Предраг Димитровски

Ректорот на скопскиот универзитет ФОН, професорот Нано Ружин, реши да ги предложи Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир, заради потпишувањето на договорот од Преспа, со кој треба да се надмине деценискиот или, подобро речено, вековниот македонско-грчки спор. Во духот на новото време, добрососедството и светлата НАТО и европска иднина на новата Република (Северна) Македонија.

Независно од тоа дали предлогот е предмет на потсмев и колку се навистина реални шансите двајцата премиери да се овековечат како миротворци од светски маштаб, уште од сега е неизбежно чувството дека евентуалниот позитивен исход ќе има печат на „политичка проституција“. Зашто, последните случувања во македонскиот парламент (допрва ќе гледаме како договорот ќе помине во грчкиот) ги надминаа сите граници на демократска, политичка, правна, етичка, морална и човечка пристојност. Воопшто, политиката и владеењето на правото изгубија секаква смисла, па „заробената држава“ се претвори во чиста анархија!

Кој овде нема да полуди, тој не е нормален, знаеше да каже Горан Бреговиќ на неговите концерти. И бил во право. Кој во Република (Северна) Македонија нема да полуде, тој не е нормален. Лудилото ја проголта нормалноста, со што се губат сите општоприфатливи вредности, без разлика дали ќе се именуваат како (нео)либерални, конзервативни или, по ново, суверенистички.

Според дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот проституција е именка од женски род и има значење на давање сексуални услуги за пари.

Проституцијата, пак, важи за најстара професија на светот. Што ќе рече, модерно, нели, еден вид бизнис. Ама не претставувала и грев. Токму неодамна на еден од сајтовите прочитав дека уште во древна Месопотамија храмовите на богињата Иштар биле огромни јавни куќи, што ги користеле кралевите од таа епоха. Исто било и во древна Грција, каде во секој храм на Афродита биле сместени стотици девојки. И во римската Помпеја пепелта на вулканот Везув ги покрила и ги зачувала непроменети јавните куќи. Но, тоа што треба да се одбележи е фактот дека проституцијата придонесувала за внесување даноци во кралските или државните ризници. Затоа и проститутките биле регистрирани, додека оние кои незаконски давале еротски услуги ризикувале да бидат најстрого казнети. Со други зборови, проституцијата не само што вечно била присутна, туку била и инплементирана во државните политики.

Кај нас денес, најстарата професија или бизнис, се едно, не е законски регулирана, но тоа не значи дека не постои, исто како што не значи дека не постои и „политичка проституција“. Постојат и едната и другата. Разлика може да има само во начинот на плаќање на услугата. Дали во пари, во кренати два прста за неопходните уставни промени, во зголемени привилегии на народните избраници, во укинување на мерките притвор, во менувањето законски одредби заради бегство од правдата, во глупави етикетирања за про и анти НАТО или ЕУ определби, во … Навистина, во што се претвора нашиот највисок законодавен дом?! Во „дом на црвените фенери“!? Страшно!

Во што се претвора државното јавно обвинителство? Во политички послушник? Во што се претвора Специјалното јавно обвинителство? Од „Чарлиеви ангели“ во китбраунови „демони“? Уште пострашно! Во што се претвора судот? Во добро дресирана политичка пудличка?! „Шарените“ извикуваа „нема првада, нема мир“, ама сега можеби има мир, ама нема никаква правда! Или има само за оние, кои се уценети, ама не и за обичните смртници, кои и натаму ќе лежат в затвор за пеење химна или 20 ќебапчиња!? Срамно!

Ајде едно едноставно прашање. Кој е власт во Република (Северна) Македонија – СДСМ и ДУИ или независната пратеничка група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“? Одоговорот е едноставен – како што се „претера со новинарството“, се „претера и со политичката проституција“. Налет на кренатите два прста. Од нив не бидува ни вистинска амнестија, ни инклузивност, ни простување, ни помирување.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.