Предраг Димитровски

Да беше усвоен веќе најавениот закон за легализирање на марихуаната можеби ќе прашав дали старо-новиот премиер не седнал во некој од туристичките центри во земјата. Но, во исчекување малата Македонија да стане нов Амстердам, морам да прашам на која „вода“ е Зоран Заев? Скопската важи за одлична и не остава никакви последици по здравјето и психата, ама по се изгледа „не пиел“ од неа.

Зашто, во скандалозното интервју за бугарската агенција БГНЕС во многу ми наликуваше на ликот на Чичолина, што таму некаде во 90-тите години маестрално го играше Јовица Михајловски во култната претстава „Женски оркестар“. А, Чичолина, всушност, беше лик, кој отсликуваше Србинка во Македонија и говореше македонски само, нели, со она познато меко „л“. И во една реплика таа ќе рече:„Сум давала, сум давала, сега дури ми е криво што не сум нудела“.

И во интервјуто, нашиот премиер се однесуваше како Чичолина. Досега толку давал, давал од се што е македонско, а вчера веќе отворено и ги нудеше македонскиот идентитет, јазик, култура, историја, традиција, колективна меморија, државноста, антифашизмот…Ама немаше нешто што не и понуди на соседна Бугарија. Недостасуваше уште само да заплаче, така нежно пред камерата, за да го разубеди својот „брат“ Бојко Борисов да попушти во неговите национални црвени линии и да го тргне ветото за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Колку да не му биде криво, нели.

Гледајќи го интервјуто човек не може да остане рамнодушен. Едноставно, му заигрува утробата, добива мачнина и самиот со вчудоневидување си го поставува прашањето-зарем е можно овој човек да е премиер на мојата, твојата, нашата заедничка Македонија?! Зашто, колку петна остави и колку рани отвори, веројатно ни самиот не е свесен.

Да почнеме од претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски. Во тридецениската самостојност на државата, Пендаровски беше единствениот претседател, кој по изборите не беше оспорен од ниту една политичка партија. Релациите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги наруши многу подоцна. Според Уставот, Претседателот ја претставува државата пред светот. И премиерот Заев за личноста, која ја претставува државата, ќе рече дека не е искусен политичар како него и оти не бил внимателен со зборовите кога рекол дека бугарската политика нема излезено од матрицата на Живковизмот.

По ова, со каков интегритет Пендаровски ќе продолжи да ја извршува претседателската функција? Со интегритет на млад аџамија, без политичко искуство, кој не знае што зборува пред домашната и светската јавност! Со оглед дека ни карактерно, ни политички не наликува на Зоран Заев. Или, поточно речено, не е политички праматар, кој те гледа в очи и те лаже, а во даден момент и дете од мајка ќе продаде. Но, работата не е во тоа, туку во фактот што удирајќи го од земја претседателот, Заев ја удри од земја државата Република Македонија. Сега некој со право може малициозно да забележи дека кога може да го е*бе народот, зошто да не може и државата!

И на сето ова претседателот Пендаровски одлучи да не го коментира Заев. Тоа е негово право и избор. Но, факт е дека државата го изгуби претседателот, а Заев си доби личен претседател!

Само пред десетина дена Скопје го одбележа Денот на ослободувањето. И тогаш скопскиот градоначалник Петре Шилегов влезе во клинч со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која го обвини за Титовата тура и величење на југословенскиот „диктатор“ Тито. Неговиот одговор, парафразирано, беше-глупости! Притоа поврдувајќи дека Скопје било ослободено од бугарските фашисти и наведувајќи го бројот на жртвите. Првиот човек на Боречката организација, пак, Трајко Стаматовски во својата изјава наведе дека тие, борците, многу добро знаеле против кого се бореле.

Шилегов и Стаматовски знаат кој и од кого го ослободил Скопје, но нашиот премиер сега излегува со нова „историска вистина“, која нема допирни точки со реалноста. Се разбира, во обид да се ослободи од бугарските обвинувања за југословенството и Тито. Па, фашистичката окупација од страна на царска Бугарија ни ја продава како администрација и со квантен скок од три години скока до 1944 година и Оточественофронтовска Бугарија. За него временскиот меѓупростор е равенка со двеста непознати.

Е, нешто што не оди, не оди и точка. Не што ни наметнува граѓанска војна, не што ги прави партизаните обични терористи, не што и мртви се превртуваат в гроб, не што прави луди и живи сведоци на настаните, туку бесрамно, ниско, бескрупулозно им ја крши кичмата на македонските историчари. Како сега историчарите во заедничката комисија ќе бранат било кој научен став? Зашто, во самата реторика се препознава чисто бугарскиот потпис и потписот на професорот Мале Денков. Ако бугарскиот европратеник Андреј Ковачев забележува дека не може до пладне да се говори на бугарски, а попладне на македонски јазик, или обратно, што и не е толку важно, овие двајца, ете, цел ден говорат на бугарски.

Констатацијата на Заев дека Југославија била таа, која ги делела двата народа, директно значи дека вината паѓа и на „диктаторот“ Тито, но и на пројугословенските македонски политичари. Далеку од тоа дека немало такви, но во тој контекст Заев е должен да даде одговор и на прашањето за местото и улогата на првиот претседател на самостојна Македонија, Киро Глигоров. Зашто, не може да се колне во човекот со бројот 001 на партиската книшка на неговата партија, а пред официјална Софија да го претставува како „истрошен“ Ју-политичар.

А, ако навистина сака да се ослободи и од Тито и од југословенството има начин. Само дали ќе има м**а за тоа со оглед на последиците? Ако, на пример, се согласи на рехабилитација на жртвите македонски Бугари на комунизмот, тогаш тоа ни случајно нема да може да го стори без историска рехабилитација на „крвникот“ Иван Ванчо Михајлов, без ревизија на врховизмот како линија на работа на тајните служби, што се водела до 2000 година и рехабилитација на сите оние, кои страдале и биле водени по таа линија. Ако се отвори тоа клопче, навистина не знам каде ќе биде крајот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.