Васко Шутаров

За оние кои веруваат во чуда, празнициве се идеално време да им се навратиме и помислиме на нив. Како ни велеа како мали? “Само помисли желба, силно, силно посакај и чудото ќе се случи!”. И ете, помислувам и посакувам силно, најсилно на свет, да ни се случуваат настани кои би нè оплеменувале секојдневно, со кои ќе се возвишуваме по нашите духовни вертикали, вести кои би не сплотувале во радости и слога. Да можам, обдарен со тоа чудо  да креирам таков свет и живот, тогаш и вестите со кои сме секојдневно бомбардирани би имале друг редослед. Би почнувале со ред култура, ред спорт, ред благородни и хумани мисии, ред добри образовни и здравствени практики, ред добри практики од негувањето еколошка свест…и тик, некаде пред временската прогноза, ред, два политика. Би живееле така до 101 година и назад. Пред празнициве, можеме барем еднаш годишно да ја уживаме заедно таа привилегија. Култура. Спорт. Па, политика!

Годинава што ја испраќаме, ни дава за право да веруваме во тоа, дека чудата сепак постојат. Годинава ќе ја паметиме најмногу по филмот “Медена земја”. И по шампионите од РК “Вардар”. По културата и спортот. По она што воздигнува, облагородува и сплотува. И за чудо, сплет од коинциденции. Документарниот филм “Медена земја” кој сигурно станува најнаградуван македонски документарен филм на сите времиња , е сниман цели три години. За три години пак, нашите спортски херои, ракометарите на Вардар, два пати станаа европски шампиони. Филмот и ракометот ја вивнаа државата на врвот од топ светските настани, го сплотија народот, ја поттикнаа гордоста, ја вратија радоста. Културата и спортот ни го вратија и чувството да веруваме во чуда. Сè она во што не успеа актуелната власт која го исполнуваше нашево секојдневие, исто толку  години по ред.    

Медена земја.

Медената земја е приказна за складот на човекот со природата. Атиџе е главниот лик на приказната. Жена од место без координати, село со едно единствено огниште, некаде во Македонија. Атиџе е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Таа и припаѓа на природата, на својата мајка и на своите диви пчели. Живеат во совршен склад. Еден ден во селото пристигнува семејство на сточари-номади. Гледајќи ја Атиџе, посакуваат и тие да се занимаваат и со пчеларство. Сиромаштијата и потребите на многудетното семејство, од нив прави домашни пчелари, во потрага по повеќе профит. И тоа го нарушува складот на Атиџе со дивите пчели. Принципот “половина мед за неа, половина за пчелите” е нарушен. Едно библиско совршенство на живеење со природата. Владеење на природните закони. И стигнува казна од природата за нарушувачите на таа хармонија, во медената земја. Ова е краткото сиже на оваа необична филмска приказна. Фасцинантна егзотична приказна, со која Македонија ги освои срцата и умовите на публиките низ целиот свет. Авторите се овенчаа со највисоките филмски награди за документарни и играни филмови, а Атиџе стана лик пред кој се поклонуваат филмските сладокусци ширум светот. Уште Оскарот не е освоен-а следејќи ги фасцинациите и критиките на најпроминентните филмски критичари, нашите автори на оваа необично импресивна филмска приказна можат лесно во годинава пред нас да се овенчаат и со најголемата светска филмска награда. Чудата се случуваат.

Вардар

Ракометарите на Вардар се неспорни, не само спортски херои на годинава во изминување. Како кошаркарската репрезентација во 2011 година. Ракометарите на Вардар, за втор пат во последниве три години се искачија на европскиот ракометен трон. Пред три години, совладувајќи го моќниот ПСЖ, а годинава, на патот кон титулата во Лигата на шампионите и супер-тимовите на Барселона и Веспрем. И покажаа како со максимална индивидуална посветеност во совршенството од тимска игра, се постигнуваат резултати и се освојува Европа. А потоа, со пристигнувањето дома, и како се обединува народот, сплотен во радост и гордост. Трпки и ден денешен поминуваат по кожата, кога се присетуваме на преполниот плоштад во Скопје и низ сите градови во Македонија, развиорените знамиња и сирените од автомобили насекаде низ државата. Чуда се случуваат кога тимската здушност и склад, се во фунција на победата.

