Васко Шутаров

Колку често кога тргнувале работите наопаку, популарните Марфиеви закони знаеле да нè насмеат или барем успокојат, затоа што во најмала рака имаат вистинска универзална употребна вредност. Пишувани и собирани од средината на минатиот век, не губат од својата актуелност и свежина ни до ден денешен. Напротив, само се потврдуваат, надоградуваат, усовршуваат. Како што ни се усовршуваат животните апсурди со кои се соочуваме. Денес има толку многу варијанти и погрешни толкувања на зборовите на Марфи, што само го потврдуваат уште толку законот на Марфи. А ја потврдуваат и жилавоста на најчудните животни законитости, дека непоправливоста нема граници и мерки, како што и нашиот прилог кон тоа совршенство од несовршености, нема граници.

Еве еден сет потврдени во безброј прилики, закони, последици и варијанти од законите на Марфи. „Ако има два или повеќе начини да се направи нешто и еден од тие начини може да резултира со катастрофа, тогаш некој сигурно ќе го направи тоа.“ А, уште и: „ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне”. „Доколку нешто едноставно не може да тргне наопаку, во секој случај ќе тргне”. „Оставени сами на себе, работите имаат тенденција да одат од лошо кон полошо”. „Ако се чини дека нештата се одвиваат добро, очигледно сте занемариле нешто”. Звучи познато? Звучи препознатливо и реално? Да, Марфи совршено добро се вклопува во нашите животи, како да живее во нашето маало, во нашите сокаци од нашево време, со нашите животни згоди и незгоди. Додуша, незгоди малку повеќе од згоди. Но, нејсе.

Што би кажал Марфи на пример, за македонскиот избор за најпопуларен светски политичар? Според истражувањата на Галуп објавени деновиве, најголем дел од анкетираните граѓани во Македонија, се определиле за турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Ангела Меркел е втора на листата на популарност, Владимир Путин третопласиран? А најголем број македонски граѓани си го сакаат ЕУ и НАТО, ама и турските серии подеднакво им се мили, ем драги. На светско ниво, Ангела Меркел и Емануел Макрон се политичари кон кои се најблагонаклони анкетираните граѓани од 57 земји, а Владимир Путин и Доналд Трамп имаат скоро идентични негативни перцепции, но поголем процент испитаници и кај нас и во светот, имаат поголеми симпатии кон рускиот претседател. Но, да се вратиме на Марфи, од нашето соседство, кој сигурно би нашол неколку згодни и пристојни мисли за нашата, скоро па едногласна благонаклоност кон ЕУ и НАТО (барем според актуелниов политички наратив во државата) и високата благонаклоност кон Владимир Путин, истовремено. Или, можно ли е очите да ни гледаат кон запад, а срцата да си чукаат по ритмот на „источниот грев”, би се прашал и Марфи. Или, што правиме со велешани кои му ја одредија судбината на Доналд Трамп во актуелниов мандат? Дали ваквото топло-ладно кон американскиот претседател во македонскиот дел од анкетите, во најава само им ја крева цената на останатите градови, пред трката за избор на нов американски претседател? Шегата на страна! И за Марфи ова е премногу. Со лесно нека е!

Но, сериозно индикативно e расположението на македонските граѓани на оваа анкета. Најпрво, изборот е паднат на несомнено авторитетни и моќни политичари, кои пред сè држат и се борат за својот национален интерес, истовремено креирајќи ја светската, европската и пред сè балканската политичка мапа, според принципите и вредностите на своите стратешко дефинирани и конзистентно спроведени политики. Не е случаен и падот на популарноста на францускиот претседател во овој наш контекст, инаку најпопуларен светски политичар на истава анкета на светско ниво, до пред две години. Оттука и не чуди македонскиот избор, но и „непринципиелната збрка” на врвот од најпопуларни политичари. Критериумот е лесно препознатлив и се состои во благонаклоност кон постојаноста во профилирањето на своите политики, достоинството во служењето пред сè на државниот и националниот интерес. Стаменоста во промовирањето и бранењето на државниот, националниот и јавниот интерес на граѓаните на нивните земји, што го препознаваат како факт и нашите граѓани. Токму она, што нашите граѓани не го препознаваа во власта на заминување, во својата држава. А очигледно го посакуваат. Можеби засега молчешкум, но еве и на ваков начин пројавен и артикулиран. А влијанието на турската културна дипломатија, привлечната мека политичка моќ на турските серии и турските продукти, постојаноста во остварувањето на целите дефинирани во стратешката длабочина на турската надворешна политика, очигледно исто така дава резултати.

