Васко Шутаров

(Или каде плови…. „Сплавот наречен Медуза”?)

Беше зима, имаше сонце и движевме слободно. Недалеку од седиштето на македонската дипломатија, маж пресретнува група млади од азиските земји и ги снима, викајќи им погрдно, „Мрш, коронавирус, мрш”! Беа тоа денови, во кои добиваа јавност информациите за ширење на заразен вирус, од далечниот кинески Вухан. Во Скопје доаѓаа и движеа туристи, како и оваа група млади од Јужна Кореа, дојдени во мисија посветена на толеранцијата и мирот.

На праг на летото сме, има и сонце, но движење нема. Државните граници одамна се веќе затворени. Tуристи нема ни за лек. Вухан, завчера заврши со тестирање на десет милиони луѓе. Немаат повеќе коронавирус. Америка врие. Што од пандемскиот вирус, што од немири предизвикани од грозоморно убиство, со расистички предзнак. Низ бројни градови во светот, прв пат после карантинското затворање на јавните простори, се одвиваат масовни јавни протести предизвикани од насилната смрт на Афроамериканецот Џон Флојд.

И Македонија врие. Ама на свој начин. Нема експлозија од незадоволство. Коронавирусот си го расадуваме, како да е наш автентичен продукт. Имаме најмногу заразени и починати во регионот, по сите параметри. Границите ни стануваат бедем, остануваме затворени како најзатворената држава во светот. Онаа, северно од татковината на туристите, по кои сред Скопје им се довикуваше „Мрш коронавирус, мрш”. Не, нема расизам во нашата држава. Таман работа. Си имаме ние други маки. Си се делевме до вчера по етничка и верска линија на подложност и толеранција кон вирусот, денес по меѓуопштинска и меѓуградска, скопско-охридско-дојранска, утре по квартално-маалска, улична, меѓукомшиска толеранција, подложност и преносливост на вирусот. Дури не имплодираме одвнатре. Тивко мантрајќи кон другиот, веќе сè поблискиот „мрш, коронавирус, мрш”

Цената на величината се нарекува, одговорност

Вториот алармантен пик се поклопи и со тригодишнината од владеењето на актуелната власт. Власт, која деновиве вперуваше прст кон народот, сметајќи го за неодговорен. И секако виновен, за сите несреќи што во меѓувреме паѓаат најмногу врз него. А, требаше да биде одговорна власт. Затоа и беше октроирана. И инструирана, во почетоците да менува неодговорни функционери. За некој преслободно напишан стих (во слава на некој одамна испушен џоинт) или да лета некој од фотеља, затоа што премногу летал како за свои години во првиот месец од власта. Во меѓувреме, за неполни три години, се случија тони и тони истурени отрови, невистини и лаги кон оние што не мислат во ист такт и ритам на власта, хектари и хектари плантажи со созреана марихуана и хеликоптери и специјални авио летови, за приватни ручеци, приватни зделки, хирови и секакви пориви, на првенците од власта. Вакцинирани од срам и скромност. И вакцинирани, од секаква одговорност.

Ако е вистина дека народот има онаква влада каква што заслужува, кога ли ќе заслужи, да ја нема?

Влегуваме во четвртиот месец, како коронавирусот полека и сигурно метастазира во диктатура и се размножува во хаос. И што научивме? Дека државата и власта кога не ги бива работите, најлесно си го предаваат народот и директно вперуваат прст кон неодговорното граѓанство. Па, снегулката станува виновна за стрмоглавото тркалање на лавината што носи сè пред себе, а прелетот на пеперутка во Мариово, за здравствената темпирана бомба во Скопје, Липково или Тетово? Или пишувачот на гневни пораки на социјалните мрежи, станува виновен за она што станува познато не како италијанско, туку оригинално македонско сценарио за влегување директно од прв во уште пострашен, втор пик на пандемската зараза.

Се одбројуваат деновите во кои ќе може и уште и повеќе, како компензација за сопствената немоќ, власта да ги радикализира мерките против оние за кои е обврзана да ги штити. За здравјето станува збор и повеќе компромиси со дневното декларирање алармантно високи бројки на заразени и починати, не може да има. Тенка, претенка е линијата, помеѓу наметнатиот страв и пробудениoт гнев. А патем, да не се залажуваме дека истите тие граѓани, не разбираат дека, сè додека државата им служи само на оние кои премногу имаат, како што во меѓувреме се прави, нема да има ни денес ни утре, подобро здравство и подобрено јавно здравје. Во меѓувреме, за помали зла од нашево, министри за здравство си поднесоа оставки. И се справија со здравствената криза, неспоредливо подобро од нас. И затоа, одговорност мора да има!

