Дафина Стојаноска, пратеничка

После вчерашниот конгрес на СДС, за чии одлуки сметам дека ниту раководството се’уште не е сигурно, едно е јасно, а тоа е дека Венко Филипче отиде жртва или курбан.
Дали е ова заради неговите тендерски „капацитети“ или заради неговата неспособност да се справи со опасноста во која ја доведе Македонија од корона – вирусот, останува да сочекаме и да видиме.
Изгледа како филипче да го оставија сам на бродот, но тој никако да си поднесе неотповиклива оставка. А, му велевме… го убедувавме на тоа уште пред 9 месеци, кога “заигра“ метлата на заев. Сега, остана „ем променет (за на листа), ем нецелкан (не е на листа)“.
Состојбата е навистина пресериозна, за да се занимаваме со тоа дали филипче ќе си поднесе оставка или не. Но, штом истата не ја поднесува, тогаш крајно е време, ако не е и веќе предоцна, нешто поконкретно да преземе.
Границите и аеродромите не ги исконтролира навремено, па сега вирусот е меѓу нас и никој никако да преземе себеконтрола или чувство на одговорност спрема останатите. Дочекавме лекар да го загрози здравјето на сите останати. За ова, според кривичниот закон, се одговара, но во моментов тоа му е најмалку битно на народот.
И најлошо е да се крева паника во вакви околности, но токму паниката е последица на ваквото неодговорно однесување на првите лекари во државава. Дури после две недели се прогласи распуст за факултетите, училиштата и градинките. Дали ова нешто ќе превенира, ако имаме предвид дека досега низ градинките, училиштата и факултетите немаше никаква контрола или превенција? Дали Комисијата за заразни болести дури денес се свика, а веќе две недели вирусот е во Македонија? Веќе никој не е сигурен и никој нема контрола врз ширењето на вирусот.
Примерите и ветувањата за европското здравство останаа и овојпат далеку од Македонија, но филипче останува забетониран за министерската фотелја.
Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ побара да се преземат итно 4 мерки. Дел од нив веќе се преземени во текот на денот, што значи дека на филипче навистина му треба помош. И, иако истата не ја добива од своите, туку напротив – тие се првите кои не постапуваа соодветно на нивните задолженија, повторно ние се нудиме за секаков вид на помош и стоиме на располагање, затоа што загрозени сме сите. Последиците ќе ги трпиме сите, а тоа дали некој ќе одговара за ова, во моментов нема да ја спречи заразата.
Затоа, апелирам на разум, самосвесност и самоконтрола, како и на безрезервна помош и поддршка на сите кои се сметаат за способни и свесни за сериозноста на ситуацијата.
Да спречиме да се случи уште полошо, да се здружиме во борбата против можната епидемија, а за одговорноста ќе инсистираме да се реализира откако оваа опасност ќе помине.
Здравјето на сите е пред се’ и над се’.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.