Петар Поп-Арсов

Некогаш, за време на Македонија додека беше во состав на Југославија, работел некој комунистички функционер со сериозни партиски заслуги. Заслугите далеку го надминувале степенот на неговото образование. Како што поминувало времето така и функционерот полека го наметнувал својот личен авторитет врз граѓаните, до степен кој почнал да и пречи на комунистичката партија. Се мислеле во партијата што да прават со својот другар и решиле да го испратат на дипломатска мисија во некоја земја како конзул. Го викнале во Комитетот и му ја соопштиле веста дека планот е да замине надвор од земјата.

„Каков конзул?!“, револтирано возвратил функционерот, удирајќи силно со тупаница по масата.
„Ќе бидам вицеконзул!“, бескомпромисно возвратил во согласност со нивото на сопственото образование и познавањето на „чиновите“ во дипломатската служба.

Поентата од оваа анегдота ќе ја видиме подолу во текстот, но најпрвин да си ја фатиме со ред темата на колумната.

Мултиетнички народ?!

Каков е тој народ? Кое е неговото име? Кој е неговиот јазик? Каков е неговиот фолклор, обичаи, култура и традиција? Има ли сопствена историја? Кој е неговиот идентитет? Каде е неговиот корен?

Прашања кои неминовно се наметнуваат како последица на формулацијата на македонскиот премиер за „неговиот народ“ и земјата со која владее.

Повод беше венчавката на градоначалникот на скопската општина Центар, Саша Богдановиќ. Настан кој испровоцира бројни реакции, кои како по правило завршија со уште една во низата навреди и омаловажувања на македонскиот народ и македонската држава. Венчавката на Богдановиќ создаде прилично непријатна ситуација во самата македонска владејачка гарнитура, особено оној медиумско-естраден дел кој дефинитивно беше вишок и преголем залак за голтање дури и за „слободоумниот демократ“ Заев.

Ни пет-ни шест, туку директно ни кажа, никој не смее да ги повредува чувствата на неговиот „мултиетнички народ“!

Венчавката на Богдановиќ му дојде како кец на десетка во неговата партија “all in” за да упати уште едно понижување кон македонскиот народ во пресрет на разврската со бугарските закани за блокада на македонските евроинтеграции. Веројатно човекот си мисли дека секоја изјава на штета на македонскиот народ ќе делува смирувачки на разгоропадената власт во Бугарија, особено пред извесното губење на довербата од сопствениот народ. Исто така, Заев се обидува да ја превенира и инхибира реакцијата на коалициониот партнер ДУИ, кои можат сериозно да му замерат за однесувањето на неговите сопартијци.

Во однос на поимите нација и народ постојат повеќе толкувања кои одат од крајност во крајност. Тоа е таков феномен кој што не може да се дефинира на еден начин, при што поедини различни толкување можат да бидат меѓусебно спротивни. Генерално кажано, секоја земја поимот нација го толкува онака како што и налага нејзиниот политичкиот интерес. На крајот од денот, овој поим во себе содржи исклучително изразена политичка компонента.

Постојат неколку релативно логични толкувања за поимот нација и народ, при што ќе го задржам правото на моја лична субјективност во дефинирањето на овие поими. Во принцип нацијата се дефинира како заедница формирана брз база на заедничка територија, јазик, етничка припадност, историја, култура итн. Нацијата како поим може да има доминантно политички карактер, односно таа да претставува збир од сите граѓани/државјани на една држава. Според овој пристап на дефинирање на поимот нација, истата е составена од сите граѓани кои што живееат во една земја независно од нивната етничка припадност.

Од друга страна, нацијата како поим може да има исклучително етнички карактер и да претставува збир на сите припадници на еден етникум, независно каде и да живеат во светот. Всушност вторава дефиниција претставува поистоветување на поимите народ и нација и истата всушност претставува дефиниција за поимот народ. Ова значи дека во исто време постои и идентичност и суштинска разлика меѓу двата поима, во зависност од тоа на кој начин се набљудуваат.

Народ кој формирал сопствена национална држава претставува нејзин конститутивен и мнозински елемент. Во други земји каде што живеат претставници на тој народ истите претставуваат национално малцинство, нормално, под услов да постои значителна бројка на претставници и истите да се признаени како такви.

Македонскиот народ во сопствената земја претставува мнозински народ, додека во соседството и останатиот дел од светот истиот претставува национално малцинство. Некаде е официјално признаен, некаде не, но во суштина е тоа. Секој припадник на македонскиот народ, кој што се родил и живее надвор од Македонија, не мора да значи дека е припадник на македонската нација во политичка, односно граѓанска смисла. Но, во етничка смисла, да, дефинитивно припаѓа на македонската нација.

Затоа, бизарните изјави на премиерот Заев за некаков „мултиетнички народ“ дополнително создаваат конфузија при толкувањето и дефинирањето на поимите народ и нација. Ваквите несмасни „оригинални“ формулации, потсетуваат на претходните „оригинали“ на еден друг лидер, кој што успешно го маскираше својот пристап при дефинирање на мултиетничкиот карактер на македонската нација (нација според граѓанство), користејќи го поимот „народот на Македонија“. Ваквите експериментални формулации претставуваат пробен балон или веќе одамна започнат процес за редефинирање на идентитетот на македонскиот народ?!

