Васко Шутаров

Славниот француски писател Марсел Пруст бил убеден дека мирисите се најсигурен портал за патување во минатото. Ако изнасилено пребаруваме по сеќавањата од минатото, можеме да успееме, но само делумно. Нашата сегашност го обликува сеќавањето и поимањето на минатото. Но, во моменти на осаменост и спонтано навраќање во „потрагата по изгубеното време”, ако тоа сеќавање поттикне некој мирис од тоа време, тогаш го имаме комплетното чувство за единство и сплотување со тоа наше време, од нашето сеќавање.

Дури го пишувам ова, ми текнува на првата прочитана книга од Пруст, јазикот на кој беше напишана, бојата на хартијата, но најмногу на мирисот на таа книга, која претходно поминала низ многу раце. И мирисот на библиотеката од која ја зедов, мирисите на сите библиотеки во кои влегував. Мирисот на нов мебел и теписи, во една од нашите семејни преселби, мирисот на амбулантите во кои одев да го видам татко ми, мирисот на сите училници и училишта низ кои се школував, мирисот на една градина, градината на баба Дана на пат за училиште, мирисот на првите пркнати стебленца домати под стаклениците на баба ми, мирисот на касарната каде служев војска, мирисите на возовите со кои патував на студии, на кафетериите и дискотеките, мирисите на привлечност, мирисите како знак за дистанцираност, една цела „оперета од мириси” кои живо живеат, кога имам време да отпатувам во некое свое минато.

#Нема сапун! Нема мир!

2020 година. Веќе на прагот на третата деценија од 21 век. Социјалните мрежи кои децата од мојата генерација и со сета своја фантазија, не ни можеа да ги предвидат, деновиве се преполни со слики и фотографии од училишта и факултети, без сапуни и тоалетна хартија. Средношколската онлајн кампања се случува сред сезоната од грип, а листата на образовни институции без основни сретства за хигиена станува бескрајно долга. „И Кант и Хегел се прашуваат, каде е сапунот?” стои на еден твит за Филозофскиот факултет. „Можеме да се бориме против грипот и коронавирусот, но нема сапун”, објавиле средношолци од Тетово. Онлајн кампањата предвидено е да трае три седмици, а резултатите ќе им бидат предадени на одговорните во ресорите образование и здравство. Во еден крајно критичен период, во кој сезонскиот вирус ги десеткува учениците во училиштата, овие два клучни ресори за спречување на епидемија од поголеми размери, не се ни огласија по овој повод.

#Нема воздух! Нема мир!

Веројатно најчесто користени зборови и оваа зима беа, отпад, ѓубре, депонии, отровни честички. Здружената акција на бројни невладини организации, предизвика и средби на највисоко државно рамниште, подигнување на општествената свест за најсериозниот проблем по здравјето на луѓето, но единствен сојузник за чисто небо и воздух, беа само повремените поволни временски услови, ветрот и дождот. Но, затоа Министерството за животна средина, кое во меѓувреме не покажа ниту еден сериозен напор за справување со смртоносниот воздух, сериозно се потресе од герила-акцијата на петмина млади активисти, кои со паролата „крвта на нашите деца” и креативен перформанс со оставање црвени траги од дланките на влезот на министерството, станаа пример како „најевропската” од сите власти, со експресна полициска акција веднаш приведува, сослушува, поднесува прекршочни пријави, небаре станува збор за крајно опасни „зелени талибани”. Властa, за која ни најупатените нема да можат брзо и лесно да се присетат дека поднела било каква пријава за загадувач во државата, на дело покажа како се спроведува селективна правда за еден мирен креативен протест против најотровниот воздух на небото над Европа и правото на здрава иднина. Или можеби, освен тренирањето страв, целта беше да се покаже ревност со која власта се грижи за своите фасади. Истите фасади, на кои со сето шаренило од бои го изразуваа својот револт, пред неполни четири години. Од ресорот животна средина, ова беше израз за најекспресно манифестирана грижа, досега.

#Нема здравје! Нема мир!

