Васко Шутаров

До пред само триесет години, во време кога дневните информации се броеја на прсти од двете раце, а вестите се продуцираа и се примаа само преку радио, весници и телевизија, можеше често да се слушне дека некоја информација е „патка“, што значи измислена и намерно пласирана вест, најчесто некого да дискредитира или повреди.

„Патките пуштени во јавност“ се смета дека се германски изум, иако како поим се среќаваат и во францускиот и во англискиот јазик, и тоа прилично долго. Пред појавата на актуелниве брзи начини на комуницирање кои ги живееме денес и можностите за проверка на вистинитоста на информациите, непроверените вести во редакциите на весниците своевремено се обележувале со едно мало „n.t.“ (од латинското non testatum, што значи непроверено или непотврдено). Легендата понатаму вели дека еден уредник на весник во Германија, таму некаде во 1850 година, диктирајќи ù на секретарката еден текст за кој сметал дека е непроверен како информација, на крајот додал „да се забележи дека веста е еn-tе“. Секретарката наместо n.t. запишала Ente, што во германскиот јазик значи патка. Веста подоцна се потврдила како лажна, но лажните вести оттогаш па до денешни времиња се нарекуваат, патки.

Пред триесет години, кога нашата држава се осамостојуваше од тогашната југословенска федерација, наследниците на Комунистичката партија добро обучени и воведени во технологиите за креирање јавно мнение (од милост наречено, едноумие), освен совршеното користењето на искуствата со пуштање патки во јавноста, употребуваат и класично дефокусирање од важните реални процеси во владеењето со државата, преку пуштање на измислени и лажни вести кои интерно ги нарекуваат „пудлици“. Новите политички актери на македонската плурална сцена, за кои првенствено биле наменети овие кабинетски „пуштени пудлици“, со невидена леснотија се фаќаат за овие смислено креирани лажни, а сосем неважни вести кои мамат, како што обично се намамуваат на погрешна трага загари, тренирани да пронајдат диви патки во лов.

Овие две навраќања кон подалечното и поблиско минато што во европскиот, што во македонскиот јавно-информативен простор, како временски отсечки кои го одалечуваат вниманието на јавноста од реалноста, вистината и знаењето, можат да се споредат со една анегдота која се раскажува за Михајло Пупин. Воодушевен од поттикнувачкиот дух за истражување и стекнување знаење кои владееле за време на неговиот студиски престој во Кембриџ, запрашал еден од највлијателните професори, колку време е потребно да се оформи таков единствен дух кој поттикнува само натпревар во знаењата и непрестано истражување на вистината. Професорот, без многу размислување му одговорил: „Најважни се првите 200 години, потоа оди полесно“.

Така, ако ги собереме 170-те години европско искуство во детектирањето „пуштање патки“ во светскиот информативен простор и 30 години системско „пуштање пудлици“ во македонскиот јавно-информативен простор, еве ги кумулативно изгубените први 200 најважни години за креирање живот во вистина и знаење. И затоа, под превезот на пуштена патка или пудлица, полесно лагата неколкукратко ќе го обиколи светот отколку вистината конечно да ги облече пантолоните и излезе од дома, меѓу свет. Така било отсекогаш, но како што е денес не било никогаш!
……………………………………
Денес во Македонија среде кампањата за македонските локални избори, поскапе лебот. И тоа не е најважна вест?! Вчера поскапеа шеќерот, брашното и зејтинот, поскапе дури и водата! Завчера и бензините и гасот достигнаа рекордни цени. Додека трепнеш брутално се вивнаа до небо сите животни трошоци. И овие не се најважни вести, иако се потврдени, докажани и крајно вознемирувачки за секој македонски граѓанин кој неделава пазареше или полнеше гориво.

Денес, секој македонски граѓанин ќе ви потврди дека живеачката брутално поскапува, но тоа не е прва вест во македонскиот јавно-информативен дневен ред.

Денес во Македонија, среде непрегледната серија од дневни човечки страдања и умирања, се потврдува неброени пати, до кој степен на бруталност човековиот живот поевтинил и станал само неважна црна статистика. И тоа станува само спорадична, трета, четврта или петта вест по важност и ургентност во македонскиот информативен простор.

Денес во Македонија, наместо покажување елементарно чувство за морална и политичка одговорност и елементарна човечка емпатија кон жртвите на тетовската трагедија за која пишуваа и сите светски медиуми, нормално станува секојдневното дефокусирање од реалните сцени на македонското инферно. Цел месец македонската јавност беше бомбардирана со цел арсенал од информативни патки и пудлици, само и само за да се спасат од одговорност политичките миленичиња од врвот на здравствениот систем. Како малку да беше шокот и траорот од трагедијата, па безмилосно граѓаните требаше да бидат малтретирани со фабрикувани вести, кои требаше да го изместат фокусот од гневот кон неодговорните здравствени власти.

