Васко Шутаров

Многумина светски лидери деновиве го изговорија она, што беше незамисливо да се чуе, па барем од Втората светска војна, наваму. „Ние сме во војна”! Невидливиот и веќе пандемиски продорен вирус, на проба става сè она што беше наша вообичаена досегашна пракса на живеење. На проба е ставен целиот меѓународен поредок, сите влади на држави, институциите на државите, нивната граѓанска и политичка култура, но и нашата лична и општествена одговорност. Тестирајќи се од коронавирусот, ги тестираме и животите, културата и досегашниот стил на живеење. И колку и да звучи страшно и неприфатливо, поради ненадејниот упад токму во нашите животи, животни рутини и планови, во нашите слободи, сите до еден на планетава станавме дел од еден нов поредок, во кој завладеа нејзиното „височество”-Короната.

Време е за комплетна лична „перестројка”. Бидејќи во глобалнава војна со невидливиот а така продорен вирус, фронтот на соочување не е милји и милји далеку, на таму некој далечен фронт. Никој од нас во оваа војна не очекува да облечеме униформи и да се навооружаме до заби. И да заминеме јуначки, далеку од дома. Нашите фронтови се поместени само на чекор растојание од нас и оваа војна мораме да ја водиме и извојуваме од дома.

И колку и да изгледа виртуелна и неопиплива, што дополнитетно ги провоцира и стравовите и паничните реакции, борбата е исклучително реална. А од нас единствено бара, висок степен на одговорност за повисок степен на лична заштита и хигиена, бара спокојност, сочувствителност и солидарност, кон себе, кон своите од најблиското окружување.

Ако веќе се прашуваме што државите и институциите треба да направат за нас, да одговориме со она, што ние можеме да направиме, за да им ја олесниме барем малку работата во овие исклучително нови, а така тешки моменти за нашето здравје и нашите животи. Да почнеме од нас, од дома. Престројувајќи се и само следејќи ги препораките на светските и домашните здравствени авторитети. И, за почеток сме направиле доволно. Мал чекор за нас, а голем за јавното здравје, Но најнапред, за личното владеење, што мора од корен да го промениме. Овде и веднаш!

Секое ново, е добро заборавено старо!

И дури мудруваме, дали со кризни или вонредни мерки ќе се справуваме со коронократијата, дури губиме часови и часови во „епидемијата” од разноразни а непроверени совети, информации и сугестии, нели е порационално и покорисно да се посветиме себеси и на своите најблиски, на начини со кои тоа го правевме пред да станеме сите дел од големово глобално село. За тоа не би требало да очекуваме помош ниту од државата, уште помалку помош надвор од државата. Да се здушиме дома, дури траат мерките за ограничен социјален живот, да ги одржуваме социјалните контакти со нашите блиски и познати, на дистанца, но непрестано емитирајќи емпатија, спокој и сочувствителност. Нели низ тие вредности растевме и созревавме како луѓе? Да им помогнеме на нашите постари, да ги одмениме во грижата за домаќинството, „навооружани” со маски и ракавици да си ја превземеме обврската за дневно пазарење и снабдување. Да им се посветиме на помладите, кои го доживеаја она за што ние никогаш не сме ни помислувале за време на нашето школување-да ги испразнат училниците и среде школска година, да седат дома. Тие и најдолго ќе го паметат ова. Оваа несреќа е можност да ги запознеме со игрите од нашето детство, можност заедно да ги отвориме нивните книги и тетратки. Добро време е за семејно подготвување ручек или вечера, време да се потсетиме како се пече домашно лепче, време да се посветиме повеќе, едни на други. На крајот од денот, помеѓу две дози од нови неповолни вести за ширењето на вирусот, да им се вратиме на нашите книги што собираат некаде прашина чекајки годишен одмор. А можност да го бодриме духот со добра музика и филмови, ни се нудат како на тацна на некој од бројните домашни уреди за тоа. А она што е можеби најмоќно што ни се случува во овие несомнени моменти на немоќ и очај, тоа е токму духовноста и духовитоста, добриот здрав хумор кој кружи по социјалните мрежи, паралелно со епидемијата од лоши вести. И овде имаме избор, да му се придружиме на бранот на луцидниот добар дух, што шири ведрина, оптимизам и убавина, кога тоа и најмногу ни треба. Да не заборавиме да се сакаме и насмееме, така најдобро ќе си помогнеме и себе и на својата околина. Зарем премногу е тоа, кога веќе се прашуваме, што можеме ние да направиме, за да се вратиме еден скорешен ден, во нормален живот? А позгодно време од ова, да промислиме нашите животи во иднина, нема!

