Алдо Климан

Како глуварица носена и фрлана ваму-таму од разни внатрешни и меѓународни политикантски ветришта, препуштена на неизвесната судбина, Македонија немоќно лебди помеѓу Големи Исчекувања, разни Ништожности и купови Празни Зборови и лажни Ветувања, или, попрецизно, шлајфува во калта помеѓу евтино инсценирани божемни „возбудувања” на домашните и странски пророци и политички прематари поради тоа што не ѝ бил доделен датум за почеток на преговорите со ЕУ. И тоа е општа тема која само се преџвакува, а реално ништо не значи и кон ништо не води, освен кон уште многу, многу години под туѓинска, па и внатрешна, политичка, економска и воена чизма. Сите ѓоамити се чудат, се колнат, се удираат в гради, се растрчуваат, повторуваат: „неправда! неправда!”, и се „заземаат” „неправдата” да се “исправи” (напролет, хм, или во наредните години!). А притоа, цинично и до крајност понижувачки кон македонскиот народ, за сите нив воопшто не е никаква неправда тоа што со хипер-софистицирани наци-методи брзопотезно е извршен етноцид на тој наш стар, прекрасен, концилијантен, автентичен европски, македонски народ, и што со безобѕирни измами, фалсификати и невидено политичко-полициско-правно насилство е поништена нашата автентична, историска држава Република Македонија, туку низ најразлични форми само го вртат својот измамнички лајтмотив дека тој заевски „мултиетнички народ”, тие нови, орвеловски „среќни луѓе”, таа обезличена, аморфна, безимена шарена народна маса, и таа новосоздадена вештачка балканска државичка со измислено ступидно троделно име, сѐ уште има отворена европска перспектива.

Каков одвратен циркус, каков приземен популизам, каква евтина политичка ТВ-новела за наивна публика!

Но, не лажете се, мили мои, нема ништо од сето тоа: како и досега, сето тоа е само најобичен шоу на домашните и меѓународни политички илузионисти. Подмолната, валкана игра и шега со Македонија и со македонскиот народ едноставно, по тешкиот вековен „историски натпревар”, и во минатото и денес суден од најрасипани и поткупени странски и домашни „судии”, сега добива ново, долго и мачно продолжение, и тоа ни на небо ни на земја, туку некаде во задушливиот, всушност, апсолутно безвоздушен, нехуман, етноциден, мрачен, апатичен простор над нас, под нас, околу нас, меѓу нас, низ кој како збеснати чудовишта од сите страни се вдаваат, ни долетуваат и со веќе стопати изговорените лаги и ветувања се разлетуваат само разни комесари, амбасадор(к)и, „чудотворци” и „спасители”, „спасители”, „спасители”… И притоа како најголеми „спасители” сакаат да ни се претстават токму оние што ни го заринкаа ножот во срцето, во нашето име, во нашиот идентитет, во нашето постоење и во нашата самобитност.

Да наведам само неколку попрепознатливи примери.

Спасителот бр. 1 Јоханес Хан, тој бесрамен фашизоид, за македонскиот народ апсолутно persona non grata, не престана „наоколу” страшно да „тагува” и да „осудува”, и тоа не знам кого, веројатно некоја си друга, непозната, апстрактна Европска Унија, заради тоа што на Македонија не ѝ дала влезница. Па токму тој Хан беше скапо платен синекурант на ЕУ, со совршено прецизна задача и со цел да ни ветува ветер на магла, и што поитно да го евтаназира македонскиот народ и да ја уништи Република Македонија, претворајќи ја во мртва буква со тапија. Илјада и безброј пати ќе ги повторуваме неговите подмолни, дивјачки, варварски, разнебитувачки твитови со кои вршеше најгруби сурови притисоци врз демократијата, слободата и правдата во Македонија. Така, кога беше извршен државниот удар во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, тој на велепредавникот Заев и на неговата велепредавничка и големоалбанска багра прв полетно им твитна честитка со лениновиот слоган: „Демократијата треба да се поттурне кон напред!” Пред криминалниот референдум од 30 септември 2018 година, со кој македонскиот народ требаше самиот себеси официјално да си се поништи и да се избрише од лицето на светот, агресивно и од сите страни долетуваа неговите уценувачки и заканувачки, фашистички твитови: „Или договорот од Преспа (читај: самоубиство), или изолација!” А пак кога референдумот беше масовно бојкотиран и бедно пропаднат, а „светлата” евро-атлантска агенда инсистираше во нашето Собрание на сила да се отвори Уставот за промена на името и за конечно гаснење на Република Македонија, тој евро-атлантски „чудотворец” и „спасител” Јоханес Хан, онака по европски, охрабрувајќи го и поттикнувајќи го на црн злостор своето бедно квислингче Заев, јавно му твитна: ”Применете балкански методи!” – И бидна мрак!

