Васко Шутаров

Чудо, како некои термини воопшто немаат влезено во нашиот македонски јазик. Ги нема во говорниот јазик, ги нема ниту во академската и научната реч, ги нема ниту во медиумскиот простор. А кога зборот го нема, тогаш и не се зборува за тоа, исто како појавата што го изразува тоа да ја нема. Обично така бидува, нели?

Зборот компрадор доаѓа од шпанскиот јазик и има во основа многу невино значење, за купувач, набавувач, трговски посредник. Но, својот вистински и нималку наивен политички контекст го добива во Кантон, големото кинеско пристаниште на почетокот на 19 век, кога тогашната кинеска држава се обидувала да ја контролира својата трговија со светот. Единствено преку пристаништето Кантон можело да се тргува со светоти тоа можеле да го прават самоКинези. На странските моќни трговци неопходно потребни им биле домашни посредници во трговијата, т.н. компрадори. Освен свилата и чајот како најпознати и најценети кинески извозни продукти, во Кантон се посредувало и во трговијата со опиум. А најголем извозник на опиум во Кина, преку негово производство во тогашна британска Индија, била Британија. Иако Кина официјално ја забранувала нарко-трговијата, Британците со помош на своите компрадори Кинези, кои пак преку свои врски и начини за подмитување на тогашни кинески чиновници, успевале да ја кршат забраната и да создадат армија од нарко-зависници, богатејќи се на сметка на забранетата трговија дома и сервилноста кон нивните странски работодаватели. Кинезите своите компрадори уште во првата половина од 19 век, ги нарекле демони на нацијата, бидејќи за релативно кратко време успеале да создадат армија од два милиони зависници од опиум. Но, за вносната трговија со опиум во Кина ниту ова не било доволно. Низ две војни, наречени Опиумски, (од 1839 до 1860) Британците успеале да однесат победа и да ги натераат Кинезите да попуштат во слободната „трговија со смртта”, а од нивните домашни компрадори да создадат моќни капиталисти.

Така се создавала компрадорската буржоазија, како што Маркс ја нарекол во своите дела. За разлика од националната буржоазија која застанувала зад браникот на домашната индустрија и националните политички, стопански и културни интереси, компрадорската буржоазија егзистира и се богати распродавајќи ги домашните ресурси и продавајќи странска стока на домашниот пазар. А со тоа, промовирајќи и вредности, многу поразлични од автентичните, традиционалните домашни вредности.

Денес, на сите светски јазици, па и на соседските, се зборува за компрадорски елити, бизнис и политички елити, за компрадорска интелигенција, за компрадорска буржоазија. Со јазикот на науката се дебатира, со медиумски јазик се коментира за современи појави на компрадорство. Освен кај нас. Компрадорите кај нас не се именувани така. Повеќе од чудно со оглед на полувековниот марксистички предзнак, барем во општествените науки кај нас.А крајно време е не само за именување на појавата, туку и за нејзините носители.

Модерните компрадори

Денес е веќе демоде да се зборува за судир на класи, денес е прашање на секаков, па и научен престиж да се зборува за елити. А и за елитата, како и за компрадорите, најдобриот одговор ќе го добиеме пак таму некаде, од времето на Опиумските војни, но овојпат милји и милји далеку од кинескиот Кантон – во Европа, во тогашна Данска. За милјето, родното место на сите елити, пишувал можеби најдобриот познавач на детскатаи, воопшто, човечката душа. Ханс Кристијан Андерсен тогаш пишува за двајца, само нему познати Жозе Мануел и Андерс Фог кои од „некое далечно кралство” дошле кај царот, кој не водел грижа ниту за народот, ниту за своите најблиски, туку само за тоа што да облече. Дошле да му сошијат специјалнамагична царска одора која само „глупави што не заслужуваат благородништво“, нема да ја приметат. И точно, тогашната свита (сега секако би ја викале елита), почнала со најласкави комплименти „погледнете, зарем не е ова величествено, тие шари, тие магични бои, таа магична привлечност”. Од воодушевената толпа се зачул глас на дете, кое само загрижено довикнало, „но, тој нема ништо на себе”!

Елитите, немаат право на детска наивност и невиност. Елитите се создавани и обучувани, а потоа и солидно плаќани, да го забетонираат системот, за трајно владеење на постоечките „кралства”. За такви политички, економски, научни и културни елити, само во нашето непосредно соседство, а посебно кај нас, може да се испишат тони и тони хартија. Елитите денес, тоа се истите компрадори од време на Опиумските војни во Кина и сите новоорганизирани оттуѓени општествени групи потоа, со огромна акумулирана моќ, стекната во служењето на туѓи, странски интереси и за свој личен интерес.

После падот на комунизмот веќе и никој во посткомунистичките држави не зборува за странски влијанија и остварени туѓи интереси. Тие просто станаа природна појава и редовна домашна задача. За старо-новите елити, кои само ги сменија своите налогодавачи. Од Москва и Белград, кон Брисел, Берлин, Вашингтон. По што ќе ги распознаете модерните компрадори? Најпрво, по тоа што по секоја цена ќе сакаат да не станат „раја”, таму некоја неодредена средна транзициска класа, туку да си останат елита. Нема цена повластената општествена елитна позиција, ни кога се распродава општествениот капитал, ни кога се оттуѓуваат и најдрагоцени природни ресурси на странци или нивни домашни компрадори.

