Маја Славева

Освен југословенски есперанто, премиерот течно и со тврдо „Р“ говори и индиско-англиски јазик.  Вели со влезот во НАТО ќе добиеме вечен мир(?), стабилност и безбедност и „афтеР дет“ (и потоа), брза економија. Како брза географија.

Брза кучка слепи кучиња раѓа, вели поговорката, а нашиот премиер вели брза економија, но сигурно бавно има размислувано за да може во секој поглед, полека и тактички, Македонија да заличи на Индија. Затоа и толку се труди околу индиско-англискиот изговор, јазик, есперанто нагласок, или не знам веќе како би се нарекло тоа во Кабинетот на премиерот.

Не’ спремаат за Запад, ни додаваат име со друга насока, ќе населуваме луѓе со култура од Исток, а на Југ не смееме веќе ни да помислиме. Оние што „не’ спремаат“ премиерот на Тачи му кажал во пораките дека се од горе, тоа во 2014 година кога му се нудел за соработка и средби, ама кој да ти знае, можеби мислел на Господ. Велеше нели, и дека Господ го црпнал од нивата за да ја води земјава. Со нашиот премиер, се е јасно. На кој не му е, негов проблем.

Не може да не е јасна стабилноста и безбедноста во Македонија. Јасно е дека луѓе исчезнуваат ко од шала, за да бидат потоа пронајдени мртви. Моментално според МВР, исчезнати се 64 лица.

Јасна е безбедноста во затворот Шутка. Какви се тие инциденти во затворот, дојдоа Миле и Спире и одма 2 тепачки во еден ден направија. Коки на премиерот, цел во насмевки веднаш истрча да ги обвини Груевски и Мицкоски дека тие организирале, ама не ја виде објавата на Facebook дека меѓувремено оние кои ја завршиле таа работа, веќе си се пофалиле. Боливуд не ни е рамен. Од филмови пренесуваме во реалноста.

Јасна е и загаденоста во земјава, реално сме во магла, но е доста јасно дека сме најзагадена земја во Европа. А јасно е и дека Индија е најзагадената земја во светот, дури ја надмина и Кина.  Ќе пискаме, ќе врескаме, но јасно е дека кај нив караванот си врви, а кучињата лаат.

И ќе се сетиме на стихот од еден од најубавите македонски евергрини: „Шутка и Топана имаат една маана, што не се во Индија“, за да сфатиме и да ни биде јасно дека ние сме скоро па и Индија на Балканот.

Пишувајќи го ова, побарав и што е премиерот во индиски хороскоп, што вели дека премиерот е строг и сака да организира се под конец, ја следи својата мисија и не трпи неверност поради својата чувствителност.

Ќе ве молам, не го нервирајте премиерот, од понеделеник, некој понеделеник, ќе добиете отказ ако (не) сте добар директор. Ќе го прати Коки со прес да раскажува Боливудски филмови, а може и да го збуните, па конечно да се загрижи за Македонија на која и’ го смени името, па да почне да работи нешто во рамките на националните интереси на земјата.

И после „ОП“ нема НАТО и ЕУ. Јасно е.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.