И сега, post festum, токму тој меѓународен политички примитивец и силувател на македонскиот народ ни се јавува како наш спасител! Бог да чува и да пази!

А погледнете го пак спасителот бр. 2 Тонино Пицула, лажниот хрватски социјалдемократ и до кожа разголен лобист за освојувачките странски, пред сѐ грчки и бугарски, но и американски и НАТО интереси и цели во Македонија. Сега и тој најавува дека во ЕУ ќе се заземал за Македонија. А за која Македонија, господине Пицула, мрзителу наш? Па, се разбира, за онаа со срамното трочлено име, зашто тоа не е нашата автентична Република Македонија, туку некоја друга виртуелна државичка, обмислена во вашите евро-атлантски франкенштајновски ментални лаборатории. Е затоа на незаборавната свинштина на Тонино Пицула, на тој перфиден самонаречен „спасител”, безброј пати гласно и јасно ќе потсетуваме за да не се заборави: токму тој, со својот амандман бр. 14 на предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за Република Македонија, која во јануари 2017 година пред Комитетот за надворешни работи ја претстави тогашниот известувач Иво Вајгл, и на која грчко-бугарските европарламентарци поднесоа 318 хистерични амандмани со барања целосно да се бришат термините “Република Македонија”, ”Македонија” и придавката „македонски”, а пак името Република Македонија да се замени со терминот „земјата”, а другите референци со безличните и бесмислени термини „нејзините” или „таа” – токму тој Тонино Пицула со својот мизерен амандман бр. 14 енергично побара во Извештајот да се избришат, да се пречкртаат, термините „Република Македонија” и „Македонија”. – И бидна мрак! – За тој негов „модерен”, „цивилизациски”, „хуманистички”, „социјалдемократски” потфат и потег уште тогаш пишував во својата колумна под наслов „Господине Пицула, зошто дувате во грчките и во бугарските едра?”, објавена во весникот „Дневник” на 15 февруари 2017 година.

Ете, сами донесете си заклучок за моралните и етичките „вредности”, па и за сосема веројатните „конкретни цели” на овој наш загрижен „пријател” и „еу-спасител”, како и за неговата длабока човечка беда, проѕирно замаскирана со розовата социјалдемократска маскенбалска ќулавка, купена во некоја бриселска сувенирница.

Од горните катови на Европската Унија, ете ти ги, „возбудено, разочарано и загрижено” се јавуваат и спасителите бр. 3, 4, 5: Жан-Клод Јункер, Доналд Туск и Федерика Могерини, со изјави дека со недоделувањето датум за започнување на преговорите со (и тука следи срамното троделно име, што тие со уживање го изговараат!) ѝ е направена „историска неправда” на таа марионетска „држава”. Па добро, кој тука е луд? Кој се наоѓаше на највисоките позиции на таа ултрабирократска, мангупска ЕУ-организација додека таму ѝ се вареше црната смрт на Република Македонија? Там’ беа, мајче, там’ беа – и тоа главни! – токму тие „разочарани” „спасители”. Некој ќе рече: „Ама, не оди тоа така, членките на ЕУ за прашањата на проширувањето мораат да одлучуваат едногласно, со консензус”. ОК, а како тогаш кога, за да ги задоволат дивјачките големогрчки, големобугарски и големоалбански апетити и своите со САД и НАТО синхронизирани фашизоидни агенди врз сметка на Република Македонија и на македонскиот народ, беа така еднодушни, едногласни и со тик-так постигнат консензус по тие мрачни прашања?