Сезонскиот грип веќе зеде три жртви кај нас. Ноншалантно ни беше соопштена таа вест во медиумите. Како да е нормално, така да биде?! Бројот на заболени од грип, од минатата седмица е зголемен за 74 %. Училиштата се празнат, амбулантите и болниците полнат. А коронавирусот веќе стаса во Европа, сè поблизу до нашето непосредно соседство. Италија деновиве во карантин стави десетина гратчиња со 50.000 луѓе, прекинат е Венецијанскиот карневал, Миланската скала од претпазливост ја става во мирување својата програма. Како би се носеле ние, со оваа пандемија, во услови кога училиштата немаат елементарни услови за основна хигиена, кога воздухот е сè уште тежок и отровен, кога срамежливо некој ќе поткаже дека болниците имаат недостаток од заштитни ракавици, заштитни очила и маски кои допрва ќе се набавуваат. Не им е дојдено на болните до тоа, да се организираат со хаштази дека нема сапун и нема заштитни сретства по болниците. Инаку, ќе се изнагледаме на тоа, како европски блескаме и во здравството. Во услови како од средината на минатиот век. А гледајќи ја веќе стандардната деловна лежерност на првиот човек на македонското здравство, воопшто не чуди што цел авион од ризичните подрачја во Италија допадувал кај нас без соодветна здравствена контрола на аеродромите. И можеме само да се помолиме, некое чудо да нè спаси од поголемо зло, поврзано со сезонските вируси.

#Нема стоп на пешачки и црвено! Нема мир!

Зрели, презреани сме за секакви можни хаштаг-социјални акции. Кога последно ви се случило да поминете на пешачки премин, а да не застанете на пола патека и одмерите ризик, дали залетана будала ќе продолжи да дава гас или сепак ќе закочи во последен момент? А доволно е да ги вклучиме нашите мобилни телефони кога поминуваме низ пешачки премини на скопските улици. Чинам, само таква социјална акција со вклучени мобилни дури минуваме низ пешачки, може конечно да ги мобилизира надлежните и ќе ги сведе ризиците за нови жртви по градските улици на најмало можно ниво. Само чудо нè спасува, со оглед на идиотизмот од сообраќајна некултура, што нема повеќе жртви, посебно на скопските улици.

#Нема стоп за негрижата за животните! Нема мир!

И само чудо, посебно чудото наречено љубов на ентузијасти и организации кои се грижат за напуштените бездомни животни низ градовите ширум државата, нè спасува од потполната негрижа на државата и локалните заедници за благосостојбата на животните по нашите улици. И не само по улиците, доволно е само за момент, да се закова поглед на третманот на животните низ зоолошките градини што деновиве кружат преку социјалните мрежи. Некој рекол, види како се однесуваат кон животните, па ќе знаеш какви луѓе се. Та, во Холандија немало ниедно бездомно куче. Чуму таа информација, кога ние со Холандија имаме други сметки за израмнување. Нели амбицираме да станеме зелена европска оаза. Оаза на зелениот-канабис рај?

#Тие чудесни мириси на животот

Денешната генерација средношколци и студенти, генерација која деновиве води важни општествени акции, има право најнапред на своја иднина, но и на свое сеќавање за сегашноста против која го изразува својот бунт. Еден ден, овие сеќавања ќе ги доловуваат најјасно и најсилно преку мирисите поврзани со актуелниот миг. Овие социјални акции, се можеби нивен прв и последен обид да се обидат да променат нешто, пред некој скорешен ден да ја напуштат државата. Големите промени, како и најдолгиот пат, започнуваат со мали чекори. Со серија од мали чекори. Ако успеат со овие, за нив мали, а за нашата општа благосостојба големи чекори, можеби и ќе останат дома. Ова не се најголемите теми, со кои се занимава актуелната политика, заглавена во трговијата со правото и лавиринтите на залутаната и изгубена правда. Но, ова се животно најважни теми. Образованието и здравјето. Лошите спомени во сеќавањето исчезнуваат заедно со непријатните мириси. Мирисите на отровен воздух, мирисите на полициските станици поради протест за тој воздух, мирисите на негрижа во образовните и здравствените установи, здивот на подземјето во просторите за забава, здивеаните бесни коли по улиците, мирисот на брзи и неодработени пари, чекањето на први во месецот и стресот како да се истурка крајот на месецот дома, мирисот на тој нестварен контраст од испревртени вредности, принципи и норми, за нормалност, ред и поредок. Посакувам, еден убав ден после многу години, тоа да не бидат доминантните мириси од сеќавањата за актуелниве години. Посакувам од дома, да тргнуваат и да се враќаат сеќавањата. Барем на најголем дел од генерацијава што деновиве ги започнува своите први сериозни социјални акции, барајќи од нас повозрасните, само едно. Нормален живот и здрава иднина! #Нема ли таков живот, нема мир!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.