Стапот. Морковот. Зајакот.

Третиот дел од приказната што ја одбележа годината, е политички. Звучи како басна, но е далеку од тоа. За суровата светска реал-политика и нашите политичари од власта, овде станува збор. Ако првата приказна се однесува на хармонијата на природните закони и осветата на природата заради нејзиното нарушување, ако втората сторија го слави индивидуалното мајсторство и жртвување кон тимското ефектуирање резултати, третава е пример како непознавањето и неразбирањето на општествените законитости и правилата на стратешките гео-политичка игри, возвраќа со општествено-политичка казна и стап за распаметување, од големите играчи во светската политика.

Приказната за стапот и морковот во политиката е стара колку што е стара и политиката. Таа е крајно сурова и немилосрдна во модерната реал-политика. Посебно сурова за непознавачите и “натуршчици” во политиката, за политичарите без став и без р’бет, инфериорните и безусловно исполнителните, какви што ги имаме, во актуелнава власт на заминување. Надвор понизни и безр’бетни, а дома сурови, арогантни, осветољубиви и лакоми. А светската голема политика, такви мали ликови, ситни души,  а лакоми на големо, просто обожава. А лакомоста и ненаситноста кон материјални блага, како придружен статус секогаш ја имаат и декадентноста. Дури мноштвото граѓани сета своја енергија ја троши за егзистенцијални проблеми и во секојдневните напори да опстојат здрави и нормални. Но, најголемиот зијан што го трпи народот, е што токму политиката им го краде севкупниот живот, станувајќи замена и за вистински живот.  Но и супститут за култура, за разонода и забава. Живот во кој единствени ѕвезди, наместо оние од културата, уметноста и спортот, стануваат оние од суровава приказна за стапот и морковот.

Можеби најтажен дел од приказнава е токму овој. Во државата на толку талентирани, интелигентни и кадарни луѓе (не случајно, десетици и десетици илјади наши млади, годинава повторно беа добредојдени во западно-европските земји), еден лик од политиката на заминување, вообразува дека е и херој и светска ѕвезда. И “one man show” забавувач и “stand up” комичар и јавач на мотори и “полиглот-есперантист” и музичка ѕвезда и гитарист на плејбек и боливудски актер и современ Итар Пејо и Бошко Буха и “пери-носи” политичар и разочаран политичар-жртва на политиката за стапот и морковот и, уште што сè не! А да, и врховен судија, специјален обвинител и несуден министер за финансии. И заштит(e)но лице на една вообразена  политичка клика, самозаборавена и уфилмувана дека е ѕвездено-блескава на европската и светска политичка сцена. Клика која безобразно манипулирајќи со потребите на гео-стратешкиот дневен ред по секоја цена да ја внесе Македонија во НАТО, ја трансферира кон ловорики и панегирики за сопствената блескава успешност. Уште убедувајќи нè и во нивната неминовност и неопходност. И ветувајќи непрестано и надвор и дома, ветувајќи и остварливо и неостврливо. И заборавајќи, дека секое ветување е идно долгување. Долгување на грбот на народот. Како и стапот од приказнава, кој по грбот на народот најсилно се чувствува.

Влегуваме во Новата, на прагот на нови предизвици сме! И на прагот, на НАТО. И за жал, со никогаш повисоко подигнат праг кон ЕУ. Баба ми велеше, на прагот ни вода не се пие, синко. А една народна вели, највисок како планина е куќниот праг. Кога ќе го пречекориме прагот на НАТО, една друга генерација политичари ќе мора да го качува високиот домашен праг, да ја оправа нефункционалнава држава, државава која тивко одумираше по сите рабови, најмногу во  годинава на изминување. И година во која благодарејќи на чудото, ја имавме и “Медена земја”, а го имавме и “Вардар”, за наша среќа. За да не направат горди, да не направат насмеани и среќни. Среќна Нова, моја чудесна земјо! И замисли си силно, најсилно што можеш, да ги испратиш во историја што побргу, овие од приказната за стапот, морковот и зајакот. Да не ни се повторат никогаш повеќе, вакви слични. И да ни бидеш вечна! Уште безброј нови Лета Господови! Насмеани и исполнети со радости, нови лета и години!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.