Предраг Димитровски

„Мојата војска е прогерманска, мојата сопруга е Италијанка, мојот народ е проруски. Јас сум единствениот пробугарин во оваа земја“.

Оваа антолигиска изјава на бугарскиот цар Борис III останува длабоко врежана во историјата на Бугарија и бугарскиот народ. И веројатно нема човек не само во Бугарија, туку и во нејзиното поблиско и подалечно соседство, или нивните старо-нови „ослободени земји“, па и добро упатените во историјата на нашиот источен човек, кој не ја знае.

Гледано од оваа временска дистанца, неговата мисла и ден денес не губи од својата актуелност. И ако, на пример, се направи обид неговите зборови да се преточат во современата македонска реалност, преку реториката и однесувањето на нашиот почитуван, достоинствен и честит премиер Зоран Заев, тие би можеле да се сведат на следното:

„Мојата војска е пронатовска, мојата сопруга е Струмичанка, мојот народ е проевропски. Јас сум единствениот промакедонец, не кажувам пробугарин во оваа земја“.

Зашто, денес, нели, стана коњуктурно да си пробугарин.

Добро сега, за ова единствениот може и отворено да се дебатира. Не само заради македонските или Бугарите во Македонија, туку и умните, експертски новокомпонирани или подоцна освестени ревизионисти и „ребугаризатори“ на Македонците, кои во својство на современи Европејци сега си ги бараат своите „историски корени“ за да можат да ја оцртаат нашата „современа реалност“. За почеток, бројчано претставувајќи се како малцинство во Република Македонија. Ама кај и да е, нивните напори треба да создадат мнозинство. Друго е прашањето кој и како ќе ги мери бројките. Впрочем, тоа и не е важно. Важна е тенденцијата.

А, таа тенденција претставува резултат на престројувањето во од на домашната политичка сцена, особено во владејачкиот СДСМ. Тоа е она кога Киро Глигоров и Бранко Црвенковски стануваат историја, а Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски сегашност и иднина. Само останува нејасно која е линијата за разграничување меѓу историјата од една, и сегашноста и иднината, од друга страна. Дали југословенството, дали просрпството, дали пробугарството, дали (анти)македонизмот, дали антифашизмот, дали „длабоката држава“, дали европејството, дали НАТО припадноста?! Или се на купче заедно?!

И затоа сега кога ќе се постави прашањето кој го ослободил Куманово во текот на Втората светска војна, од припадниците на истата владејачка партија, која го презема континуитетот на Комунистичката партија на Македонија, ќе добиете различни одговори. За едни македонските партизани, за други „бугарската антифашистичка војска“, за трети и едните и другите заедно. Вистината, веројатно, треба да претставува нејасен микс од сето ова, ама не и таа што досега се изучувала, зашто се уште не се знае каде припаѓа-дали во „историската вистина“ или „во историската реалност“.

Специјалниот Владин претставник за Бугарија, професорот Владо Бучковски, имаше кратка, но бурна и исполнета со средби и разговори посета на официјална Софија. Од сето видено и слушнато стана јасно дека однесе и предаде некаков нон-пејпер за чија содржина никој жив во земјава не е запознат. Тоа останува привилегија само на Заев и неговата Влада. Сите други се само обична раја, која треба да го проголта тоа, што ќе и се сервира на масата со вкусен и незаборавен та(р)тар сос.

Добро е што бугарскиот премиер Бојко Борисов одлучи целата средеба да се пренесува во живо, иако можеби навидум делува недипломатски. Борисов уште еднаш ни испрати идентична порака како таа по средбата со министерот за надворешни рфаботи Бујар Османи. Само тогаш рече дека историјата нема да ни прости ако не се постигне компромис, а сега новите генерации. Настрана тоа што досегашните уцени и условувања одеднаш станаа компромис, што треба да се постигне на маса. За каков компромис и за каква маса говори, допрва ќе треба да разбереме. И да, да повторам уште еднаш, не историјата, не новите генерации, туку ни Господ нема да му прости ни нему, ни на неговите најблски соработници, што си поигруваат со судбината на денешната генерација Македонци, длабоко орајќи по нивните етнички и национални корени и сосила наметнувајќи им ги како бугарски.

Зашто, кај и да е, на Македонците ќе им се наметне не во Еурусалим, туку во Софија да одат на аџилак. За „прочистување на грешните македонски души“ и „покајание за нечистата совест“, што се бореле и избориле за сопствена држава, која само „случајно“ се совпаѓа со териториите од големиот бугарски Сан-стефански сон.

А, како нема тоа да се случи кога еве и премиерот Заев сега ни обелоденува дека и Борисов преговарал со Ципрас за Преспанскиот договор. Се борел, се јавувал, се залагал пред неговиот тогашен грчки колега. Нормално. Како и безброј негови претходници со векови наназад, и тој си ја сака Македонија како „своја земја“. Впрочем, како и сите соседи. Или ај да ги оставиме нив на страна.

Па, со ваков премиер, кој во политиката го внесе сопствениот пазарџиски, праматарски бизнис интерес, Македонија ќе си ја добие на тацна, онаква каква што си ја сака и посакува. Не треба ни телефон да крене. Додека има овци, ќе има и волна, вели една народна поговорка.

Со Преспанскиот договор, или тоа дипломатско ремек-дело, како такво ни го продаваа нели, Ципрас ни ја одзеде идентитетската придавка македонски/а/о и национално не деноминира. И Македонци останавме само по дома, а ако треба со документ да докажеме дека сме тоа, тогаш ќе добиеме три коси црти во него. Борисов, пак, со Договорот од Софија „само ќе ни ги земе и смени корените“. И ќе не остави да вегетираме. Додека сите заедно, колективно не дојдеме до едноставниот заклучок дека сите се раѓаат за да умрат, само Македонците за да изумрат. Зашто, нели, дрво без корен не бидува.

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, пројавувајќи добра волја, ни вели дека хероите од „заедничката историја“, што значи и од „заедничката борба“, тие не сакаат да бидат само бугарски, туку заеднички. Ама не кажува на кои херои мисли. На тие до 1918, на тие до 1941, на тие до 1944 година, на тие до 1991, на тие до 2017 година? Ги има многу. Во зависност од историските услови и околности, но пред се од историскиот наратив.

Еве, малку дилеми за размислување. На пример, заеднички ќе го славиме Гоце Делчев, Даме Груев…заеднички ќе ги чествуваме Влахов и Дрангов… А, дали заеднички ќе ги чествуваме Кузман Јосифовски-Питу, Мирче Ацев, Цветан Димов, Раде Јовчевски-Корчагин, Димитар Ѓузелов, Мане Мачков…?

Овие последниве, сите влегуваат во периодот до 1944 година, што ќе рече Красимир Каракачанов, во времето на „граѓанската војна“ во Македонија, период во кој, нели, на територијата на денешна Република Македонија имало Бугари или македонски Бугари, се едно, но не и Македонци? Тие тогаш „биле планирани во Титовата прва петолетка“.

Или, што ќе правиме со веќе постигнатата согласност меѓу историчарите за заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј? Сега како ќе ги чествуваме-како бугарски или сесловенски просветители? Или не е важно. Важно е на софрата за обичната раја да има богата трпеза со вкусен и незаборавен та(р)тар сос.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.