Предраг Димитровски

Мммммм, мммммм, ммммм…. Не чудете се, ве молам. Медитирам.  Во време на пандемија од Ковид-19 медитирањето ми стана речиси секојдневен обред. Длабоко размислувам. Насочувајќи го вниманието кон убавите младешки денови  ги ослободувам мислите за да постигнам душевно спокојство во себе. И го чекам новиот настап на д-р Зоран Заев. Нашиот колективен психотерапевт. Познат уште и како премиер на Република Македонија.

Да, да. Да ме заколеше човек до вчера немаше да знам дека сите сме биле подложни на колективна терапија а ла Зоран Заев! Како во најдобрите драми на Шекспир, нашата колективна недораснатост како обични луѓе ни ја надоместува неговото мислење. Неговото и само неговото. И ничие друго. Ние, обичните луѓе, не постоиме за да мислиме. Право на тоа има психотерапевтот д-р Заев. Тој, големиот вожд, е тука и да мисли за нас, и да не лекува, и да не забавува.

Ете, вчера дознав дека Зоран Заев како премиер немал намера да понесе одговорност за катастрофалната состојба во државата на сите, ама буквално на сите полиња од животот. А, посебно не за состојбата со пандемијата од Ковид-19. Зашто, како што читал тој, во државата имало сериозна психолошка колективна депресија, што се одразувала и на психолошкото индивидуално ниво. И извештаите на психолозите сугерирале да има позитивни настани, позитивни ивенти, да се случувале убави работи.

И нашиот угледен, достоинствен и чесен премиер, како и секоја добра вила во вакви тешки и трауматични моменти, решил на себе да ја преземе сета одговорност и да ни шири само добри вести. Па, затоа се вози и со мотори и со хеликоптери, додека секаде околу него демне смртта, иако тој самиот не го сака тоа. Дури никој не го прашал ни дали му е страв да се качи во хеликоптер! Ама што да прави. Должноста и обврските повикуваат.

А, богами за тоа е подготвен и да плати. Нормално, не со негови, туку со државни пари, пари на даночните обврзници, 4.000 евра само за еден хеликоптерски лет. До Прилеп, Битола, Велес… Каде се отворала модуларна болница, каде се поставувале темели за нова градинка, каде се пуштал далновод, нов пазар…

И секаде да блеска, да сјае, да шири убави вести за да ни внесе доза на оптимизам. Дека и во време на пандемија животот мора да тече. Дека градоначалниците од неговата партија и коалиција си ја тераат работата како што треба. Градат на секој чекор. Вистински неимари на кои мора да им одаде признание и во овие тешки времиња. Па, затоа нема и од нив да бара никаква одговорност. Може само, не дај Боже и скраја да е, некој самиот да направи харикири, зашто и нив ги оптоварувала мачнотијата. Во нивните души.

Не, сето ова не било пропаганда. Локалните избори ќе бидат дури за шест месеци. Ова било само обична забава за народот. Еден вид психолошки третман. Колективен. За да можеме колективно да гледаме со розови очила на реалноста и сегашноста. Во која не забавува лично премиерот. Ама не како премиер, туку како психијатар.

Да слуша човек и да не може да верува! Па, толку ли Зоран Заев го смета својот народ за недоквакан!?

Аман премиере или психијатру д-р Заев, престанете да ни носите убави вести! Соочете се со реалноста. Вашите убави вести не ја совладаа пандемијата. Напротив. Од вашето доцнење во набавката на вакцините, од ненавременото преземање соодветни мерки и политичката трка за што поскоро одржување на пописот, пандемијата секојдневно носи по триесетина човечки животи, а стотици луѓе се борат за голиот живот. И ним не им е важно дали Вие сте премиер или психијатар. Не им е важно дали ќе отворите пазар во Велес или ќе се гради градинка во Прилеп. До нив таквите вести едноставно не стигнуваат. Ним во моментот им е најважно да останат живи! Да ги примат во болница, не во приватна, зашто за таму немаат пари, туку во државна. И така да добијат барем минимална шанса да останат со своите најблиски, со своите семејства!

Вие може да глумите добра вила, може да играте со зборови дали масовното вакцинирање во Србија било срам или не за државата Македонија, може за тоа и да се карате со шефот на државата, може да гледате со розови очила на реалноста, може да не чувствувате одговорност за ништо, за ниту еден човечки живот, за ниту една пролеана солза по загубените родители, браќа и сестри во семејствата, може… Но, сакале или не, признале или не, одговроноста за сето ова паѓа и на Ваши плеќи. И за тоа Вие сте многу свесен и тоа чувство, длабоко во себе, не можете со ништо да го избришете.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.