Да почнеме од здравствените и политичките власти. И од она што и во комунизмот и денес се нарекува комисија. Невидлива, а семоќна. И непогрешлива. И тогаш се велеше-комисијата е збир од луѓе, кои поединечно не можат ништо да направат, но заеднички може да се усогласат, дека ништо не може да направат. И уште, ако сакаш да не се заврши и разводни една работа, формирај комисија. На крајот од денот и точно така излезе. Каде погрешија?

Најнапред во тоа што не предвидоа, во сите можни мерки и протоколи и во таа неограничена моќ за барање одговорност и дисциплина од сите, место и за сопствената одговорност. Нема безгрешни во ниедна професија, макар тоа биле и здравствени авторитети. Второ, колку повеќе го слушаа политичкиот диктат и советите на маркетиншките агенции, толку повеќе и грешеа. Само политички избрана комисија, може така поданички да ја слуша власта. А можеше досега, малку повеќе да го ослушнуваше и разбираше контекстот во кој мерките и протоколите требаше да се применуваат. Третиот проблем, тоа е контекстот. Тој збир од специфики на една микро-средина, специфики од културолошка, верско-обичајна, јазична матрица, на која никој не обрна посебно внимание. Само отуѓени, затворени и крајно самобендисани луѓе не се способни да го препознаат и комуницираат контекстот во кој делуваат. И тука свечено, како бродови во ноќта, почнаа да се разминуваат и властите и граѓаните. И тешко, дека во оваа епидемска бура, повторно ќе се пронајдат. А требаше само два принципи да се испочитуваат: едуцирај, едуцирај, едуцирај и тестирај, тестирај, тестирај!

Владата е едро, народот ветар, државата брод, а времето море.

Остана ли барем малку време, да опстои бродот во силно разбрануваново море, во кое ветрот и едрата, се кршат и удираат едни наспроти други? Ако се случи најитна промена во начинот на комуницирање помеѓу здравствените и политичките власти, може и да куртули бродот. За да не остане од него, нешто налик на „Сплавот наречен Медуза”. Затоа, најитно е потребно ангажирање и на лекари кои не се само именувани миленичиња од власта, врвни социолози кои добро го познаваат општественото милје, претставници на граѓанскиот сектор, верските заедници, локални и општествено признати авторитети, на сите државни и локални нивоа. И секако, поголемо уважување и вклучување на опозицијата во овие клучни за опстанокот на државата процеси, во овие броени недели или денови.

И најважното и најитно! Дајте, затворете му ја устата на секој оној, што среде ваков алармантен втор заразен пик ќе проговори за избори. А најмногу на оној што и не престана во меѓувреме да зборува, сè подраматично и понеартикулирано, само за избори. Денот, во кој работите сè уште беа под контрола, а кога почна на сите ѕвона да се ѕвони за брзи избори е денот, во кој почнавме да ја губиме здравствената битка. И сите други битки, поврзани со неа. Тоа е денот после кој, тешко повторно се ставаат работите под контрола. Бидејќи ноќите во кои граѓаните беа затворени дома, се користеа за подготовки и делење предизборни пакети помош, под превезот на хуманитарна помош. И после, кога цела власт, наместо да биде вклучена во обуки, едуцирање и приближување на здравствените мерки и кон граѓаните кои не сакаа да ги прифатат или разберат, се впушти да дели рекламни флаери дека пандемијата е победена и дека граѓаните треба на брзи избори да ја верифицираат таа победа, се случи точката на зовривање. За жал, токму на заразата. Сцените во кои гледавме, како претставници на власта, за кои подоцна се констатира дека се позитивни на вирусот, делат предизборен партиски материјал на возрасни луѓе по паркови и продавници, се сцени после кои почна апокалиптичното пловење на македонскиот дел од „Сплавот наречен Медуза”. А таму, луѓето живи се јадат меѓусебно. Ви звучи позната репликава, од некаде?

А во меѓувреме, додека бродот сосем не потонал, не бранувајте толку бре луѓе! Дајте им шанса на гушкањата, лудувањата и заедничките препотувања по кафеански маси и домашни седенки и софри, за некое догледно време. Прибирајте ум, дури не отидовме и ние кои секоја минута, час, ден, недела во овие четири месеци, се откажавме од сè она што можеше да го загрози нашето и здравјето на сите останати. На ист брод сме сите и тониме сите заедно. И одиме јабана сите! И вие и неодговорните од власта и ние, што не го заслужуваме ова, да веруваме во „иш иш одговорност…и мрш, мрш коронавирус”. Никогаш поевтини не биле животите на граѓаните во оваа земја, дури некој го чеша за избори, по секоја цена.

Најдобра е онаа влада, која нè учи како да владееме со себе. Со оваа власт, не успеавме во тоа. Во меѓувреме и понатаму продолжува потрагата по барем еден достоен маж. Кој ќе каже, погрешив! Одговорен сум, поднесувам оставка!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.