Христо Ивановски

Активностите на извесниот Љупчо Зафировски како советник на Владата, односно на премиерот Зоран Заев заради своите контакти со високата француска политика се показна вежба што вчера ни порача Групата земји на Советот на Европа за борба со корупцијата, скратено ГРЕКО. Не El Greco, прочуениот ренесансен сликар, на кого се повикуваме заради досетливоста на нашиот премиер кој денес одговарајќи на новинарско прашање истакна дека тој Љупчо не бил некој Жан Пјер, туку Зафировски кој живее и во Скопје и во Париз, или некаде во Франција.

И од тука некаде треба да почне нашата македонска владина ренесанса, зашто не само што во лагата се куси нозете, ами и затоа што од ваквите проекти многу пари губиме, угледот па и го немаме стекнато, за жал, а немаме никаков ефект.

Кој е советникот Зафировски почнавме да дознаваме од дописот кој вработените во Владата го испратиле до Антикорупциска, кој на својот Фејсбук профил го објави пратеникот Антонио Милошоски – дека тој земал 1.200 евра хонорар, дека има сметка во Србија, дека најверојатно не плаќа данок овде, дека лажел оти живее во Париз…Кој знае уште што ќе излезе од ова. Сепак, малку сме напреднале, зашто на пример кога еднаш на Владо Бучковски му беше поставено прашањето колку го плаќаме советникот Тео Вајгел – не добивме одговор оти тоа било тајна. Значи Буџетот си има и свои тајни?!

Сега, барем знаеме дека советникот кој може да пие кафенце со Макрон, или со некој од неговиот „двор“ го плаќаме, ние со нашите даноци, 1.200 евра. Каков е неговиот учинок како советник, е друга тема. Сега не интересираат парите одвоени од нашите џебови.

И токму за ова се фатија од ГРЕКО. Велат Владата мора да биде транспарентна. Особено треба да биде видлива работата на министрите и нивните заменици. Но, гледај тие од ГРЕКО истакнуваат дека мора на радарот на јавноста да бидат и лобистите (советниците). Читај – Љупчо Зафировски. Јавноста, значи пред се новинарите, мора да добие информација за се што ќе побараат за него – од број на патики, до колку чини секое негово патување до Париз, со кого таму се видел, колку таму потрошил, колку овде. А, да не зборуваме и за етичките елементи во неговата работа, зашто јавноста мора да знае во кои кругови тој лобира, за да нема утре-задутре појава на крокодили во неговите активности заради кои повеќе државата имала штета отколку корист.

За сега не видовме која е неговата корист, освен што дознаваме дека имал контакти и бил франкофон.

Па, да заокружам – од одговорот на премиерот Заев на прашањата на Антонио Милошоски денес во парламентот токму за Љупчо Зафировски, може да се заклучи, со жалење, дека нашиот премиер не го прочитал воопшто или во детаљи извештајот на ГРЕКО, или, пак, неговите советници заборавиле да го избрифираат за многу сериозните забелешки. А тие се однесуваат токму на еден од клучните услови да добиеме датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Се вика борба со корупцијата. Борба со ситемската корупција, со корупцијата во власта…

Колумна За ПреснигТВ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.