Old habits die hard! (Старите навики, најтешко умираат!)

Ова не е само добар стар рефрен од Дејв Стјуард и Мик Џегер. Ова е малку потешкиот дел од битката за време на коронократијата. Старите навики најтешко умираат! Со сериозна можност, оние полошите и да нè надживеат. Не сме сите исти и од сличен материјал создадени, иако пред коронократијата сме сите подеднакво изложени да станеме нејзини жртви. Ми текнува, дури се пробивам меѓу рафтовите на еден од супер-маркетите и на една добра панк балада од некое мое време. Колку да го одржам тактот на добро воспитание. „Ne, ne mi dihat za ovratnik” пееја момците од „Лачни Франц” и помислувам колку и панкот од моето време имаше повисоки и потрајни социо-културолошки вредности од овие, со кои се соочуваме деновиве. Да, за оние што ти дишат забревтано во врат, празнејќи ги фрижидерите со месо и рафтовите со брашно. Оние што не се живи ако не проверат со свои раце барем 4, 5 леба со свои раце. За овошјето и зеленчукот и да не зборуваме. Оние што би ти извадиле очи ако попреку ги погледнеш, дури се така „борбено” натоварени со тоалетна хартија. Токму тие се и наши „соборци” во борбата со коронократијата, или би требало да бидат. Тешко ќе се менуваат тие навики, а и борбата нема да е воопшто лесна, кога е сосем јасно, дека борбата за тоалетна хартија е во суштина, само борба за спас на сопствениот задник. Впрочем, нели тој филм го гледаме на сите ударни вести од високо-развиени држави кои требаше да бидат наш светол пример, каде и кој пат да го фатиме, како држава.

Факт е дека солидарноста и сочувствителноста паднаа како први жртви, на олтарот на коронократијата. Факт е дека довчерашните примери за високо развиени демократии и богати економии, држави на вредности кои така силно ги посакувавме, први ги затворија своите граници е се затворија херметички пред налетите на пандемијата. И колку да е за осуда крахот на институциите во една Италија, уште толку за осуда е индолентноста и комплетната неспремност за солидарна акција на државите од ЕУ. И тоа, кон држава основач на накогашната Европска економска заедница. И, побогу, во третата деценија од 21.век, во Италија умираа луѓе кои ја преживеале Втората светска војна, а не ја преживеаја коронократијата. Тоа и поразува и разочарува. Но, дали доволно и нè распаметува?

Затоа, чувајте ги аплаузите, кога ќе им дојде време!

Бидејќи, далеку сме од време за аплаузи. Пикот на ширење на коронавирусот, допрва доаѓа кај нас. И тој, несомнено од корен ќе ги промени и нашите животи и нашите досегашни животни навики. Дали како држава, со така кревки институции, скромни ресурси и резерви, а уште и во парламентарен вакуум, носиме вистински и соодветни одлуки, можеме сега бескрајно да мудруваме. Ги затворивме училиштата и факултетите, без никаков план и визија за алтернативни начини за континуитет во образовно-воспитниот процес. Културата е замолкната, спортот замрен. Обложувачниците, казината и моловите ги затворивме, дури потоа. Стопанството е на издишување. Границите и граничните премини и покрај убедувањата дека се заштитени, слушаме дека и до вчера биле порозни, како швајцарско сирење. Да ги дисциплинираме преку ноќ оние што цели свои животи посветиле и се усовршиле во тоа како да ја надитрат државата и законите, па уште да очекуваме да почитуваат препораки, е само илузија, во нашата само-изолација. Но, поддршката колку толку да се дисциплинираат токму таквите, а посебно оние кои намирисаа профит и од оваа несреќа, ќе заслужи секаква наша поддршка. Но, не и безрезервна и без полна граѓанска контрола, не заборавајќи дека големите играчи за правење профити се и меѓу оние „загрижени” ликови од политиката, што сè уште и во оваа несреќа, имаат некаква политичка релевантност. Впрочем, никаде не е здравствено потврдено дека новиот вирус предизвикува и амнезија. Амнезија за лошите политики и лошото владеење, пред и за време на короновладеењево, нема сигурно да имаме.

А тоа малку, што можеме да го направиме овде и веднаш, е да го стегнеме и зацврстиме фронтот од граѓани со висока и здрава граѓанска свест и лична самосвест, да се здушиме околу исполнувањето на препораките на светските и домашните здравствени авторитети. И не само да се помолиме за здравјето на здравствените работници од првата борбена линија против коронавирусот, туку и да апелираме и за нивна максимална заштита, но и материјална стимулација за надчовечките напори на кои се и најмногу изложени. Толку, сигурно можеме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.