Алдо Климан

Драг и почитуван Алек,

прости поради овој присен тон со кој ти се обраќам, бидејќи лично не се знаеме, но едноставно не можам поинаку, како што веројатно не би можеле поинаку да ти се обратат ниту илјадниците и илјадници твои верни читатели, почитувачи и непознати пријатели на кои твојот прекрасен, беспрекорно чист, во најубава космополитска смисла македонски, но пред сѐ длабоко хуманистички, неспитомлив а всушност неизмерно благ, чувствителен, нежен и ранлив словенски дух со години им ја даваше онаа толку потребна надеж и им вдахновуваше нова сила во овие стравотни, драматични, библиски, разурнувачки историски премрежиња низ кои минуваат нашата татковина Македонија и нашиот македонски народ.

Ах, многу добро знам, драг пријателе и брате, со какви ужасни демони на осаменост и постојана запрашаност над смислата на тоа што го правиш си морал секојдневно да се носиш во оваа нерамноправна борба за вистината, чесноста, достоинството и слободата, и колкупати си ги испратил во јавност своите благородни, умни, духовити и литерарно врвни колумни со чувство дека тоа е повторно само уште еден очаен крик во пустината, крик што не знаеш ниту каде патува, ниту каде и дали воопшто ќе стаса до некого подалеку од оние неколку стотици лајкови на секој твој објавен текст, и конечно дали тоа некому нешто му значи, дали воопшто може нешто да смени, а надреалната премаленост и зашеметеност на твојот сакан народ да ја поткрене до толку потребната свест да се бори за својот единствен дом, за својата единствена татковина, и за своето исконско име.

Но знај, почитуван пријателе, дека ништо твое, ниту еден твој збор не е отиден низ ветер. Твојот дух што така силно и незапирливо постојано со иста сугестивност еманираше од секоја твоја реченица, од секоја твоја мисла, од секоја твоја сугестивна слика и вдахновена остра карикатура на целосно изопачениот кафкијански свет на оваа наша разнишана и разбуцана македонска микро цивилизација, но и на целиот свет воопшто, страшно тешко заболен од црниот чир на бесрамна аморалност и неолиберално лудило – твојот чист и непоматен дух во ниту еден момент не леташе кон никаде како глуварица оддувната и носена од случајни развигори. Твојот благороден дух и твоите прекрасни, длабоко хуманстички пораки кои пред сѐ ѝ беа посветени на Македонија, но далеку ги надминуваа сите наши локални значења и бои, патуваше, стасуваше и стасува до нашите домови, до нашите срца, до нашите души, до нашите размисли, до нашите стравови, до нашите мачни себепреиспитувања и сомнежи, и не само тука во Македонија, туку и низ целиот Балкан, низ Европа, во Австралија, во двете Америки и насекаде низ светот.

Зашто, не е вмрежено само проклетото сотонско Зло. Длабоко е вмрежено и божјото Доброто, и сите ние, драг Алек, илјадници и илјадници за тебе непознати луѓе бевме и цврсто сме вмрежени во тоа твое Добро што ни го даруваш, во тоа твое Човечко што ти така штедро и низ саможртва ни го испраќаш од својата тивка, осаменичка соба, од својот осаменички компјутер, пред твојата осаменичка тастатура, а ние со нетрпение и надеж одново и одново ги чекавме и ги чекаме твоите умни и прекрасни текстови.

И навистина, не еднаш вчудовидуваше, збунуваше и беше речиси неверојатно и невозможно да се разбере од каде постојано и со толкава сила извираат сите тие твои така бистри, бескомпромисни и толку вдахновени согледувања, но и разиграни,сликовити синтагми, па неретко и смешни црнохуморни досетки, кои ќе ни измамеа (навистина) тажни насмевки – но сепак насмевки во ова ултра црно време! – и кои од текст во текст, од ред во ред, од збор до збор само незапирливо надоаѓаа и се прелеваа како непресушни, и во својот интензитет моќни каскади на литерарна ингениозност и оригиналност.

Сакам само да речам: Алек, не си сам! Постои цел еден голем, длабоко повреден, вознемирен и неизмерно тажен паралелен свет на твоите сонародници Македонци и на сите други за кои нашето топло македонско небо претставува единствен, ист, заеднички татковински покрив, свет за тебе сосема невидлив, но цврсто и нераскинливо сплотен со твојот Дух, со кој, знај, не е само силно пронижан и облагороден од него, туку врз него и се потпира како врз цврст столб и препознатливо рационално, духовно и емотивно место на кое ја обновува и ја крепи и својата внатрешна сигурност и надеж. Зашто, да не беше така, да не постоеше и тој чудесен, навидум неосознатлив паралелен свет, кој исто така невидливо, метафизички но моќно со сета своја позитивна енергија те потпираше и те вдахновуваше тебе, па зарем и самиот ти би можел толку долго и така достоинствено да издржиш и да устоиш на ова бесчувствително поприште на безобѕирни грабежливци и човечки и морално празни кариеристи, и секогаш одново и одново да изнаоѓаш нови и нови сили за својата хуманистичка борба и цел?

Знам, никој нема право од тебе да бара повеќе одошто ни даде досега низ својата голема реална, но и внатрешна жртва и саможртва. Знам дека си изморен и разочаран (а кој не е?), и оти ти е доста од таа долга борба која, чиниш, воопшто не дава резултати. И навистина не е лесно да бидеш само еден од едвај неколкуте луѓе кои го преземаа врз својот грб претешкиот морален товар на општата шокантна македонска интелектуална апстиненција и молк, но, како што вели Хајне, „вистинската храброст ја покажува само оној што е сам“. Залогот на твојата борба, драг и почитуван Алек, е многу, многу голем, и ништо, ништо не е фрлено во празно ниту пропаднато. Зашто е сосема сигурно дека ти не си таков сеач; само, за жал, во Македонија и над неа сеуште хистерично врлува страшното домашно и меѓународно политичко и диктаторско невреме, и не е дојден вистинскиот час и твојот благороден посев нагло и плодно да никне насекаде околу нас. Но ќе никне, ќе тргне убаво, и ќе успее.

Затоа, од името на сите оние твои многубројни почитувачи и читатели во Македонија и низ светот, кои неизмерно ги ценат твоето творештво и твојата беспрекорна интелектуална и хуманистичка борба, те молам: не „одјавувај“ се. Па и така и така и самиот знаеш дека нема да успееш да се воздржиш и да молчиш пред црнилата, пред неправдите, криминалот, корупцијата, тотално распашаното политичко лудило и царството на забревтаната морална беда. А без твоите сјајни колумни, драг Алек, во Македонија веќе ништо не би било исто.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.