О друга страна, и нашите стари и „најзаслужни” екстра-спасители, Република Грција и Република Бугарија, многу се „разочарани”, „тажни”, дури „несреќни” што на државичката со срамното троделно име не ѝ е одреден датум за започнување на преговорите. Затоа хистерично се борат за тоа кој од нив попрв ќе добие мандат на поголем и помоќен протектор, со надлетување на воени авиони да ја „надгледува”, да ја „чува”, да ја „пази” и да ни ја „спасува” Македонија, истовремено додека гнасните велепрадвнички заевски сезнаечки меѓудржавни комисии интензивно ни ги распродаваат останките од останките на нашата политичка и културна историја, и ги зачукуваат последните црни шајки во македонскиот идентитетски сандак, а Грција низ светот си се размавтува со брендот „Македонија” што варварски ни го грабна, благодарение на забетонираните идентитетски мозци на Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и на целата нивна велепредавничка и големоалбанска клика. А притоа, буквално од минутка во минутка, не престануваат и заканите од Бугарија дека за Македонија нема ЕУ доколку не прифатиме дека сме Бугари, и дека македонскиот јазик е бугарски, а Грците со истата бедна заканувачка реторика притискаат дека за нас нема ЕУ доколку не се почитуваат сите оние грабежливи грчки параграфи од капитулантскиот Преспанскиот договор, како и сите други најдрски окупаторски барања надвор од него.

Ете, така изгледа црното македонско ропство под нашите големи „спасители”! А тоа е само почеток…

На ова место упатувам отворен апел до сета таа меѓународна спасителска братија, и до сета останата политичко-милитантна домашна и меѓународна багра што се поигрува со судбината ма македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија веднаш да престанат да нѐ спасуваат. Подобро ќе си се снајдеме ние самите и полесно ќе преживееме уште со векови без нивното толку пожртвувано спасување.

Треба веднаш да ѝ се застане на крај на големата валкана ЛАГА, од чија страна и да доаѓа, и јасно и недвосмислено да се каже: Македонија нема никогаш да влезе во ЕУ, дури и поради самото тоа што е сосема возможно Унијата да се распадне пред воопшто и да дојде до некој таков „историски” момент. Навистина, од разни меѓуполитикантски причини во „повисоките меѓународни сфери”, и со сите можни натегања, меѓусебни поткусурувања и компромиси, во догледно време можеби формално и ќе ни дадат некакво „лижавче-датум за започнување на преговори”, но суштински тоа не значи ама баш ништо (погледнете го само случајот на Турција), освен што неинвентивните домашни политичари, кои во тој момент ќе се најдат на власт, со тоа до бесвест ќе се фалат наоколу. За Македонија и за македонските граѓани од тоа нема да има никаква полза. Запомнете: Америка, НАТО и Европа ништо не даваат; тие само земаат!

