесно ќе се сокријат намачканите со путер глави на политичарите во заминување, на кои како по лој, наместо досегашниве закони, може да им оди единствено правењето колбаси дома. Од април,натаму.

Лошите политичари се дело на огромен број добри луѓе, кои за време на избори решиле да останат дома!” Помалку стравувам дека под превезот на крајно лошиве политики на власта и Собранието пред заминување, тенденциозно се креира јавно мислење, дека „сите се исти и сите се лоши” што во крајна инстанца продуцира разочараност и изразит граѓански дефетизам. Кому му одговара низок праг на излезност на избирачите во април? Само на лошите политичари кои треба заедно и здушно, да ги испратиме во историјата. Од април, натаму!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.