Васко Шутаров

За последните денови од животот и смртта на Наполеон Бонапарта на островот Света Елена испишани се тони хартија. Големиот француски војсководец и император и повеќе од два века после неговата смрт, претставува тема од жив интерес за сите генерации и непресушна инспирација и за рок музичари, писатели, политичари, научници. Шведската поп атракција АББА триумфално ја започна својата планетарна музичка слава со „Ватерло”, Елвис Костело пееше за „Кутриот Наполеон”, Достоевски пишуваше за него во своето„ Злосторство и казна”, („Не, таквите луѓе, очигледно, не се од крв и од месо, туку од бронза!”), а францускиот писател Селин во „Последното патување во ноќта” ќе го опише Наполеон, како „лудак кој ги задоволува желбите на Европа за доживување”. Денес несомнено, Европа ја има истата потреба од силни доживувања штом не стивнуваат интересите поврзани со легендарниот политичар и војсководец.

Една од легендите која е поткрепена и со научни докази, се движи по патеките на заобиколни стратегии поврзани со крајот на животниот век на Наполеон Бонапарта. Императорот кој сам им се предал на Британците по поразот во битката кај Ватерло, бил изолиран во јужниот дел од Атлантскиот Oкеан, на островот Света Елена, 2000 км далеку од најблиското африканско копно. Бил сместен во „Longwood House”, осамена куќа полна со влага и стаорци. Не престанал да се однесува императорски и кога бил одвоен од цел останат свет, па посакал ѕидовите од куќата да бидат облепени со специјални смарагдно зелени тапети, кои тие години биле исклучително модерни. Светот тогаш бил просто полуден по новооткриениот зелен пигмент од хемичарот Карл Шиле, кој бил совршена зелена замена за дотогашното бледо зеленикаво обојување на предмети, украси и покуќнина. Ни големиот император не одолеал на новооткриената зелена и толку шик-боја. Само пруската сина боја претходно на сличен начин помодарски го освоила светот и предизвикала помама за промени, како париското или „Шиле зеленото”, во годините од владеењето на Бонапарта.

И желбата му била задоволена. Влажните ѕидовите биле прекриени со зеленo-смарагдни тапети, а за чудо и стаорците почнале набргу да исчезнуваат и да умираат. Легендата, но и научните докази велат, дека и Наполеон истовремено почнал физички да пропаѓа, а насетувајќи дека му се ближи крајот на животот, на само 51 година, непосредно пред својата смрт запишал: „Мојата смрт е прерана, ме убија Англија, нејзините олигарси и нивниот најмен убиец”. Неговиот лекар, собарот како и блиското опкружување, подоцна ќе сведочат дека императорот нагло ослабнувал, имал неиздржливо мачни стомачни болки проследени со постојано повраќање, отечени нозе и отечени прсти.

Помодното лудило за шик бојата наречена париска или Шиле зелена, цел еден век од нејзиното откривање во 1770 година и долги години по смртта на Наполеон Бонапарта, била жива атракција и замена за помалку живата зелена боја што дотогаш била користена. Најмногу во модни детали, облека обоена со новиот зелен пигмент, домашни украси, од свеќници до вештачко обоено цвеќе, тапети и тапацир за мебел. А кога нешто предизвикува „шик и шок”, кој би се интересирал за првите шокантни здравствени наоди, дека жените кои рачно ги работеле зелено обоените раскошни фустани, имале веќе трајно позеленети прсти кои потполно отрпнувале и не ги чувствувале за свои, дека цвеќарите кои рачно изработувале вештачко цвеќе добивале страшни стомачни болки, а фабричките работници кои изработувале играчки и смарагдно зелени тапети, заболувале од трајно умртвување на делови од телото, се здобивале со чиреви и умирале во страшни маки, во т.н зелена измаглица, проследена со повраќање зелена вода и со поглед кој гледал само зелено, како во магла.

Помодното „Шиле зелено”, всушност било отровно зелено. Големото количество арсен најдено постхумно во косата на Наполеон, како и на бројните смртни случаи поврзани со обработката на магичнозелениот пигмент, денес науката го нарекува просто, токсичен бакар арсенит.

И денес Европа не случајно е посебно внимателна со зелените пигменти, па ја регулира и ограничува употребата и на модерниот  пигмент „Зелено 7” кој се користи во популарниот тренд на тетовирање во боја. И во најголемото европско импресионирање од нови доживувања по зелени политики и трендови обоени во зелено, токму со сите нијанси на зелено мора посебно да внимава, бидејќи можат да бидат отровни и смртоносни.