Македонија е со светлосни години далеку од ЕУ, па дури и од нејзината „трета брзина”. Пред сѐ, затоа што самата ЕУ е со светлосни години далеку од себе си, и длабински расштимана и расклатена однатре се бори со низа свои концепциски и организациски небулози и нејасности за тоа на кој начин и што да се прави понатаму, но и со тоа што е тоа всушност Европска Унија денес, или каква би требало да биде, кои се нејзините понатамошни цели, и дали веќе не е сосема исцрпена и самата идеја за едена таква гломазна и сложена меѓународна организација, која, за волја на вистината, не е ниту вистинска држава со единствена внатрешна и надворешна политика, со заедничка војска и полиција, со единствена стопанска и монетарна политика, ниту е некаков вистински сојуз, туку едноставно на сите свои нивоа е само една многу комплицирана „унија”, што и да значи тоа, без реален политички капацитет во наредните стотина години од сегашнава дисхармонична компилација на нерамноправни држави и народи да прерасне во некаква, да речеме, фередална држава. Затоа, тоа што се случува со отпорот кон Унијата кај самите нејзини членки, меѓу кои прв најеклатантно експандира, сега неповратинот брегзит, а врие и во низа други земји, воопшто не е случајност, а постапките, пристапот и изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, па така и во примерот на Македонија, кога го сопре „доделувањето датум”, воопшто не се последици на неговиот личен терсене табиет или на некаква заговорничка ЕУ-интрига, туку на едно реално согледување на присутниот внатрешен хаос и дисфункционалност на ЕУ.

За жал, на обичниот македонски граѓанин, на кој, особено сега во „предизборната”, небаре (нечија?) „победничка” атмосфера, му се ветува „светла европска иднина”, „Рај на европското Небо”, таа и таква слика сосема му е заматена поради општите меѓународни и домашни политички и медиумски шумови, а сега до бесвест умножени и хистеризирани од сите страни и со секакви слатко филувани информации и полувистини околу случајот со „недобивањето датум”. Имено, и челните луѓе на ЕУ, и бившите (како што видовме), а подеднакво и актуелните, но исто така и македонските политичари, и оние од власта и оние од главната опозициска страна, на сиот глас зборуваат само за „неправдата” што ѝ е направена на Македонија, и создаваат една сосема лажна слика дека тоа бргу и едноставно, со високодецибелна бучава и постојано повторување на своите „музички желби” ќе се „исправи”, и баш ним ќе им се посреќи кај ЕУ лидерите да изборат благонаклоност и милост за доделување „датум”. На тој начин Политиката, и меѓународната и нашата домашна, повротно, и повторно, и повторно, мамејќи ги граѓаните со илузијата дека „влезот во ЕУ” е само прашање на некои нови политички опции и констелации во државава, што божем ќе уследеле веднаш по изборите (кога и да се случат!), и оти е речиси прашање на денот кога ќе ни биде доделен тој фамозен „датум” – по којзнае кој пат сосема уверливо и недвосмислено покажува дека таа, Политиката, како и секогаш досега, самата себи си си е цел и единствената смисла.

Да фрлиме овде уште еден поглед кон ЕУ, која панично бара нови внатрешни врзовни ткива, и настојува активистички самата себе си да си даде нов замав и да си влее самодоверба дека всушност во Унијата е сѐ во ред, и оти останува непоматено и цврсто единството на членките. Но дека не е така тоа се гледа од авион. Безброј отворени прашања внатрешните тензии на ЕУ ги држат на највисоки фреквенции. Затоа сѐ уште актуелниот случај на „недоделувањето датум” за новоформираната квислиншка балканската државичка со троделно име (кое сите тие, доживувајќи го како најголем досег на нивната „успешна” заедничка меѓународна активност, го акцентираат со нескриено задоволство) баш добро им дојде да имаат околу што да бидат еднодушни, солидарни и обединети, и куртоазно, меѓусебно пријателски, и со наместени насмевки да си се тапкаат по рамо низ бриселските кулоари.

