Алдо Климан

Компромисите секогаш скапо се плаќаат. ЕУ веќе одамна јавно признава дека го плаќа цехот на својот политички компромис направен со приемот во своето членство на дветте апсолутно „неподготвени” земји – Бугарија и Романија, кои такви какви што беа тогаш си останаа и до ден денес. И затоа ЕУ постојано гласно си размислува (а сите го слушаме тоа), и си повторува дека тоа никогаш веќе не смее одново да ѝ се случи, но, еве, гледаме, од истите евтини, проѕирни, божем стратешки, а всушност најбанални, брзопотезни дневнополитички причини сега, под разни неартикулирани притисоци, ја прави истата кардинална грешка со Македонија, навистина и овојпат како и толку пати досега само „во етер”, „во ништо”, во ветер на магла, зашто ниту датум видовме, ниту пак „датумче” има на повидок. Циркусот со Македонија продолжува!

Новозабревтаниот, евро-адренализиран комесар за проширување Оливер Вархеји, кој безидејно го презема и истиот мизерен и невкусен стил на претходниот комесар за ”балкански методи” Јоханес Хан, да ни ги испраќа своите „важни” пораки преку Твитер, може колку што сака да ги побива коментарите на сериозните европски политички аналитичари, и да докажува дека тнр. „зелено светло” што ни е „дадено” не е само најобична еу-политичка „шатка”, но тоа не само што им е јасно на граѓаните на Македонија со кои, ете, и натаму безобразно, невкусно и понижувачки се мајтапат, туку и на сите слободномислечки поединци и медиуми во Европа.

Имено, реално, европската Комисија потврди дека тнр. „одлука” на Советот на министрите за надворешни и европски работи всушност е само уште една во низата “добри желби” на Комисијата, а според изјавата на портпаролката на Вархеји, Ана Писонеро, сите што се заинтересирани навистина да дознаат што било и како било на тој министерски состанок, и каков ќе биде исходот со „датумот”, таа глатко ги пренасочи на друг бирократски еу-шалтер: до Советот на Европа. “Тоа е во рацете на земјите членки”, рече таа со студен потпаролски глас, а тоа буквално значи дека и натаму сме си таму кај што бевме, зашто според апсолутно прецизно дефинираната претходна најава на “Ројтерс” ние „добивме” само „политичка согласност” за отворање на преговорите, но не и согласност на сите членки на ЕУ, а уште помалку согласност за некаков конкретен датум. А да не зборуваме и за тоа што како опашка од конзерви по калдрма на тој недоодлив пат кон ЕУ ни ја закачија и Албанија, со сите нејзини недемократски, неевропски и други внатрешни и надворешни контроверзи.

На Вархеји, пак, не му ни текна да спомене каков и да е, па и најдалечен датум за првата меѓувладина комиисија, и не заборави да потсети дека „одлуката” (каква „одлука”, за што, за кога?) не значи дека „земјата” може да престане со реформски напори, но затоа од него ги чувме сите оние познати и илјада пати преџвакани натегнати и дубиозни изјави од типот: “Земјата ја забрза работата од октомври, донесен е Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, што дава пример за целиот регион; ова треба да го отвори патот за земјата; земјата успеа да го донесе и Законот за јавно обвинителство во услови на техничка влада”… Ок, ок. Сето тоа ни е добро познато! А јас додавам: јавува провладината МИА од Брисел.

Ма, за кои реформи тоа зборува Оливер Вархеји?! Веројатно си знае само тој самиот. Или пак мисли дека знае. Или едноставно го преземал она купче такви бедни лаги и папагалски флоскули што на бирократската работна еу-маса му ги остави ништителот на Република Македонија Јоханес Хан. Човеку, па Македонија е среде најсрамната криминално-корупциска рекетарска криза, невидена во Европа, криза која власта, со помош на аморалните партизирани судии од највисок официјален ранг, со сите сили настојува да ги прикаже како „реформа” на до коска гнилото и корумпирано заевско „трас-трас” правосудство. Македонија е заглавена во непрегледни долгови, без какви и да е инвестициски резултати. Македонија е задавена и задушена од антимедиумско насилство и највулгарна цензура. Република Македонија е уништена, згазена и понижена! А Вархеји ни раскажува бајки за напредок и извршени реформи. А притоа најважно од сѐ беше тоа по којзнае кој пат нам, на „глупаците”, великодушно да ни се повтори: ”Вашата иднина е во ЕУ”.

