Дафина Стојаноска

Сѐ почна со ноншалантноста и несериозноста, најпрво на одговорните. За првата жена, за која официјално се соопшти дека е заболена од корона, не се знаеше како ја открија, кој ја спроведе на Клиниката за инфективни болести итн… После тоа следуваше скандалот со директорката на Клиниката за дерматологија, а за сето понатаму се надевам дека веќе сите будно и внимателно следиме од дома.

Ако некој смета дека за состојбава во која се наоѓаме никој не е одговорен, тогаш нека престане со читање уште веднаш.

Не може да не се бара одговорност, уште со самото тоа што некој е назначен со нешто да раководи, односно да води. Преземањето на раководна функција, веднаш носи со себе и одговорност. Хвалоспевите за филипче кои П. Р. – от му ги организира, верувајте ми, ќе се урнат како кула од карти, штом ќе ни се случи првата жртва. А таа, како што оди работава, станува неизбежна. Никако не ја посакувам. Најмногу посакував филипче да беше страшно организиран уште од првиот ден. Тоа што тој сега не е заспан, што води по 10 – ина прес-конференции дневно, тоа му е обврска во моменталнава состојба. Јас не велам, ниту помислувам дека филипче сакал ова да ни се случи, но факт е дека филипче навреме не го презеде она што му беше одговорност и што навистина сите ќе нѐ заштитеше.

Сето ова имаше начин да се спречи или ублажи, само ако филипче на стартот останеше буден и апелираше на строга контрола при секој влез во државата. Македонија, со вакво
здравство, најдобро ќе се заштитеше од овој хаос, само ако не дозволеше влез на вирусот. Ја пропуштивме многу лесно најевтината и најсигурната можност за спас на сиот наш народ и сега сме „херои“. Не се согласувам. Херои се медицинските лица во Дебар и Жупа, заедно со луѓето од МВР и МО. Херои се сите здравствени работници во државава кои си ги почитуваат и исполнуваат своите права и должности.

Жалам што секогаш има такви кои се трудат да бидат нечива лоша копија, па така и со организираниот аплауз пред некој ден. Аплаузот требаше да им се посвети на докторите,
сестрите, на полицајците и војниците. Во овој пасус ќе се запрашам дали можеби некому ќе му дојде идеја да ги ископира Италијанците во пеењето на националната химна?…

Ниту е за шала работава, ниту е за собирање политички поени. Работава е повеќе од сериозна. А, сериозни одлуки носат сериозни луѓе и луѓе кои однапред треба да предвидат
многу работи. Ако актуелната власт не сака да учи на туѓите грешки по однос на корона вирусот, на кои самите Италијанци нѝ посочуваа, тогаш ќе учи од сопствените, но цената ќе ја платиме сите. Дали ќе прогласат вонредна или кризна состојба, одговорноста останува на нив.

За жал, останува фактот дека многу здравствени работници ширум земјава работат со по една обична заштитна маска и по 12 часа дневно, дека многу вработени во администрацијата сами си купуваат маски и ракавици (доколку истите ги најдат), дека до пред некој ден сѐуште ни влегуваа луѓе од странство во државава без посебни контроли, освен одговарање на прашања, дека луѓе избезумени одат од аптека до аптека и бараат маски, ракавици и средства за дезинфекција, а истите нигде ги нема, дека здравствените работници, полицијата и војската си одат дома од кризните подрачја и дека во нивните
домови е повеќе од можно да го донесат вирусот.

Заради сево ова, апелирам секој сам да мисли на своето и на здравјето на својот близок. Имам чувство како да сме оставени сами на себе, и покрај пресовите и лауреатите за
филипче. Додека власта се реши каква состојба ќе прогласи во државава, Македонија може за две недели да ја снема.

Нема да завршам со политика, но ќе потенцирам дека во тешки ситуации народот се зближува и си помага. Македонија е во светски тешка ситуација и од неа е потребно
да излеземе што „понеповредени“ и во што поголем број. Ако сериозно сфатиме дека од секој од нас зависи здравјето на секој до нас, сметам дека ќе придонесеме многу во оваа
„борба“. Победници да бидеме сите и сите заедно да не дозволиме понатамошно ширење на паника, страв и хаос. Да останеме дома еден извесен период, за што поскоро сите да
излеземе преживеани и подготвени за следно „преживување“ (економско).

П. С. Досега филипче, со неговиот П. Р., можеа да направат еден медицински „попис“, во служба на актуелнава состојба, и да знаат точно со кои медицински кадри располагаат. Тука
треба да се „попишат“ сите студенти од медицинска област, сите пензионирани медицински лица, како и луѓе со поминат курс по брза помош и слично. Луѓето во првите борбени
линии ни се изморени и ограничени во број. Доаѓаат потешки времиња следниве денови, а не сакам отпосле да критикувам, туку навреме да помогнам. Едно од лицата за овој „попис“ сум и јас. Здравјето пред сѐ!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.