Во последно време, спроти хрватското преземање на председавачкото место во Унијата за наредните шест месеци, во таа смисла посебно активистички се раздвижи премиерот Андреј Пленковиќ. Неговото енергично инсистирање и сеопшта анимација одново да се разгледа прашањето на „давање датум” за Албанија и за Македонија, има главно салонска, ревијално-пропагандна димензија, без какви и да е вистински официјални правно применливи ефекти и сила, и тоа пред сѐ, само во кругот на десно-центристичките братски партии во ЕУ, но всушност е со неспоредливо помала специфична тежина од цврстите и крајно влијателни ставови на Макрон дека воопшто нема збор за проширување сѐ додека Унијата не си се среди себе си однатре. На хаосот во ЕУ не му се потребни други хаотични држави, пред да се востановат нови принципи и нова методологија на приемот, затоа што секое поместување во таа насока би било уште еден чекор кон агонија, особено кога се во прашање балканските држави што се наоѓаат во чекалната на ЕУ, како да речеме Македонија, до гуша потоната во политички лаги, во висок криминал и корупција, со опасно разурнат правен поредок, и со медиумски неслободи, а кај некои други држави, дури и со несредените, нестабилизирани меѓусебни граници и други отворени прашања, како што е случајот со Косово и Србија. Макрон јасно даде на знаење дека на поранешната „Орууук!”-методологија на проширување ѝ е дојден крајот. И самиот Пленковиќ многу добро го знае сето тоа, но одржувајќи ја продолжително вештачки на живот темата за „датумот” за Албанија и за Македонија, едноставно настојува да оствари сосема други, колатерални политички придобивки, што всушност немаат никаква врска со нас и со нашите „големи исчекувања и надежи”.

Имено, во Хрватска на 22 декември ќе се одржат претседателски избори, а кандидатката на ХДЗ Колинда Грабар Китаровиќ е сериозно загрозена токму од кандидатиот од истата, десна, дури и истопартиска опција, Мирослав Шкоро, и не е мала можноста таа да не влезе ни во вториот круг. Затоа, како ангажиран промотор на својата фаворитка, всушност како нејзиното второ јас, Пленковиќ, за внатрешна домашна употреба, бучно реактуализирајќи го прашањето за „датумот” со цел да се наметне и да се претстави како лидер во регионот, настојува на секој начин да го сврти вниманието кон себе си и кон лојалниот дел на својата партија, но и кај големото албанско гласачко тело во Хрватска, кое традиционално мнозински го поддржува владејачкиот ХДЗ. Освен тоа, не се далеку ниту парламентарните избори во Хрватска. Раководен од истите мотиви, тој постојано турира врз медиумските ефекти од надворешната (европска) регионална политика, во чие средиште пак ги става Албанија и Македонија и нивното „недобивање датум”. Но, случајот овде е уште покомплициран, зашто хрватскиот премиер и неговиот ХДЗ веќе долго време се соочени со една значајна и мошне гласна суверенистичка фракција во самата партија, со јасни најави дека ќе уследат и обиди на претстојните внатрепартиски избори токму тие да наметнат и да постават свој човек на чело на партијата. Доколку се остварат горните прогнози, и во првиот и во вториот случај, на Пленковиќ, кој инаку важи за крајно предан евро-политичар, му останува главно кариерата да ја продолжи во некоја од институциите на Европската Унија, и тој евидентно работи на тоа значително да го засили тој и таков евро-впечаток за себе си.

Затоа да не живееме во илузија, и да не прифаќаме некои други таа илузија да ни ја создаваат, дека во целата таа приказна со европските „пријатели” на Македонија, чии тривијални и неуверливи изјави околу „неправдата”, под наслови со мрсни букви, деновиве како на федери искокнуваат пред нас низ медиумите, има нешто вистински свртено кон нашата поинаква и посреќна судбина, особено надежта (не знам чија?) дека скорешното хрватско претседавање со ЕУ ќе ни ја отвори нејзината порта. Сликата со општиот меѓународен, и собено европски вриеж околу „недоделувањето датум” е сосема иста како во горе спомнатиот случај со Пленковиќ: оние „бивши”, како Хан, Могерини, Јункер, Туск, и други од истата морално-политичка фела што ни ги кинеа дробовите сѐ додека не ни го сменија името, од една страна сакаат малку да го изгланцаат јавниот впечаток за себе си по извршениот безобѕирен фашистички етноцид над македонскиот народ, оставајќи ни го во црно наследство, како топче за забава на масите, и мега-криминалниот и мега-коруптивниот случај со СЈО, кое беше нивна „светла” идеја и проект, а од друга страна, заедно со Грција и Бугарија и натаму да го одржуваат максимално отворено и крваво ранливо македонското прашање сѐ додека со квислиншката влада на Заев не се спроведат до крај сите нивни подмолни агенди кои – не заборавете! – сѐ уште не се довршени. А такви има уште многу, од постојаните сѐ поагресивни и побезобразни бугарски, грчки и големоалбански екстремни барања, уцени и изнудувања, до бегалските хот-спот кампови кои ни се речиси пишана судбина. Оние пак кои низ ЕУ допрва ќе си ја плакнат устата со Македонија, само ќе се поместуваат од столче на столче, и од дипломатска маса на дипломатска маса, зашто македонското прашање во ЕУ всушност е трајно и непоправливо цврсто и смртно забетонирано, се разбира, доколку зборуваме за една вистински суверена, самостојна македонска држава, а не за сегашниов беден туѓински протекторат и окупирана земја со марионетска власт во каква што денес е претворена Македонија.