Гневот најлесно и најбрзо можеше да се трансферира кон и онака мачниот македонско-бугарски спор, толку пати испробуван во практика, а сега само малку забиберен со нон пејпер од владината лабораторија за лажни вести и сензации. Па потоа, во трансфериран и лесно пренослив гнев кон државната администрација, која и онака е дежурен виновник за сите лоши владини политики и дефектни законски решенија и која без да биде консултирана требаше да биде почестена со четиричасовен работен ангажман, секој петок во неделата. Патем кажано, и тој предлог-закон тивко и без консултации беше излегол од лабораторијата за пуштање пудлици на помалиот коалиционен партнер. Од партијата задолжена за (без)грижата на армијата вработени по рамковен клуч, која со оваа предлог-законско решение (за малку?!) ќе беше почестена и со петочко скратено работно време, кое и онака не го одработува. Не е ни чудно ни случајно ваквото синхронизираното пуштање пудлици од двете владејачки партии, нели?

Единствена потврдена вест во случајов е заедничкото комунистичко педигре и на двете партии, и тоа со тапија!

А во меѓувреме, секојдневно бомбардирање со скандали, што од надворешната политика, што од домашната политичка сцена. Од делење македонски дипломатски пасоши „капом и шаком“ на секој белосветски криминалец кој е „на ти“ со власта, до скандали во кои македонски дипломати се директно вклучени во бегство на странци од правдата во сопствената држава, па од поигрување до преигрување со сексуалноста под превезот на нејзино ослободување, што во основното и средно образование, што во слободното време по извиднички кампови, па преку улични тепачки помеѓу првите луѓе на енергетскиот бизнис од двата владини кампуса. Ни Цеца ни Јеца, ни моќната српска турбо-фолк индустрија не може да продуцираат дневно толку скандали, колку што актуелната владејачка политичка гарнитура катадневно може да ги продуцира кај нас. Иако и на таа сцена постојат мерни единици и граници до каде невкусот и простотијата може да се прелеваат на јавна сцена.

Велат, за да успее злото доволно е добрите луѓе да не прават ништо. Велат уште дека најлошите доаѓаат на власт, кога стотици и илјадници добри, умни и образовани луѓе на денот на изборите одлучуваат да останат дома. Политиката е господска игра над игрите! Така било, така и ќе остане во светот, сѐ додека постои големата шаховска геополитичка табла со големите играчки фигури на неа. Таму, ни како пиони немаат гарантирано место ситните политички фигури-локални трговци и профитери во политиката, кои својот арамилак и простотилак ќе можат долгорочно да го заштитат само со ритуално колнење во вредности кои не само што не им прилегаат, туку и не можат да ги разберат и не се способни да ги практикуваат. Како нашиве, само со празното мантрање за иднината, па за ЕУ и за НАТО! И со девалвирањето на политиката, на ниво на улична мангупска пресметка, која често завршува со оној инфантилен гест што во крајна немоќ го покажуваат и гласи: „Еве ви го на“!

И како после сите гестови на немоќ да не ù стане јасно на македонската јавност дека европските перспективи и иднината во кои единствено се колне власта, се само пудлици пуштени да ги замајуваат Брисел, Берлин, Вашингтон и Париз. Ништо поразлично од некогашното пуштање пудлици од времињата на комунизмот, кон Белград, Загреб или Љубљана. Тоа е потполно истата методологија на креирање и технологија на дизајнирање лажни вести и изместена реалност. Како што дома, сиве овие пет изгубени години, истите такви пудлици видливи со голо око, се пуштаат секогаш кога треба да се прикрие фактот дека единствено власта е вистинскиот и единствен проблем што не нѐ придвижува никаде напред, ни кон светот, ни кон Европа ни кон иднината. Арамилакот кој дома немилосрдно осиромашува и простотијата од владеење која и дома и надвор само посрамува, не ја покриваат веќе ни армијата од ангажирани владини и провладини лица и структури задолжени за силни народни пари редовно да замајуваат, дефокусираат, сокриваат и креираат непостоечка реалност.

Ни простотиите на јавна сцена, ни скандалите зад јавната сцена, ни пуштените владини патки и пудлици, нема да може да го покријат срамниот дебакл и крајот на едно политичко владеење кое дојде на власт со паролата: „Дојде животот“ и завршува со потполна немоќ во очајниот, последен гест: „Еве ви го на!“ Разбира ли неморалнава и неука простотија што завладеа со државата и нашите животи, со каква иронија и со каква животна поука ќе си оди од нашите животи?! Со истиот оној гест „еве ви го на“, со кој стотици, илјадници добри, умни и достојни луѓе ќе излезат од дома и на денот на изборите ќе го исцртаат кротко и културно, само со пенкало.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.