Ех, Македонија е како расипано фиќо – се пали со туркање. Расшрафена е, растурена, не мрда, но цело време ја туркаат, ја буткаат, малку ќе забрмчи, божем троа ќе се помести кон напред, и пак ќе се изгасне, ќе запре. Патниците во фиќото „мудро” си седат внатре и чекаат моторот конечно да проработи, а на оние што го туркаат им е јасна таа нивна психологија на стрпливи екскурзијанти кон ЕУ, и пак одвреме-навреме малку ќе турнат, ќе бутнат, вентилаторот малкуцка ќе зачкрипоти, ќе се заврти, еднаш – два пати, моторот ќе пробрмчи, а туркачите веднаш извикааат: „Аааааа, ааааа, супер, еве, оди напред!” – и свикуваат гала конференции за медиумите, на кои по сто пати urbi et orbi објавуваат: „Еве, оди! Оди! Готово е! Успеавме!” И сето тоа придружено со многу идиотски селфиња со соодветни идиотски ликови.

Но, мора да се признае дека тоа многу подобро им одеше додека со сите сили фиќото безочно го туркаа удолу, кон никаде, кон неизбежната смртоносна национална хаварија. Ама, да се разбереме, тогаш не беа ни сами. Целата гнила Европа, целата гнила Америка, целиот гнил НАТО, со сите заевско-големоалбански будали со сите сили и лудило го туркаа фиќото низбрдо, кон провалија, кон катастрофа, кон тоталка! И успеаја. Фиќото не само што не пробрмче, не проработе, туку едвај од него останаа две скинати гуми, непрепознатлив костур и сосема скршената кичма, заедно со сѐ патниците…

Сега, меѓутоа, состојбата е сосема поинаква. Сега треба да се турка кон угоре, кон ЕУ – а тоа не оди лесно. Оние запалени, страсни меѓународни туркачи од ураааа!-фазата сега никаде ги нема да влечат нагоре. Главната пијанечка журка со уништувањето на фиќото помина, сите си се разотидоа кој каде веднаш по големата наркоманска „преспанска катарза”, кога фиќото е преименувано во нов, неупотреблив северџански хибриден модел што, еве, сеуште се дрнда, туркано и влечено со дебелокожните „коњски” сили на эаевско-големоалбанската, иако формално „техничка” власт. Навистина, одвреме-навреме, како и сега пред ден-два, со давањето „зелено политичко светло” ЕУ им спушта на неуништливите заевско-големоалбански туркачи и ништители некакви ли(з)гави јажиња, колку-толку да го закачат преименуваното раскапано фиќо, па божем малку тие одозгора да го влечкаат, додека овие одоздола го туркаат нагоре. Но тоа не оди така. Фиќото е премногу, ептен расипано, растурено, расшрафено. Ни со туркање, ни со влечење веќе не се пали. Му треба сериозна длабинска поправка и преправка, однатре. Му треба ВИСТИНСКА РЕФОРМА! Во спротивното, кому му е требна таква „крнтија”?! Па притоа и полна со чудни, ладнокрвни патници кои само чекаат некако да бидат извлечени „горе”, кајшто секако има многу добри „мајстори”, да го поправат фиќото, макар и вакво, како северџански нов хибриден модел, конечно да проработи, „да излета” на ЕУ и НАТО погон, и „да заблескоти” во сиот свој „балкански” сјај и убавина среде Европа со тврди карантински граници, па дури и оние шенгенските.

Тажниот циркус со Македонија продолжува, со подмолни и недуховити северџански кловнови! На никој воопшто не му е смешно! На секој нормален човек му е ужасно мачно и болно!