Тоа нѐ доведе и до следново сериозно прашање: со кои и какви уверливи аргументи и пред кого во меѓународната заедница денес излегува најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, која планира наскоро (?!) со „свилена изборна револуција” да ја преземе власта во Македонија, и секако се надева бргу да го деблокира патот на Македонија кон ЕУ?

Имено, сите оние нивни, инаку сосема оправдани критики на сметка на заевската кримогена и корумпирана извршна и правосудна власт, до самите врвови и глави, како и на сметка на медиумските неслободи и нарушени човекови права во државата, воопшто не се добар и уверлив аргумент пред европските и светски лидери; зашто, на таков начин опишана, Македонија, како дезартикулирана земја, ним не им треба, независно од зачестените слатки, куртоазни зборови и спомнувања на тнр. „историска неправда” што ѝ е направена. Но тоа се само зборови и зборови, празни и политикантски. Во меѓувреме, гледаме, СДСМ не престанува живо, агресивно, и притоа дури и мошне успешно, како за домашна, така и за меѓународна употреба, со фанфари да го труби токму спротивното: дека сите потребни и барани реформи веќе се спроведени (притоа евидентно се мисли на сменетото име и избришаниот национален идентитет!). А видовме, за жал, дека на слична бранова должина се наоѓаат и изјавите на неколкуте главни меѓународни спонзори на Заев, неговите „лични пријатели” и докажани „непријатели на македонскиот народ”. Американската амбасадорка во Македонија Кејт Мари Брнз неодамна дури не штедеше зборови да ја пофали подготвеноста на државата за напредување кон ЕУ, а во таа смисла, подеднакво интонирани беа и изјавите на новиот европски комесар за проширување Оливер Верхељи.

Е сега, што е тука вистина?

Вистината, како што знаеме, е и може да биде само една и единствена: или Македонија ги направила потребните реформи, или не. Ако „меѓународната” оцени дека „ги направила”, тогаш заслугите политички ќе си ги капитализира квислингот Заев, а ако „не ги направила” – тогаш ВМРО-ДПМНЕ ја кажува вистината која на „меѓународната” може само грдо и неприфатливо да ѝ зазвучи. Но во исто време тука е и прашањето: дали со истите тие и такви аргументи најголемата опозициона партија (сега предизборно) излегува само пред домашната, македонска јавност, или на ист начин може, и дали воопшто смее на тој начин да разговара и со оние што го држат клучот од влезната врата на ЕУ? Зашто, и во тоа е парадоксот, ако сакаат нив да ги уверат дека Македонија е вистински подготвена за почеток на преговорите, тогаш и самите тие на меѓународните партнери треба да им тврдат дека реформите навистина се спроведени, а тоа, ете, повторно нѐ враќа кон „заслугите” на нивниот штитеник Заев. Од друга страна, доколку им „признаат” дека, поради грозоморниот криминал и корупција што ги донесоа и што си ги практикуваат Заев и неговата марионетска и големоалбанска клика, потребните реформи ни оддалеку не се остварени, тогаш е јасно дека ќе одат против настојувањето на државата да се дограби до влезот во Европа.

