Васко Шутаров

Постојан лик во секоја стара или понова македонска приказна е ликот на гаталецот. Тој обично е претставен како селски итрец, кој најдобро ги знае маките на соселаните. И најчесто, познавајќи им го алот на секој од нив, а подигрувајќи си со нивната наивност и честитост, си собира парички нудејќи им, „ем ак’л да врзат, ем од мака да куртулат”. Измислувајќи им сè нови и нови, маки и алови. Праќајќи ги од мило, во недраго. А да не излезе, дека и тој како и „ѓаволот, нити ора нити копа”, си наоѓа и тој работичка. Да копне, да изора или потргува. Ѓоамити еснаф човек е, па со мака си го печали лебот. Селскиот итроман-гаталец, грош по грош, си станува најербап во селото. Аловите и маките си се множат, а тој сè дури може ќе врти со очичките милно, ќе погледнува кон небото чедно, со рачето срце ќе допира и ќе нуди чариња. Му брцне ли некој во чекмеџето, велат приказните, вртел со глава заканувачки и фрлал искри од тие очињата, ангелско-милни.

Нема гаталец, ни во приказните, ни во стварните животи, што останал за подолго, прв гаталец во селото. Како што нема паталец, што не се освестил дека некој и на здрав памет му се подигрува а во маката и го надитрува. Тоа можело да трае малку или некое време, но за век и веков, никогаш. На крајот од приказните, најчесто гаталците можат на паталците, само тилот да ѝм го видат. Така е во сите народни приказни, поговорки, гатанки и басни, меѓу сите народи во светот. Зошто ние би биле исклучок?

Гаталецот и паталецот, во приказните ги следи уште еден неизбежен лик. Ликот на Екимот. А, со него, нашава модерна македонска приказна, го добива својот современ вид и скоро совршен склад.

Гаталецот, Паталецот и Екимот. Од модерната македонска приказна

Гаталецот од новата македонска народна приказна, само навидум е понов лик. Тој си го учи занаетот гаталски, уште од мал. Најнапред во селото, па во првиот град до селото, па во најголемиот град. После десетици години локално гатање, станува прв гаталец во цела земја. Усовршува патем, бројни вештини. Една од нив е, да може да ги разбере алот и маките, на сите јазици на свет. И да им одговори и најде чаре, на сите јазици на свет. Си имаше тој, како и секој гаталец од приказните, своја мисија и свој сон. Со гатање, цар да стане. Да царува, со сите. А, може ли царот-гаталец до толку да се дума, зошто во приказната скроена за него, вмешале прсти и генијални умови за необични приказни од некои други, далечни земји? И, не разбирајќи ги сосем височините во кои беше вивната неговата слава, не се ни запраша, „а кои се тие Маркес, Кастанеда и Булгаков, што ме измислија таков”? По многу нешта, еден и единствен, беше македонскиот цар-гаталец!

И народецот-паталец, почна со подзината уста да му ги голта гатањата. И навистина, немаше ал и немаше мака, за која тој немаше чаре. Тргуваше совршено со сета народна мака. И со живо и со неживо тргуваше. И блескаше. Ред вртења со главата, ред рачето на срце, двe-три слатки думи-и ќе биде! Народецот-паталец, не дека сè му веруваше. За магариња и тулумби што летаат и од други гаталци беше слушал. А, имаше наслушнато, дека за големи лаги и измами го бркале, дури бил прв гаталец во својот крај. Ама „што од зорт, што од аздис” (така и во неговиот крај велеа старите), решија да му дадат прилика да ги покаже тие чудотворни вештини на гатање, што ги учел во својот крај. Но, најмногу од една мака, го пуштиле да тера тaка. Уште пред да стане прв гаталец во државата, народецот беше разбрал дека покрај големото чекмеџе, покрај големите пари, царот-гаталец ги чува и сите тајни над тајните. Што му биле дадени од едни, за народните приказни дотогаш непознати, пресовесни свиркачи.

