Васко Шутаров

„Сакаме да живееме! Соседите би биле најсреќни нас да нè нема! И тоа не остава многу простор за да се прават компромиси”.

Не, ова не е ни случајно изјава од некој наш актуелен политичар. Скраја да е! Ова е цитат од Голда Меир, за која повозрасните читатели веројатно и веднаш ќе се сетат, беше тоа челичната израелска премиерка од 70-тите години од минатиот век. Го стекна атрибутот „челична” поради бескомпромисноста во бранењето на интересите и безбедноста на Израел, една од најмладите држави во светот (основана во 1948 година), чиј четврти премиер и лидер во израелско-арапските војни беше токму таа, Голда Меир. Низ нејзината политичка кариера ќе остане запаметена и уште со две нејзини изјави што потполно го карактеризираат духот на израелското опстојување низ годините на подигнување на државата. Вистина е дека ги освоивме сите наши војни, но ние сме платиле за нив. Ние не сакаме повеќе победи!”. И секако, онаа пред да ја напушти премиерската функција: Да се ​​биде или да не се биде, не е прашање на компромис. Или биди или не биди!

Обично во јануари, некако со мислите и срцата милиони христијани се свртени кон светите места, а во понормални години овој период од годината милиони туристи традиционално се упатуваа кон Светата земја. Годинава затворени дома, токму за празнициве, разбираме дека Израел е и светски лидер во имунизацијата на своето население против пандемскиот вирус. Израел е несомнено држава за која може да се пишува на најразлични теми, од верски до воени, од политичко-дипломатски до разузнавачки, преку теми за високите технологии, образованието и воспитанието, врвното здравство, развиената агрокултура. Но, овојпат интересот би го задржал на темите за компромисот, постојано горлива тема за израелските политички прилики, ништо помалку интересна и за современиот македонски политички миг. Од еден друг агол и преку делата на влијателен израелски филозоф, за кој многу малку се знае и кој ретко се спомнува во нашата наука и политичка мисла. Во меѓувреме и Изреал не е истата држава од времето на Голда Меир. Темата за компромисот, токму во оваа држава,која од своето основање е во постојана состојба меѓу војна и мир, е созреана до едно ниво на наука за кое вреди да се размисли и дебатира. Овојпат, преку кратки цртици од делата на израелскиот професор Авишај Маргалит.

Две негови дела се посебно цитирани во новата светка политичка мисла, а можат да бидат од наш посебен интерес. Тоа се книгите „Компромисот и гнилиот компромис“ и „Пристојно општество”. Проф. Авишај Маргалит е еден од првите политички филозофи кој акцент во своите истражувања става на компромисите во политиката, но од морален аспект. Базирана врз искуствата на современ Израел во градењето компромиси со арапскиот свет со кој е опкружен, а посебно со Палестинците дома, Маргалит втемелува наука за компромисот, но од аспект на неговата морална димензија. Преку бројни примери, понекоја анегдота и силни несоборливи аргументи, Маргалит прави разлики помеѓу различни типови компромиси, а ако треба да ја сведеме целата содржина од неговите истражувања, телеграфски може да ја преточиме во една доминантна порака: Гнили компромиси кои се постигнати без морална димензија, треба да се избегнуваат по секоја цена!

Кога политичкиот компромис е прифатлив, а кога е во основа гнил и по ниедна цена не би требало да го прифатиме, па што ќе биде, нека биде! Дури и кога станува збор за мирот, постојат морални граници за прифаќање на компромисот, ќе каже овој израелски учен.

И за него, како и за мноштвото лидери од светската реал-политика, поимот компромис не е непристоен збор, напротив. Но, ако компромисот е создаден да биде гнил компромис, тој може да ги разори темелите на едно демократско и либерално општество. Просто, да ги изгние од корен. Треба да нè проценуваат по нашите компромиси, а не по нашите идеали или норми, несомнено. Нашите идали кажуваат за она што сакаме да бидеме, но компромисите покажуваат она што сме ние во моментот. Дали сме подготвени на меѓусебен отворен и критички дијалог, постигнување консензус од мноштвото спротивставени интереси и мислења, како на внатрешен, така и на надворешно-политички план, најдобро покажува кои сме ние во моментов и дали сме подготвени да создаваме претпоставки за зрели или гнили компромиси.

Што се однесува до човековото достоинство, ние не можеме да правиме компромиси

Токму во оваа реченица од една друга челична политичарка, канцеларката Ангела Меркел, се дефинираат моралните граници на секој компромис и токму овде се разграничуваат добрите од гнилите компромиси, токму на линијата и на современата израелска размисла за компромисот. Во кратки црти, телеграфски преку есенцијални пораки од другата позната книга на проф. Маргалит „Пристојно општество”, ќе се обидам да ги приближам моралните граници кои ги одвојуваат добрите од гнилите компромиси. Маргалит своите искуства ги гради врз истражувања работени со Палестинци за време на нивните востанија (интифади) на окупираните територии во Израел и со бројните еверејски доселеници најмногу од Русија кои во 90-те години масовно го населуваат Изреал. И кај едните и кај другите, стожерни вредности кои најсилно ги одредувале биле честа и понижувањето. На овие два поими Маргалит им дава фундаментално значење и врз нив го создава поимот за праведно општество или општество кое не понижува. И основата врз која се одредува некој компромис дали е добар и здрав или е гнил и разорен. Честа и понижувањето се двата столба, врз кои е изградена политичката филозофија на проф. Маргалит и политичката практика која е карактеристика на денешен Израел.

