Алдо Климан

Борбата за нашата цивилизациска Утопија – Република Македонија дојде до својот крај и безизлез. Таа борба беше како и секој редок, неодминлив, визионерски поетски чин што оди предалеку пред своето време: беше болна, беше горчлива, тешка, осаменичка, неизмерно вдахновена, свртена кон благородната закрила и чување на сето она што низ историјата и низ нашиот традиционален македонски живот е создавано и создадено, негувано и од колено на колено, од генерација во генерација љубоморно чувано и зачувано со векови, а пред сѐ и над сѐ непоколебливата мисла за златната македонска Слобода. Но сепак, според овој црн, беден и самопонижувачки крах и крај, таа наша борба испадна и апсолутно бесполезна, несфатена, погазена и исмеана дури и од својот роден македонски човек, од најблиските, од сестрите и браќата, втренчено загледани во лажните, непостоечки туѓински ”златни телиња”, иако беше носена од најчисти патриотски чувства и надрочена со најдлабока татковинска мисла и смисла.

За жал, како и неразбраната поезијата, така и нашата последна, решавачка борба за Македонија ќе остане само носталгично вдахновение за оние што секако еднаш, во иднината, ќе ја разберат. Но тоа е сѐ. Македонија и нашата борба за неа, како и секогаш досега во историјата, но овојпат трајно, се селат во виртуелното, во песната, во прикаските, во митското, во забранетиот мајчин јазик македонски, што кришум ќе се шепоти по заробените македонски домови, зад затворени врати, додека не се заборави сосема или додека не се самоденационализираме до крај. Тоа е судбината на Македонија, земја предадена, земја поробена!

* * *

Тагата пеј ми ја, божице,

за жална Македонија,

душата што си ја раздаде

за божева убавина.

* * *

Танцувајте, танцувајте, врескајте од среќа злосторници и лудаци, пијани од омраза, суети, глупост, недоветност, комплекси и варварски хедонистички пориви, распашано чукајте во црни тапани и вретете се, вртете се хистерично по плоштадите и по улиците на нашата убава македонска престолнина и на нашите убави македонски градови и градчиња, по нашите прекрасни села и околу нашите тивки македонски манастири, и кренете се високо под облаци, летајте, летајте во својот црн вештерски занес со размавтани туѓински воинствени знамиња под македонското сонце и небо, над достоинствените македонските планини, ридови и полиња, над македонските плодни ниви и пространи лозја, над Вардар, над Дојран и Преспа, над нашиот сјајен бисер Охрид, славната столица на нашата долга, чудесна историја, на нашата древна култура и на нашата беспрекорно чистата народна вера; ете, сеништа, сега сѐ е ваше, корнете, кинете, парчосувајте, развлекувајте на сите страни.

Се виде, Македонија веќе нема кој да ја брани!

Зашто, Македонија молкум молчи!

Зошто Македонија така молчи?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.