Весна Јаневска

Бурни времиња. Такви биле скогаш од кога јас помнам, односно од моментот кога почнав да се интересирам за политичките и општествените збиднувања, а тоа за моја жал, e одамна.

Прекрасна е младоста која со себе носи идеи, амбиција, самоувереност, храброст, кога и поголемите проблеми изгледаат помали, кога се мисли дека сѐ лесно и брзо може да се реши, кога за решавање на тие проблеми се мисли дека има бројни решенија. Тогаш и поразите и губитоците, полесно се поднесуваат, навистина со горчина во душата, но во тие години лесно се бараат нови цели или полесно се продолжува во патот за остварување
на таа цел.

Тешки се поодминатите години кога имаш идеи, имаш волја, имаш и самоувереност и храброст, но ти станува јасно дека огромен дел од животот ти поминал во чекање на нешто подобро, дека сесрдно си се вложувал за решавање на некој проблем, за да видиш дека опциите и не ти биле многубројни, а некогаш и решавањето на тој проблем воопшто не зависело од тебе. Си бил храбар и си се осмелувал и да зборуваш и да делуваш, ама дека ефектот не е тој што си го очекувал. Си пласирал идеи, ама малку кој ги слушал. Се разбира, злобниците ќе речат дека толку вределе, ама не е точно, времето покажало дека си бил во право. Не секогаш. Имало моменти на погрешни проценки, на изгубено време, на неизбежни падови. По повеќе години на моменти се прашуваш дали и каде си згрешил, што можело подобро да се направи, што би било кога би било.

Суштествувајќи над „Бурето барут“, за кое во младите години и не си свесен, во поодминатите години ти станува јасно дека, ете и да живееш над „Буре барут“ има свои предности. Да, тие што живеат врз него може да се пофалат дека всушност изживеале колку што некои други не изживуваат никогаш. Можеби некој ќе рече: „Благодарам, не треба!“ и во право ќе биде, ама придобивката е во големото искуство и знаењето што се
стекнува при живеење на тие настани.

Нема да се враќам многу наназад, но само ќе потсетам дека преживеавме распад на Југославија, војна на бившите југословенски простори со постојан страв за сопствената држава и живот, преживеавме блокади и тешки економски кризи, безброј коруптивни афери, приватизација, промена на знаме, таканаречен конфликт, промена на име, негирање на јазик и идентитет. Покрај овие, кои во моментот ми паѓаат на ум, преживеавме и поделба на „ние“ и „вие“, „наши“ и „ваши“, нешто што сè уште е актуелно. Не, воопшто не ме интересира ни кој прв почна, ни кој е крив, важно тоа постои меѓу нас и управува со нашите животи. Зошто е тоа така има бројни и логични и нелогични објаснувања и тие не се цел на оваа колумна, но само неколку кои не може да не се споменат, партиски вработувања, немање на систем за оцена на квалитет, владеење на неказнивост, заштите по партиска, етничка и друга припадност.

Како и да било, сега важи „наши“ и предност на „нашите“ за сѐ, без оглед на други параметри. Иако не сум љубител на Фејсбук, заради токсичноста на коментарите и затоа што откако ќе ги прочиташ може да се посомневаш во вистинските вредности на човековото битие, вчера не можев, а да не се задржам на објавата на Фејсбук за избор на наставници-ментори.

Имено, беше објавен конкурс за избор на наставници-ментори во основните училишта во Македонија, додуша спротивно на правилниците за објавување на тој конкурс и формирање на комисии за избор, а во правец на брзата реформа на образованието во Македонија. Документот објавен на Фејсбук е одговор на нечии барања (по анализа на истиот се подразбира СДСМ или нејзин член) за партиската припадност на наставниците кои конкурирале за ментори. На него се гледа име на основното училиште, име презиме на наставникот (препокриено со боја, што е коректно) па во другата колона: наши се, се ажурираат, имаат книшка, нема книшка. Најдолу пишува дека имаат аплицирано кандидати кои се без книшка и кои „не се наши членови“.
Толу од квалитетот на образованието за кој сесрдно и гласно се залага ресорната министерка. Квалитетот бил партиска припадност. Добро, не е непознато, ама до кога? Па зар не е јасно дека на ова дереџе дојдовме баш заради тоа? Па нели образованието треба да е НАШЕ, НА СИТЕ за добробит на децата, општеството и за подобрување на состојбите?

Се изнаработеа наставниците прибирајќи документи, аплицирајќи со часови, претходно посетувајќи курсеви и обуки, трошејќи пари за нив, за на крај да сфатат дека го немаат најважниот квалитет, партиска книшка на СДСМ. На здравје знаењето и вистинскиот квалитет наставници!

Како сега да верувам дека целата Концепција за реформа во образованието е креирана со добра намера. Интеграција на предмети со цел да нема Историја најверојатно по налог на Каракачанов?

Историја која учи за луѓето и настаните, за времето кога тие се појавиле, но и за причините и општествените прилики во кои тие се појавиле, историјата која нè учи за формирањето на нацијата и државата и која го гради нашиот идентитет и чувството за патриотизам ја нема како посебен предмет. Зошто? Молам некој да ми објасни. Не со тоа дека сум заостаната и проста. И во Финска, и во Велика Британија, и во САД и во Германија има Историја. За нив не велите дека се заостанати и прости!

Концепција, чија цел е јазично описменување, а крати еден час мајчин јазик; мултијазичност и крати час по Англиски јазик; дигитална писменост, а Информатиката ја интегрита со техника и технологија; личен развој, а се укинува Етика; училиштето да биде посакувана средина, а нема пристојни тоалети; да се учи низ игра, а се скратува Музичко и Ликовно образоование и така натаму уште многу други небулози. За занаетите – ништо, за професионалното насочување – ништо, за учениците со попреченост – минимум, за оценувањето – приказни од видот секое училиште ќе гради политики за оценување, за достоинството на наставникот – кариерен напредок СО ПАРТИСКА КНИШКА!!!

До кога? Ги молам пленумите и шарените револуционери да се активираат, барам наставниците да реагираат, барам експертите по право да преземат мерки. Барам сите наставници кои ќе се почувствуваат онеправдани поради партиска неприпадност да се жалат и да тужат.

Се надевам дека нарачателите на овој срамен документ ќе се повлечат и ќе ги запалат повратно добиените документи. Се надевам дека директорите ќе се засрамат и извинат на колегите, се надевам дека Министерката за образование и наука ќе преземе мерки против ваквите дејствија, кои не водат до квалитет во образованието. Младоста и амбицијата не се оправдување, доаѓаат поодминати години.

Концепцијата е натурена и неприфатена од стручната и научна јавност и од опозицијата. Фингираните пофалби од партиските послушници не важат. На Македонија и треба квалитетна реформа на образованието, на наставниците им треба стручна поддршка, на учениците современи, добри учебници и услови за работа.

Доста се глупости, премногу се! Ако ништо друго СРАМОТА Е!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.