За жал, и едните и другите го прават истото, и Власта и Опозиција (мислам притоа на најголемата опозициона партија) им се обраќаат на сосема истите странски моќници, токму на оние што ни го инсталираа Заев, и оти приказната за божемните реформи за надворешна употреба речиси воопшто не им се разликува. Како и Заев, така и неговите политички противници, на туѓинците всушност им го „докажуваат” истото, т.е. дека реформите во најголемиот дел се успешно извршени, и оти Македонија апсолутно е подготвена за конечна евроинтеграција, но оти, а тоа им е и единствениот специфичен политички „аргумент”, ѝ е потребна само една морална, неизвалкана, некорумпирана (вмровска) власт – па сѐ ке си дојде на своето место, ЕУ процесот ќе се одмрзне, и Македонија нагло ќе процути. Но притоа во опозицијата забораваат дека моралот, правдата и добрината не им се доблести на тие „горе” кон кои со надежни погледи се обраќаат, и кои токму со најцрн неморал, антицивилизациска неправда и најмрачно зло безобѕирно го нападнаа и му зададоа смртни рани на македонскиот народ.

Затоа е крајно време да се престане со лелекањето поради „недобивањето датум” и со лагите дека ЕУ нѐ чека со раширени раце. На Македонија никогаш нема да ѝ се случи Европа, освен како една неисполнета фантазија!

Патот на Македонија кон Европската Унија, со сите домашни и надворешни политички и политикантски замајувања, подметнувања, предаторски интриги и перипетии на надворешните и внатрешните непријатели, сомнежи и надежи на обичниот наш човек, надмудрувања и надигрувања на власта и опозицијата – сето тоа е само еден најбесмислен и недоодлив пат по маѓепсаниот, илузионистички круг без излез. На Македонија ѝ треба еден Борис Џонсон, зашто додека не се појават независни, автентични, храбри, македонски суверенистички опозициони политички сили, со вистински авторитетни харизматични поединци како нивни лидери, кои знаат што сакат и што прават, на кои Македонија им е најважна, и кои на меѓународните фактори и поединци, длабоко инволвирани во нејэиното разурнување, рештелно, јасно, храбро и енергичнио ќе им дадат на знаење дека треба веднаш да си ги приберат прстите од нашава татковина, никому од актуелните домашни политички Месии и нивните партии, кои во моментов, според сосема идентичен урнек се загледани во туѓинските измамнички и окупаторски, европски, американски и НАТО Богови, и кон една реално за нас непријателска Европа – граѓаните нема да им ја дадат својата плебисцитарна, целосна доверба. А без целосна доверба на електоратот – со Македонија и натаму гангстерски ќе владее овој хермафродитски, аморален, велепредавнички политички гнилеж.

Значи, Македонијо, нема ништо од ЕУ! И подобро е што е така! Затоа не дозволете да ве лажат едните, другите и третите! Не дозволувајте и натаму пред вас да „раздиплуваат големи морски мапи, додека со трошно кајче ве веслаат по мочуриште”, да го парафразирам Н. И. Надеждин. Како секогаш во нашата историја кога ни било најтешко и најтемно, така и сега мораме исцело и предано да си се свртиме кон себе самите! Само во тоа ни е спасот! Мораме да си ја вратиме самодовербата што туѓинските насилници и предавничките идиоти ни ја потиснаа и ни ја одземаа! Ние сме народ со докажана оригинална креативна дарба, и имаме сосема доволно природни материјални ресурси и организациски потенцијали и искуство тоа да го оствариме! Единствено на тој и таков начин ќе можеме вистински и трајно, еднаш за секогаш, да ја сопреме оваа сеопшта неморална, хистерична, примитивна панаѓурска распродажба и безмилосен грабеж на нашата татковина и на нејзините богатства!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.