Весна Јаневска

Слушам дебата на телевизија, патем работејќи нешто друго и во еден момент помислувам дека нешто не слушнав како што треба или можеби ми се мати свеста, па седнувам пред телевизорот, враќам назад и пак не верувам што слушам.

Доста било веќе од Македонштина. Патриотизмот бил национализам и ретрограден, а оние кои не се космополити туку се борат за зачувување на националните интереси не ги разбирале придобивките од асиметричните и понижувачки договори потпишани со Грција и Бугарија.
Губењето на идентитетот, господинот Нано Ружин, го негира и објаснува дека националноста е лично чувство кое никој не може да ти го одземе. Така е, припадноста на некоја нација е чувство и никој не може да ти го одземе.

Сигурна сум дека и во турско и во бугарско Македонците го имале тоа чувство. Се прашувам само зошто великите Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански и бројни други, кои се бореа за признавање на тоа чувство и признавање на нацијата, државата, јазикот, културата. За што умираа луѓето, за сега да кажеме дека нивните животи не се важни, а важно било чувството? А историјата, јазикот, културата, заедничкото потекло?

Се прашувам зошто ли тогаш на Грција и требаше Преспански договор, а на Бугарија Договор за добрососедство? Зошто сега Бугарија бара македонскиот јазик да биде бугарски дијалект и зошто ние треба да имаме зедничка историја и заедничко потекло? Зошто ли Французите зборуваат француски, а Германците германски? Претпоставувам, затоа што не се космополити и прогресивни?

Веројатно не е фер други да добијат нешто од нас, а Бугарија не. Голема доблест би било и од двете страни да прифатат гледање на историјата на едната страна, така како што таа ја разбира и гледање на другата страна, така како што таа ја разбира.
Првиот бисер оваа недела ме остави тажна.

Другата вознемирувачка изјава дојде по протестите против покачување на цената на струјата. Протестирале луѓето возејќи автомобили по улиците, ама имало скапи автомобили во колоната.

Дополнително на тие што возеле скапи автомобили не им требало намалување на цената на струјата. Господинот кој ги изговори овие зборови јасно разбира дека на тие што возат скапи возила цена на струјата не им значи многу. Од тука претпоставувам дека господинот мисли дека протестот е од чисто популистички политички причини, односно за добивање гласови.

Со оглед на минатото во кое политичкиот популизам беше опсежно користен, и признавам прилично успешно, јасно ми е зошто господинот така мисли. Она што господинот не го разбира е дека е сосема нормално во колоната да има и скапи коли. Кој да протестира, тие што не можат да си ја платат струјата или тие што не може да си го платат бензинот? Она што господинот не разбира е дека има луѓе кои се грижат за други, за оние на кои им треба помош, за оние кои немаат, за оние кои се во неповолна ситуација, за сопствениот народ кој страда од извршители и страда за скромен, но пристоен живот.

Вториот бисер ме остави – иритирана

Слушам првиот потпретседател на државава ветува субвенции на приватните компании за вработување на припадници на етнички малцинства. Владата потврдува дека го поддржува. За што станува збор? За национализам, за расизам? Оправдувањето е правична застапеност. Стопанските комори му одговараат дека треба квалитет. Замислете требало квалитет.
Премиерот Албанец отиде во заборав. Гладнните и сиромашни Албанци се задоволија со прв потпретседател во Владата. Бидејќи тоа не дава леб и не дава стредства за плаќање на поскапената струја, ниту компјутери за децата кои ќе учат онлајн, треба нова коска. Новата коска доаѓа спакувана во вид на етничко вработување. Срамно и манипулативно за сите етникуми различни од Македонците.

До кога ли кутрите луѓе ќе се задоволуваат со знамиња на јарбол, албански јазик во Делчево и Пехчево, премиер Албанец, прв потпретседател и слично. Канализација нема, асфалт нема, поправени мостови нема, образование нема, се берат јагоди и цреши и се продаваат на автопат, се добиваат вработувања, а не се оди на работа, се распределуваат на работни места за кои имаат несоодветно образование.

Други се задоволија со ваучери, меѓу кои и ваучери за одмор. Така е, колку повеќе темнина толку помалку се гледа.
4Третиот бисер ме направи депресивна.

Во моменти на длабока тага, иритација и депресија не гледам чаре за мојата татковина. Сепак, родена и создадена како оптимист, за среќа, знам дека овие моменти кратко ми траат. Брзо се исправам и тогаш знам дека ќе дојде време на промена, време на право и правда, време на вистински вредности, време на квалитет, знаење и напредок, време без етничка, политичка и било каква друга дискриминација и манипулација. Ќе се бориме за тоа како нашите предци и кога тогаш ќе успееме како нив. Ние сме нивни синови и ќерки.
Националното чувство секако никој не може да ми го земе и секако никој и ништо не може да ме запре да се борам за негово признавање и своите права.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.