Ова „бутни-повлечи-потегни” е крајната граница на европскиот театар на апсурдот, и на апсурдот на Европската Унија, која веќе со години, и особено сега кога – во светлината на епидемиската агонија, поради која за две-три недели се распадна на јасно изделени и разделени држави, всушност на една виртуелна Видео-Унија – и „судбоносните” „одлуки”, каква што е и „политичката одлука” за „давање зелено светло” на „земјава”, ги донесува на виртуелни видео-конференции, што е и сосема нормално, зашто, како што знаеме, тука и станува збор за една всушност виртуелна држава со виртуелно троделно име, со која секој, па и ЕУ, може како што сака, па и на тој „виртуелно цивилизациски” начин, да се поигрува и да се мајтапи. И сето тоа, замислете, со генијалното објаснување на Вархеји дека на тој начин се испраќа порака за конзистентноста и цврстината на Унијата, која и во овие најтешки услови, и исправена пред најсложени предизвици, божем функционира ефикасно, сложно и одговорно. Ми останува само да речам: „Ха, ха!”

Но треба да биде сосема јасно оти сево ова упорито и насилно туркање на „македонското „фиќо”, и во последниве три криминални и велепредавнички заевски години – и особено сега додека европското „село гори”, и изгоре, а дневно низ Европа се кремираат илјадници и илјадници трагично заболени и умрени од коронавирусот, а и Македонија ги погребува своите жртви, при што е сосема јасно оти целиот свет е и на прагот на една тешка, драматична економска рецесија и депресија, поради стравотните стопански застои и загуби предизвикани од борбата против смртоносната зараза – претставува само една најобична патолошка политичка фарса, и европска, и наша внатрешна, северџанска, и се одвива вака брутално простачки, спротивно на здравиот разум и на хуманите и хуманистички принципи, само затоа по можност сето тоа, како-така, да се истурка до крај додека низ Македонија сеуште царува криминалната заевштина, па дури и со узурпираната и евидентно открадната „техничка” влада, бидејќи само додека е така, додека си го имаат како главен играч „мокниќот” Заев, Европската Унија, Америка и НАТО ќе имаат и цврсти гаранции дека „Обновата на Македонија” ќе биде апсолутно невозможна мисија. Врз неа треба да се фрли и последната трошка црна погребна земја.

Промислете и заклучите самите: па зарем на вакви какви што се, безочни и со своите бескрупулозни предаторски политики, Бугарија, Грција, Албанија, и внатрешните велепредавници и големоалбанските „платформистички” партии воопшто им одговара Обновена Македонија??? Кажете! Речете! Кој верува во такво нешто?! Па тие едвај и со сите стравотни сили, секој на свој начин и сите заедно, ја убиваа и ја убија Република Македонија, за сега некој на меѓународната политичка сцена повторно да им ја враќа за нив не ”обновена”, ами „повампирена” Република Македонија!

Болеста и глупоста на Европа, еве, се искачија до својот зенит, а случајот со даденото „зелено политичко светло”, и тоа без „датумче”, сега и во овие услови на глобален епидемиски помор, тоа совршено јасно го покажува.

Дали некој верува и се надева дека „датумот” ќе ни го дадат во мај? Можеби и да, зашто лудилото нема крај. Но што потоа? Одговорот изгледа многу едноставен, но мај не е далеку. Далеку е Европа, далеку се колбасите со кои таму ги врзуваат магарињата.

Во секој случај, подгответе се уште да се нагледаме и да се наслушаме надувани, идиотски, церемонијални конференции за медиумите, особено од Заев, Димитров, Шекеринска, Спасовски, каква што беше врочем и онаа од пред неколку дена на големо-евро-албанецот Бујар Османи, кој како ординарен политички простак, без трошка политичко достоинство, наспроти стандардниот протокол, па дури и наспроти најбаналните хиерархиски „повисоките инстанци” во власта, се стрча да го земе „муштулокот”, муждето, затоа што прв ни ја соопштува досега на заевски начин „кажи-лажи” веќе безброј пати официјално соопштената стара „новост” дека сме добиле нешто што не сме го добиле, т.е. дека сме биле „примени”, овојпат, се разбира, и со неодминливиот симболичен албански беграунд, и – а може ли во Македонија поинаку! – на брановите на албанскиот јазик, на чии крила, впрочем, како држава и само можевме да одлетаме таму… во светлата ЕУ-иднина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.