И прашањата што сами се наметнуваат, каде сме ние во овие современи концепции за градење пристојно општество и креирање добри, а не гнили компромиси? Одбегнувајќи ги замките на неумесноста во споредувањето, легитимно се наметнуваат прашањата поврзани за тоа врз какви компромиси е втемелена и дефинирана современата македонска држава? Што е здраво и развојно, а што гнило и разорно во домашната уставна и законодавна архитектура? Креираме ли со сите наши домашни и меѓународни компромиси, пристојно општество во кое честа и достоинството на човекот и граѓанинот се секогаш врвен и единствен приоритет? Создадовме ли институции кои нема да ги понижуваат сопствените граѓани на домашен план, креираме ли силна и конзистентна надворешна политика која ќе биде брана за каков било тип понижување и грижа за достоинството и честа на своите граѓани, секаде низ светот? Израел, токму така функционира. И она што го разбираме од израелското искуство во градењето компромиси е тоа дека не постои одржлив, добар и траен компромис со државите од непосредното опкружување или регионот, ако најпрво дома не се постигне висок консензус за секој аспект од надворешно-политичкото договарање.

Тие се преправаат дека нè сакаат, ние дека им веруваме

Умесно е да не се споредуваме со контекстите врз кои почива државата Израел. Но, умесно е и да не се лажеме и на оваа линија на размисла да ги оставиме силно да трепкаат признанијата дека кај нас е сè поставено наопаку, на глава и на трепки. Од аспект на почитувањето на честа и достоинството на граѓаните, нашето општество е сè уште повеќе непристојно отколку пристојно, во кое институциите како да постојат не за да им служат на сопствените граѓани, туку колку што можат повеќе да ги понижуваат и да се изживуваат со нивните потреби. Од аспект на надворешната политика и меѓународните договори, до ниво на табу е доведено практикувањето на меѓународното договарање, а од кошницата со добрососедски договори е создаден тотем во кој е забрането и да се допре гнилежот што е останат од нашиот државен и национален идентитет после нив. И попусто од таквата веќе сериозно гнила и едвај одржлива домашна законска и институционална архитектура, повремено се мавтаат закони со европски знаменца по кратки постапки, кон нашите толку посакувани европски партнери. Ние само се преправаме дека се реформираме, тие само се преправаат дека такви нè посакуваат, а ние повторно се преправаме дека веруваме во тоа, дека немаме друга алтернатива, а полни триесет години живееме токму во таква, европска алтернатива.

Бескомпромисни кон различномислечките дома, измеќарски подготвени за секаков нарачан гнил компромис однадвор, во нашава држава кој како стасува подметнува гнили комромиси, покрај кои најпрво моралот скапува од гнилост. Најмногу, политичкиот морал, кој патем, требаше да биде основа и рамка за секој постигнат здрав домашен и меѓународен компромис.

Влада на национален спас, наш единствен можен спас!

И суштинското прашање за крај. Можеме ли и способни ли сме да постигнеме конечно здрав меѓусебен компромис внатре во државата, еднаш и засекогаш? Да почнеме да градиме праведно и пристојно општество врз неприкосновеноста на принципи, вредности и висока морална одговорност водени од потребата зазачувување на честа и достоинството на секој нејзин граѓанин и практично политички водени од елиминирањето на секакво понижување дома и надвор од државата. Теоретски едноставно, а и практично изводливо, еве со ништо не споредувајќи се со Израел, но апострофирајќи го ноторниот факт дека ова наше општество, никогаш не испровоцирало војна со никого надвор и никогаш не испровоцирало граѓанска нетрпеливост или војна, дома.

Ова е нашето крајно време, за национално и државно обединување, пред најсериозните предизвици пред кои сме исправени од создавањето на државата. Или ќе нè биде или нема никогаш повторно да не биде! Дојден е токму тој час! Време е час поскоро за формирање Влада на државно единство и национален спас. Имаме доволно умни глави за тоа. Да се справиме со пандемијата како цел останат нормален свет до крајот од првото полугодие од годината, да ги ангажираме најдобрите економисти во спречувањето на економскиот колапс што веќе сите го чувствуваат, да се осуети и спречи образовниот државен удар што во име на неопходните образовни реформи, а под императивот на гнили компромиси однадвор во моментов се протежира, да се ангажираат најдобрите земјоделски експерти во справувањето со хаосот во земјоделието, да се ангажираат најдобрите познавачи на меѓународната политика кои достојно ќе ги заштитат националните и државните интереси,  да престане поделбата во културата на наши, нивни и ничии, да се ангажираат најдобрите познавачи и активисти за заштита на животната средина, да ја спасиме најитно Преспа, поучени токму од примерот како се цени секоја капка вода во Израел, да ја прашаме конечно нашата дијаспора и за ум и за совет и за секоја помош, како да застанеме на здрави нозе како пристојно општество со респектабилна држава, во која и тие конечно ќе посакаат да се вратат. Впрочем, како што на Израел му се случува тоа. И конечно, да си го вратиме нашиот Ерусалим, Охрид-духовниот европски светилник, онаму каде му беше местото, меѓу најзначајните културни и природни светски бисери. Потребни се само неколку мудри глави, тим од чесни и достојни луѓешто вистински знаат за дијалог и реформи и силна политичка и граѓанска волја да го постигнеме тоа. Зарем многу е тоа? Ниту резервни животи имаме, ниту друга резервна држава имаме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.