Предраг Димитровски

Македонското партизанско движење во својата основа пред се е националистичко, а потоа комунистичко движење. Во нивната пропаганда за цело време нагласувањето е ставено на македонската национална независност…

Ова е констатација во извештајот од британската мисијата Brasenose, предводена од извесен капетан Мекдоналд, датиран од 3 јануари 1944 година во кој се опишува состојбата со партизанското движење во делот од Македонија, што само неколку месеци подоцна ќе стане посебна федеративна единица во новата заедничка Југословенска федерација.

Од оваа временска дистанца веројатно никој, ама апсолутно никој не можел ни да претпостави дека наследниците на истите тие комунисти, кои се именуваат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, денеска ќе еволуираат до едно ново, сосема спротивно ниво. Ниво против кое се бореле нивните татковци и дедовци, а се именувало како нацизам и фашизам!!! И да биде иронијата на судбината уште поголема, во предизборието и во пресрет на официјалната изборна кампања како „човечки ѕверови“ ќе се нафрлат врз техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, Еврејка од Македонија, промовирајќи ги антисемитизмот и ксенофобијата како нивна „новододадена вредност“!!! Вистинска трагедија.

Зашто, таа и таква „новододадена вредност“ немаат ништо заедничко ни со историските факти, ни со традиционално добрите македонско-еврејски односи, како односи меѓу два мали, но блиски и со векови напатени народи.

Тоа што поранешниот премиер и актуелен лидер на социјалдемократите се јави со ФБ статус за да побара коректност во настапите и на социјалните мрежи и од приврзаниците на сите политички партии, вклучително и неговиот СДСМ, е само фрлање прашина в очи. За „човечките ѕверови“ треба одговорност од секаков вид и тоа со име и презиме. За да не се повторат налудничавите пораки. Во спротивно, затворањето очи пред нив и нивно ставање под тепих нема да значат ништо друго, освен поттикнување и стимулирање на антисемитизмот, ксенофобијата и говорот на омраза.

Навистина, по се што преживеавме како граѓани на оваа мала држава во изминативе неколку години, кому и зошто му требаат сеништата од најмрачното минато на човештвото? Кому му требаат пораки на фашизам, на нацизам, на Ханџар дивизијата, за ставање на Давидовата ѕвезда, повторно како знак за распознавање од другите, од поинаквите од нас, ѕвезда која за време на Втората светска војна значела смрт…?

За оние, кои ја употребија во дневно-политички партиски цели, Давидовата ѕвезда или Меген Давид е симбол на јудеизмот заедно со големиот свеќник Менора. Името го добила според еврејскиот крал Давид. Ѕвездата служела како симбол на разликување во христијанскиот свет. Во Европа, ѕвездата ја вовела Римокатоличката црква на четвртиот лутерански концил во 1215 година за да ги спречи полните односи меѓу Евреите и христијаните. Денеска се наоѓа на државното знаме на Израел.

Со резолуција на Советот на Европа фашизмот и комунизмот се две лица на една иста тоталитаристичка паричка. Македонија, за жал, не смогна сили да го осуди комунизмот и да ја прифати резолуцијата. Оттука, крајно неразбирливо, несфатливо и за отворена осуда е кокетирањето на македонските наследници на комунистичката партија со прокламираните наци-фашистички пораки.

И наместо лидерот Заев да испраќа празни фрази, без барање конкретна одговорност од своите партиски војници, би било добро да размисли дали со ова не продуцира нови поделби во општеството и самиот, лично, не станува проблем пред меѓународната заедница?!

Но, и да се потсети на зборовите на пасторот Мартин Нимлер од втората половина на 30-тите години на минатиот век: „Прво дојода и ги собраа комунистите, но јас не дигнав глас и не се побунив против тоа затоа што јас не бев комунист. Потоа дојдоа по синдикалците, но јас не се побунив против тоа затоа што јас не бев синдикалец. Потоа дојдоа по Евреите, но јас не се побунив против тоа затоа што јас не бев Евреин. Потоа дојдоа по мене. Но, тогаш немаше веќе никој останато кој ќе се побуни против моето апсење“.

Христос се роди-навистина се роди.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.