Али  и неговиот партнер во власта, на кој ништо зелено не му фали

Нормално дека секоја сличност со актуелниве случувања поврзани со преоткривањето на зеленото како ново доживување во Македонија, се сосема случајни. Иако, цели три дена и ноќи државата ни остана подзината, пред најавата за „нешто многу убаво и многу важно, што требаше да ни случи”?! И така подзинати, скоро па ќе се примивме, небаре Квентин Тарантино и Џим Џармуш заеднички го режираа спектаклов на новооткриеново помодно лудило, последната „зелената измаглица”, што завчера се обиде да ни ја продаде најдолговечната владејачка партија во државата. ДУИ, до вчера обоена во пруско сино, од денес свежо обоена во „Шиле зелено”. Како вистинска евергрин партија?! Историјата така често знаела да се преповторува, како иронија?! За повторувачите во историјата, иронијата секогаш била и мајка за малодушните. На картата на малодушноста и сеопшта анестезираност на македонскиот политички дух и играа промоториве на новооткриеното европско „Шиле зелено”.

Каков мајтап, каква иронија и цинизам, доведени до климакс од воодушевување?! Посебно за маливе македонски „наполеончиња”, зајдени само по злато, зелени валути и разни опијати. И какво понижување за секоја елементарна култура на сеќавање и какво ругање и со остатоците на граѓанската свест и интелигенција во Македонија. Во државата каде токму партијата која последните 13 години е најодговорна за сите поважни прашања поврзани со животната средина, преку ноќ толку силно се загрижи за проблемите на здравата животна средина, патем уништена во меѓувреме, по сите можни параметри. И да се ребрендира демек водена само од тие мотиви. Тоа што зеленото во политиките на Балканот има и други „зелено-трансверзални контексти” од времето на војните за југословенското наследство, кој да го памети и тоа, во овој свечен миг на ново партиско ребрендирање. А и доста беа сплетови од случајности на овој мал балкански простор, нели?!

Најлесно е, а истовремено и најперфидно, кога државата тоне по сите параметри и власта нема никаков концепт, капацитет ни идеја како да ја извлече од длабокото европско дно, да се преобои, редизајнира симболиката или рекомпонира политичкиот наратив и така да се претставува како „џам нова партија” во македонската политичка понуда. Па нели така прават успешните компании, кои нам дома ни се продаваат и како партии?!

А кога можат со таква неподнослива леснотија да се ребрендираат  и двете партии-компании од власта, зошто не би можеле со исто таква леснотија да ја ребрендираат државата со која неприкосновено владеат полни четири години. И онака ја сметаат за своја приватна своина и наследна дедовина?! Токму толку години и виси во воздухот, некое блиско идно рекомпомирање и ребрендирањето на државата ?! Ќе го направат и тоа?!  Ребрендирањето на фудбалскиот репрезентативен дрес беше само обид во најава, да видиме на што сѐ се спремни! А спремни се на сѐ, после зеленово да се ребрендираат и во одори на следбеници на Светата Мајка Тереза, само за да покажат колку им се „милосрдни и пресвети намерите” во посветеноста кон доброто за македонските граѓани. Се сомнева ли некој во подготвеноста и за таков финален трансформациски „свет чин”?!

Тешка „спрдачина” станува практикувањето власт во Македонија. Зеленила се кинат, колку што ни зелените пазари не можат да примат. И најмалку што може е да му се замери на Али, што си ја ребрендира партијата од пруско сино во отров „Шиле зелено”. Прво, му се може, па си прави што сака, а второ тие и онака, така слатко си ја живеат својата Европа од 18 и 19 век. Впрочем, така тренди е во моментов, да се повикува на европски политики, принципи и вредности, а да се мисли на европски вредности и принципи од дамнешни векови, нели?!

А сѐ додека има „мали наполеончиња” кои ќе се фасцинираат од ваквите отрови спакувани во зелено, дури има „Шиле зелени” политичари престрашени за свој повторен градоначалнички мандат, ќе се труеме со токсичноста на владејачкиот политички наратив, подеднакво отровен како воздухот за кој и досега така „умешно и посветено” се грижеа. Како најзагадениот воздух во Европа со кого се трујат тетовчани, струмичани и скопјани, како дивеењето со дивоградби на Шара, Матка и струшкото крајбрежје, (каде и УНЕСКО беше „прогласено за умрено”), како Преспанското Езеро во неповратно изумирање, како недостигот на питка вода за пиење, и таму каде природата пред да ја доуништат, беше се погрижила да ја има во изобилие. Е токму таквите, неприкосновени уништувачи на македонската природа и национални богатства до завчера, од вчера се самопрогласени за првозаштитници на македонската животна средина.

А мириса на многу свежа европска зелена валута, па двете компании наречени власт, побрзаа која попрво ќе се преобои во најновото помодарско зелено. Отровно е, како „Шиле зеленото” и како сите нивни досегашни зеленила во политиката.

Европо, па нели тие беа доволно лудаци за задоволувањето на потребите за ново доживување? Нови мали наполеончиња така безочно се изживуваат врз малку преостанатото европско, на овие македонски простори?!

П.С. Да беа сепак Тарантино и Џармуш режисери на настанов пред „Школка”, ќе смислеа и рецитал на македонски во интерпретација на Али, и тоа на стиховите од Лорка, „Зелено, те сакам зелено”!  За уште посилен „дојам”, во зеленилово од петпартачки приказни, на кои наскоро ќе треба да заборавиме! Секое чудо за три дена, најголемото, еве за четири.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.