И така три години по ред, гаталецот си ги вртел гатанките лесно. Те, сега ќе влеземе! „И тава шо б’ска, нели го глеете, ак треба на лебо ќоо намачкаме”. Tе, утре ќе влеземе! Иако и вчера бевме влезени, во тоа поарното, де! И слично. Ама од поарното, ни блесок, ни трага. Освен за блиските на гаталецот. И оние што уште блеснуваа, на негов гаталски знак. На народецот-паталец, третата година од царувањето на гаталецот, му се стемни. Нити поарни години дојдоа, нити аир на маките им се виде. Дури и пострашно! Најди чаре за една мака, десет нови маки му идеа. Виде народецот, дека е прелажан здраво, дека гаталецот само си блада и блада и реши да го врати таму откаде дошол. Таква басма на тие дома да им продава! Ним ѝм беше веќе јасно како ден, дека на гаталецот ни до народ му е дојдено, ни до неговите маки. Туку само до неговото чекмеџе, преполно од долги години на гатање. Арно, ама…

На третата година од тие чудни години на гатање, во сите земји на свет, па и во земјата на гаталецот, се појави една нова чума. Велеа била страшна, како чумите од старите приказни. Го престрашија народецот секаде низ свет. Го пикнаа дома. Не на ден-два, ами на недели и месеци. Во глувчеви дупки го пикнаа. Сите важни светски гатачи прво што видоа, дека може пак да им се поарни. Ако извадат на мегдан, нешто од своите мерифети. Прво го престрашија народецот, дека животот на конец му виси. А после, го престрашија и за лебецот насушен. Македонскиот цар на гаталците меѓу првите, повторно си го направи есапот и си го виде ќарот. Да биде виден, да биде сакан, да биде повторно моќен. А знаеше добро, дека не само што не му верува народецот, туку и многу паталци кои беше ги излажал, му довикуваа дека е само обичен локален лажливец. И многу други моќни гаталци, од други земји, од кои купуваше итроштини, му покажуваа јасно, каде му е местото. И не дека му се сакаше, екимот од приказната да стане поумешен и поуспешен од него? Но, токму екимот му се виде идеална прилика, како повторно да му се наметне на народот. Како негова сенка и судбина.

Гаталците и екимите во народните приказни, не секогаш имаат совршена разбирија. Екимите важат и за прави еснаф луѓе. Имаат тапија за својот занает и некои тертипи до кои држат. А и вистински, екимот мора да внимава на здравјето на народот. Имало и ќе има екими, што може да најдат по некој паталец, што на гаталец ќе го пуштат. Да продаде гаталецот и некоја лековита тревка. Нели, по лековитите билки беа тие?

Нашиот еким, од оваа македонска приказна, меѓу својот еснаф си важеше за добар еким. Иако народецот имаше многу причини да се сомнева, дека близината со гаталецот не е само од чиста љубов кон него, ами дека нешто друго посилно ги спојува. Тоа сега и не е најважно во приказнава. Важно, екимот стана за време на новата чума, многу, многу важен човек. Како што гаталецот ни во годините на својата најголема моќ, не успеал да биде. Гаталецот бил виден, како врти со главата и како му светкаат искри од очичките, од завист кон него. Но решил да заигра со екимот. Коцкарски, на сè или ништо. Или заедно да го владеат народецот дури може, или ако треба, народецот по ѓаволите да го пуштат. Велат, тоа чекмеџенцето преполно со пари толку му натежнало, што мир не му давало и ум му заматувало. Еден товар невиден, за таа душичка напатена.

Како ќе заврши, оваа најнова македонска приказна за гаталецот, екимот и паталецот, сè уште не знаеме. Велат, дека екимот немал многу избор. Дали да пази на заклетвите од еснафот или да го слуша гаталецот? А велат, бил спремен гаталецот, уште подлабоко да зема од народецот и исто толку после да му враќа. Ама по негов избор и по негова мерка. Бил спремен на сè. И пластични пенкала и пластични лажичиња да купува и на годишен одмор да праќа, само да не гледа народецот, каде гаталецот кусури враќа. И поголеми гаталци од други земји, се чуделе како успеал да ги надмине и нив, во итроштините. Дури и добронамерно му укажувале, да се прибере во умот малку. Да не ја резили и онаа малку гатачка чест што му била останата. Бил спремен на сè, само народецот да не се досети на онаа познатата, од сите народни приказни низ цел свет. Слушај си народе паталец, а не гаталец!

Неколку клучни расплети, се вртат околу наравоучението, од последнава македонска приказна. Од најдобрите домашни и светски раскажувачи на приказни, со сигурност разбираме дека народецот конечно престанал да го слуша гаталецот, туку почнал само паталецот во себе да си го слуша. Разбираме сосем јасно, дека околу заплетканата судбина на гаталецот ќе мора да допишуваат свои редови и Шлинк и Кафка. За да го извадат некако од карма-кашата во која сам се удави. А екимот? Ај да го оставиме и ние и раскажувачите на добрите приказни, уште да поигра како прв меѓу еднаквите во еснафот. И секако да внимава, да не тргнува само по умот на гаталецот. Ете го народот, како си игра лејка во вир, со гаталецот. И му довикува: „Еј, море гаталецу! Гаталецу, завалија”!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.