Васко Шутаров

(во три чина)

Чин први

Хрватската и европската јавност не стивнуваат по победата на „Лет 3“ и нивната „Мама ШЧ“ на хрватскиот избор за годинешниов „Евросонг“ во Ливерпул. Најпрво, бурно реагираа бројните евровизиски фанови, потоа пошироката музичка јавност, а денес во отворените јавни дебати за феноменот „Мама ШЧ“ се вклучени не само музички уредници и познавачи на музиката, туку и социолози, политиколози, експерти за комуникации и медиуми, антрополози, па дури и правни и воени експерти!

Што сакаат да кажат „Лет 3“ со „Мама ШЧ“ и како тоа најневажната работа на светот, како што е хрватскиот избор за „Евросонг“, стана толку важна европска тема?! Оние кои добро го познаваат опусот на момците од Риека, знаат дека тие повеќе од три децении го фураат својот панк-рок филм, како на музичката, така и на театарската сцена во Хрватска, па сигурно полесно ќе им оди дешифрирањето на пораките од „Мама ШЧ“! За останатите кои се затечени од феноменов „Лет 3“, веројатно дебатите ќе потраат и по завршувањето на „Евросонг“-от во месец мај. Но, и за едните и за другите, како и за третите кои воопшто не ги интересира оваа френетична дебата „за и против Мама ШЧ“, важи истото: цела Европа зборува за Хрватска, „Лет 3“ и „Мама ШЧ“!

Хрватите и „Лет 3“, станаа така видливи и толку популарни, откривајќи ја формулата за успех: лесен, скоро детски привлечен ритам; десетина општопознати зборови и исто толку лесно запаметливи фрази, (идеално создадени како за заеднички европски новоговор!); провокативна кореографија со возрасни мажи на потпетици; нешто воено марширање (со две ракети и многу мустаќи!); нешто малку рестлови од „Боемска рапсодија“ -и се влегува под кожа и без да се побара дозвола за тоа! Подеднакво заразно кај секој што ќе ги слушне, уште на прва!

Па сега, нека се прашуваат сите, што би можело да значи на хрватски: „Мама купила трактора“,„Армагедон Нона“ или „Крокодилски психопат“ и „NJINLE“ испишано на чело, за комплетен „дојам“?! Ефектно и интригантно, како што само ЛЕТ 3 знаат и умеат! NJINLE најлесно се открива, тоа е анаграм од LENJIN! Мама купила трактора буди асоцијации на популарниот трактор „Беларус“ кој Лукашенко му го подари на Путин, а Русија на големо го купува! Армагедон Нона, (Нона во Риека и голем дел од Далмација значи –Баба), би ја претпоставило намерата за враќање на стариот Армагедон, поранешниот Советски сојуз! Бесмисленото испишување букви од абецедата во средината на песната, би значело испишување на првите букви од сите поранешни советски републики! „ŠČ“ во целиов овој  контекст, би требало да претставува пародија на испишаното „Z“ од руските тенкови распоредени во Украина, а „крокодилски психопат“ може да биде само злокобната, а силно раширена дрога во Русија која и од здрав човек веднаш создава зомби!

Чин втори

Во 50-тите години од минатиот век, се случува првиот голем културно-дипломатски чин, токму тогаш кога Титова Југославија е потполно „отпишана“ од Советскиот сојуз и комунистичкиот земји од европскиот Исток, а сè уште е „незапишана“ во западно-европскиот и светот кој инклинира околу САД. Ингениозна е тогашната идеја што познатиот хрватски книжевник Мирослав Крлежа ја споделува со Јосип Броз Тито: „Мора на Западот да му покажеме какво културно наследство поседуваме, можеби сме сега сиромашни, но поседуваме богатство кое не смее да остане невидливо и незабележано!“

И така, во 1953 година во Гран Пале (Grand Palais) во Париз, се открива југословенска изложба која станува културно случување на сезоната! На изложбата се претставени: колекција од најдобрите средновековни српски фрески, колекција од најдобрата хрватска романтичарска скулптура и најрепрезентативни примероци од босанско-херцеховачките стеќци. Цел Париз е на нозе, бројни јавни личности и видни луѓе од политичкиот живот раскажуваат за културниот раскош донесен од тогашна Југославија, земја која на Западот била перцепирана само како сиромашна комунистичка држава, која е во спор со останатиот комунистички свет.