Национално малцинство или етничка заедница?

Во однос на дефиницијата на терминот национално малцинство, може да се каже дека дури ни Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа не содржи дефиниција за тоа што претставува национално малцинство. Причината е едноставна, сеуште не постои општа дефиниција за која се согласиле сите земји членки на Советот на Европа. Секоја земја располага со простор да процени кои групи граѓани треба да бидат опфатени со Конвенцијата на нејзината територија. Заради ваквата недореченост во однос на ова прашање има постојан конфликт и тужби пред Судот во Стразбур.

Терминот национално малцинство со кој се дефинира положбата на еден етникум во една држава, претставува сериозен статус на тој етникум во рамки на конкретната држава. Покрај малцинствата кои претставуваат дел од народ со сопствена национална држава, постојат и малцинства кои како народ во целина немаат сопствени национални држави.

Најкарактеристичен пример за ваков тип на малцинство присутен речиси во сите европски земји и пошироко е Ромскиот народ. Токму за таквите малцинства најблиска и најточна дефиниција би бил терминот етничка заедница.

Тука доаѓаме до нашиот Охридски рамковен договор и неговиот двосмислен и експериментален карактер. По потпишувањето на овој договор, Македонија е дефинирана како држава на Македонскиот народ и делови на албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот и други народи. Текстот од Уставот во продолжение не го содржи терминот национално малцинство, туку во употреба е терминот етничка заедница. Во терминолошка смисла постои целосно изедначување на претставниците на народи кои имаат свои национални држави (албанците, србите, турците и бошњаците) и оние кои немаат (ромите и власите), и сите се сместени во поимот етничка заедница.

Доаѓаме до поентата!

Силните „борци за етнички права“, кои со војната од 2001 година предизвикаа уставни измени, го сведоа својот народ на етничка заедница. Испаѓа како македонските албанци, срби, турци итн. да немаат врска со нивните матични држави и не претставуваат нивно национално малцинство во Македонија, туку се некоја етничка творба која самата себе се дефинира под поимот албанец, србин, турчин итн. Откажувањето од терминот национално малцинство и прифаќањето на терминот етничка заедница дефинитивно беше чекор назад, како што сега е чекор назад употребата на терминот „мултиетнички народ“ или претходно терминот „народот на Македонија“.
Многу експерименти и многу експериментални термини на оваа македонска земја. Многу понижувачки и пред се самопонижувачки термини со кои самите на себе си ја нанесуваме најголемата штета.

Тоа е, конзулот самиот посакал да биде вицеконзул!

И повторно свадба!

Сега, кога вниманието треба да биде фокусирано на неколку клучни работи, односно на справувањето со медицинските и економските аспекти од Ковид пандемијата, како и на зачувувањето на македонските позиции и отпочнување на преговори со ЕУ, „македонската политичка естрада“ прави свадби и венчавки. Немам ништо против тоа секој да си го организира личниот начин на живот во согласност со традицијата и културата на народот на кој што припаѓа. Но, во услови на рестриктивни ковид мерки, казни за неносење маски, ограничено работење на образовните институции, намален обем на работа на фирмите и постојана закана од отпуштање од работа, и особено зголемената политичка сензибилност во периодот по потпишување на договорот меѓу Белград и Приштина, венчавката на Богдановиќ претставува еден тотално непромислен потег, а нејзината медиумска покриеност е класична провокација во повеќе правци.
Воопшто не зачудуваше „медицинската“ реакција на Филипче, кој некако неубедливо влезе во конфронтација со сопствениот сопартиец. Уште помалку зачудува „политичката“ осуда на чинот, зачинета со „генијалната“ формулација на премиерот Заев за неговиот „мултиетнички народ“, земајќи го на себе товарот на прв бранител на повредените чувства на неговите коалициони партнери.

Јас колку што знам, Србите на Косово немаат проблем во негување на сопствената култура и традиција. Како што гледаме, ни Богдановиќ немал проблем истото да го стори како Србин од Македонија. Секако дека не би имал проблем чинот на венчавањето да го направи и во македонските православни храмови. Но, така решил и така сторил. Негово право. Меѓутоа, од изјавите што ги слушнавме од „екипата на Богдановиќ“, која што беше дел од свечениот чин, разбравме дека практикувањето на верските права и слободи, како и практикувањето на културните традиции во Македонија, не се ограничени само поради постоењето на Ковид пандемијата, туку дека постои нешто многу посериозно кое директно ја посочува Македонија како земја во која постојат ограничување на верските права и слободи. Зачудувачки интересни пораки беа испратени од страна на претставникот на македонските власти.

Таква ни е сегашната владејачка гарнитура! Негација самата на себе! Негација на сопствениот народ и држава со кои што владеат и кои што постојано ги понижуваат и омаловажуваат! Заслужуваат ли таква доверба?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.