Ако некаде Марфи и неговите закони владееја изминативе неколку години, тоа родно место со сигурност се вика, македонски законодавен дом. Во овој наш собраниски случај, за жал, само се потврдува бескрајната длабочина на фундаментот од апсурди, со кој се соочуваме секојдневно, следејќи ги собраниските дебати. „Дупките се секогаш подлабоки отколку што изгледаат”, потсетува Марфи од нашето соседство. Дупките, на пример на на патот за носење на Законот за Јавно обвинителство, кој го покрива целиот наш хоризонт, а гледаме дека „секое ново решение само го менува проблемот”? И како да не се запрашаме и Марфи и ние, „ако не можете нешто да разберете, тогаш е нешто очигледно”? Очигледно е дека, под превезот “јавно” за кој најголем дел од јавноста, оптоварена од секојдневни грижи посебно и не се возбудува, се крие потенцијално загрозен приватен интерес на најгласните, а тоа очигледно се претставниците на власта во заминување. И по цена на нова серија правење глупости, со нанесување на конечниот завршен удар на правото и правниот систем, во Собрание кое впрочем, веќе требаше да биде распуштено. И по цена, стручната фела да го оценува новиот закон како збир од „будалаштини”, за кои патем, „студенти би паѓале на студии по право”.

„Што и да сториш, невозможно е да бидеш отпорен на будали, бидејќи будалите се толку инвентивни”, ќе рече тивко како за себе нашиот Марфи, од нашето маало. Но, има ли кој да го слушне? На пример, министерка за правда, професорка по уставно право и македонска претставничка во Венецијанската комисија? Или сето тоа, заедно споено во апсурдно, едно? Напишете си слободно, министерке во заминување наслов на законов, “како мали Ѓокица го замислува јавно-приватното обвинителство” и после чудете се „зошто ако нешто тргнало наопаку, да не тргне три пати повеќе наопаку”?

Само кај, нас и по Марфи- доаѓа Марфи. После најмарфиевската влада во заминување, со најголем процент дневни апсурди по глава на министер, нова пиротехника од апсурди нè бомбардира од секаде, но најмногу од техничката влада. И не е ни чудо, кога во тој владин состав само „царот на гафовите” е вистински заминат. Каде? Што би кажал Марфи, онаму каде што „секогаш кога вртите погрешен број, некој ви крева слушалка”. Останаа внатре доволно напудрени и лесно возбудливи ликови, повеќе сензибилизирани за фрустрациите на соседите надвор, отколку на бербатењето по аршините на непримерен за нашата средина антисемитизам, директно усмерен кон колешка од владата, дома. И затоа, со несвојствена за политичари фрустрација се нафрлија деновиве, та безмалку пред „таблата на срамот” ја распнаа министерката, само да си го задржат комодитетот пред „своите”, некаде надвор. Нивните, пред кои полагаат сметка. А ќе ги снајдат одеднаш, токму според Марфи -и неиспорачани сметки од надвор и испорачана сметка од народот, за брзо. Најмалку од онаа армија од половина милион граѓани со еден оброк дневно, на работ на сериозна социјала, за која требаше барем секој изминат ден последниве три години, барем малку да се вознемират и ангажираат и барем со иста жестина со која се вознемирија за таблата од истото тоа министерство. И после повторно ќе се чудиме, зошто граѓаните најблагонаклоно го избираат Ердоган за најомилен светски политичар. Онака, баш со лесно и според сите мерифети на Марфи, од нашиот сокак.

Нормалноста повеќе не живее овде! Марфи се всели во нашите животи и ги наметна своите закони, посилно и потрајно од што можел и тој да претпостави. А со Марфи, барем духот по долгиот пат за враќање на нормалноста, може да нè крепи, понекогаш утеши или насмее. А вдомувајќи си го Марфи, барем по нешто станавме повеќе Американци. Бидејќи оставени само на себе, како ќе разберевме дека „никој не те слуша, додека не направиш грешка” и дека „додека дојдеш на ред, правилата ќе се сменат”? Толку засега од Марфи. Гаснете светла! „Кога светлата во собата се изгаснати сите се убави”. И, „расположете се, тоа ги тера луѓето да се прашуваат што мислите”!

А, наздравувајќи за денешниов празник не заборавајте дека Марфи од нашето маало, ве чува, мисли на вас и ви дошепнува „ништо не е толку лесно, како што изгледа”! На здравје!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.