Мала Сицилија во Скопје-Среќен роденден Боки 13

Предраг Димитровски

Денеска е убав ден, убав ден, убав ден, на Боки 13 му е роденден, роденден, роденден. Да живеее, да живее и среќен да биде…!

Обично вака пеат најблиските на детските роденденски забави. Денеска, 19 август, му е роденден на Бојан Јовановски алијас Боки 13. Не знам дали и како ќе го прослави во истражниот затвор Скопје во Шутка, но еве јас да поминам од редот. Човечки е. Иако не го ни знам, ни познавам и, искрено речено, не чувствувам никаква празнина заради тоа. А, не спаѓам и во редот на оние кои некогаш го фатиле „во кадар“ со него. За волја на вистината, еднаш во животот го имам видено во живо, што би се рекло. И тоа на приредба во основното училиште „Васил Главинов“ на која присуствуваше и тој како придружба на една негова блиска пријателка, која исто така беше дојдена да го следи настапот на нејзиниот син.

Сега, по избивањето на аферата „Рекет“ во која главната улога ја приграби Боки 13, гледам и читам дека требало да сме се преброиле. А, репер за такво нешто требало да ти биде дали си фотографиран со него или не. Уф, да знаев порано… Нејсе.

Чудно, навистина чудно. На социјалните мрежи сега малкумина се оние кои му го честитаат роденденот. Никој од оние кои колку до вчера му беа блиски другари, пријатели, шарени соборци, невладини сопатници, вработени новинарски бардови… Сите како во земја да пропаднаа и како одеднаш да креваат раце од него. Они си знаат зошто, нели!

А, на Боки 13 навистина треба да му се честита. Ако не роденденот, тогаш неговата визија. Да, да, неговата визија. Прашувате зошто? Па, одговорот е едноставен. Зашто, само вистински визионер можел на социјалните мрежи да напише дека прославата на својот, односно неговиот 32-ри роденден претставувала собир на „Мала Сицилија во Скопје“!

Колку само убаво си напишал. Таа „Мала Сицилија во Скопје“ да не ти била никаква (квази)елита, туку една обична, голема рекетарска мафија во Македонија! Само очигледно немало кој тоа да го прочита или правилно дешифрира. Можеби македонската мафија не може во многу работи да се мери со сицилијанската, ама во една работа може. Во рекетот и изнудените суми, кои богами не се за потценување. Ако се покажат како точни, 20 милиони евра се 20 милиони евра. Многу и за сицилијанците, а за Македонците и да не говориме.

И кога веќе се покажавме и докажавме како држава на пе*ери по карактер, ред е да не се заборави денот. Уште еднаш, среќен роденден Боки 13! А, останатите пе*ери-срам да ви е. Излезете јавно и не се кријте. Честитајте му го и вие роденденот, макар биле и фотографирани со него. Една фотографија апсолутно не значи ни дека сте пе*ери, ни рекетари.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.