Корпоративната моќ која денес го контролира светот и сите важни глобални процеси, ги избегнува грубите и тврди политики на конфронтација, нејзиното меко оружје е модерната компрадорска елита, елегантно наследена од црвената буржоазија од распадот на комунизмот во посткомунистичките држави на пример, која уште поелегантно ќе ја убедува домашната јавност дека најдобра и најбрза модернизација ќе се случи ако најмоќните ресурси (политички, економски и културни) им се предадат на странци. Политичката компрадорска елита, овде не е осамена, рака под рака со неа, својот дел од компрадорската рента си го одработува и академската средина, медиумите, невладините организации, институциите од културата. „Ние сами не знаеме, нашите меѓународни пријатели знаат како. Нас не н  бива, само странци може да нѐ оправат”. И со тоа, севкупниот наратив во државата или остатоците од неа почнува да се менува. Дневниот ред на ургентни и најважни прашања за опстанокот на граѓаните, добива нови и толку посакувани нови содржини. Како што вели Слободан Антониќ во еден текст за модерните компрадори, така енергијата на работниците се сведува на еколошки проблем на фабричкиот оџак, а енергијата на незадоволните граѓани на носење закони за заштита и благосостојба на животните, а не на десуверенизација на парламентите што се под контрола на извршните власти, на пример. А десуверенизацијата на државата и нацијата, си ги има своите дежурни модерни компрадори-корифеи дома,кои се секогаш „на готовс”и брутално спремни против„национализмот, конзерватизмот, традиционализмот”, што според нив ретроградно дејствувана развојот и напредокот. И така завладува едно тотално и комплетно предавање во големата корпоративно-компрадорска „љубов”.

Македонските модерни компрадори

Сувереноста на модерните држави веќе подолго време не е на глобалниот дневен ред. За модерниве десуверенизирани балкански држави, само инцидентно може некој да напише или каже нешто. „Балканските демократии се политички режими во кои гласачите се слободни да ја менуваат власта, но се многу ограничени во менувањето на политиките”, ќе каже бугарскиот политички истражувач Иван Крстев. Секој притисок одоздола од народот, се карактеризира и осудува како популистички, a „демократизација е прилагодување на стандардите на ЕУ”. Трето нема, а парадоксот дека само „меѓународната” го издава гарантниот лист за демократизација, во која е малку важно дали политичката компрадорска елита ќе се држи до ветувањата што ги дала во предизборие, сѐ додека си ја врши избалансирано добро класичната компрадорска улога.

Така, денес во Македонија, наместо да се разговара и дебатира со јавноста и опозицијата за новите условувања пред отворањето на европската преговарачка рамка, историски најголемото задолжување на државата, историски најсиромашната година со поразителни економски показатели, илјадниците изгубени работни места и компаниите кои ќе бидат поради кризата препуштени на пропаѓање, за уште една, веќе втора изгубена образовна година, за неславните рекорди во жртви на модернава чума, на распадот на системот по сите рабови, замајува типично компрадорски за извоз на цветови од марихуана денес или легализацијата на истата утре. И во тој тон, уште потипично копрадорски, нуди распродажба на уште неколкуте останати државни претпријатија, како државната Пошта и Железница. И си ја крева сопствената цена, за уште некое време. До времето, дури веќе нема да има што да распродава? Што треба повеќе за да се именува една влада, како компрадорска, до коска.

Добрите познавачи на историјата ги препознаваат оние неизбежни моменти, кога погледите на народот и елитата во толкава мерка се разминуваат, што стануванеминовно народот да ја смени елитата. (пред елитата да почне да го видоизмени, до непрепознавање). Ова денес го чувствуваат подеднакво сите,  најголем дел од граѓаните, домашниот бизнис осуден на пропаѓање, едно мноштво нашинци кои успеале надвор, кои станале вистински светски луѓе и вистински се згрозуваат од актуелново компрадорство дома.

И никој попластично не ги опишал овие процеси и горки чувства, како Достоевски уште во 1877 година, па со негово цитирање и ќе застанам овде. „Значи, почнавте од бесцелно скитање по Европа со страстна желба да се препородите во Европјани, макар само по изгледот. Цел 18 век го поминавме само во попримање на туѓ изглед. Го втурнавме пред нас европскиот вкус, дури и кога јадевме некоја гадост, се трудевме да не се мрштиме. И ние токму тогаш моравме да почнеме од презирање на своето и своите, а презирот кон своетои своите само растеше и растеше, посебно кога сериозно почнавме да ја разбираме Европа. Но, тоа можеше да даде само еден тажен резултат, сите Европјани нѐ гледаа со потсмев, а неспорно паметните Руси во Европа – со арогантна добронамерност.”

Секоја сличност со нас е сосема случајна, нели?

Приказната за компрадорите продолжува…

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.