Титова Југославија во 1953 година, со само еден луциден и храбар културно-дипломатски чин, преку претставувањето на својот „мрачен среден век“, му покажала на Западот какво автентично и колку исклучително важно и богато културно наследство поседува и дека е подготвена да се грижи за него и со него да се претставува и легитимира во светот! Комунистичка Југославија му се претставила на светот со своја сакрална уметност, ја културализирала а себе се позиционирала на културната мапа на светот, привлекувајќи внимание и наклонетост, во што тогаш ниту една друга политичко-дипломатска акција не би успеала! Тито преку култура успеал да ги убеди партнерите од Западна Европа, пред сè, претседателите на западните држави, дека тој лично и државата која ја води е нешто друго и сосема различно од останатиот комунистички свет! Тоа било толку неопходно убедување, посебно во создавањето клима на доверба во процесите за добивање помош и кредитирање на кревкиот економски систем на тогашна Југославија.

Културно-дипломатската акција за освојувањето на Западот не завршила со оваа изложба во Париз, веќе истата година под мотото „И ние имаме своја ренесанса“, во рамките на угледниот театарски фестивал во Единбург се играла претставата „Дундо Марое“ од Марин Држиќ, а репрезентативни фолклорни друштва, меѓу кои и македонскиот „Танец“ настапиле на престижниот фестивал во Хлангохлен во Велс. На познатото Биенале во Венеција редовно учествувал кремот на тогашното југословенско сликарство, а се преведувале и реиздавале дела од Иво Андриќ и Мирослав Крлежа на бројни светски јазици.

 

Чин трети

Седумдесет години подоцна, во 2023 година, Хрватска повторно e топ тема во европската јавност, „Танец“ ќе има турнеја низ Македонија и низ Турција, македонска изложба од типот и „Ние имаме своја ренесанса“, нема ни годинава да тргне во освојување на Европа и на светот!

Седумдесет години подоцна, Македонија има свои Министерство за култура и свое Министерство за надворешни работи, но нема своја самостојно креирана меѓународна културна промоција! Ако во 1953 година југословенското раководство сметало дека може да биде проблем („може да ни се налутат Грците и ќе сметаат дека провоцираме?! “) ако во рамките на големата изложба во Париз бидат изложени македонските ренесансни икони и фрески, зошто во 2023 година да немаме ниту еден единствен културен настан во Атина и Берлин, на пример?! Ниту еден културен настан во Брисел, ниту еден во Вашингтон и Лондон, ниту еден во Амстердам, Будимпешта, Варшава, Мадрид и Прага?! За волја на вистината, ќе имаме еден културен настан во Стокхолм, во Шведска, каде во првата половина од годинава се наоѓа седиштето на европското претседателствување – и толку?!

Судејќи според протоколарната пракса по договорите во Преспа и Софија и според Програмата за култура во 2023 година на Министерството за култура, Македонија треба да остане што поневидлива и што понепозната по убавината и со раскошот од своето културно наследство! Кога ние самите се ограничуваме и се плашиме да ја креираме најдобрата приказна за себе, тој простор ќе го креираат други и ќе создаваат слика за нас, каква што тие посакуваат! Така било отсекогаш, така ќе биде и во иднина!

Македонската култура и во 2023 година останува маргинализирана, финансиски запоставувана, институционално запустувана, творечки нестимулирана, промотивно незаинтересирана и комфорно сместена на задната страница од нашите животи, станувајќи она што се ч, џ, ш од македонската азбука!

Македонската култура останува во очудување, како и со ШЧ некој може да стане врвна европска и светска тема од културата и индустријата за забава?! Ама Хрватска не се плаши и не се очудува!

Очудени само ние си останавме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.