Петар Поп-Арсов

Класична настава во училишните клупи или настава на далечина преку интернет? Како да ја почнеме новата училишна година? Што е најпаметно да направиме во услови кога целиот свет се соочува со истото прашање? Тешка ќе биде одлуката! Тешка и далеку од сеопфатна, особено во услови на се поголем притисок на времето.

Бројни се аргументите кои одат во прилог на одвивањето на наставата преку интернет, исто онолку колку што се бројни и оние против. При спроведување на наставата преку интернет дефинитивно се елиминира ризикот од ширење на вирусот во училиштата. Со овој тип настава, уште од првиот училишен ден, се превенира опасноста од евентуалното менување на начинот на нејзиното спроведување во случај на појава на инфекција во училиштата при конвенционален начин на настава. Појавата на макар еден случај на Ковид-19 во еден клас, го става вон игра целото училиште по системот на верижна реакција. Понатаму, не сите ученици од сите возрасни групи се во можност, објективна или субјективна, да ги почитуваат воспоставените протоколи за заштита од вирусот. Дури и да ги почитуваат до максимум, онака како што тоа го прават здравствените работници, се уште постои доза на ризик за пропусти и ширење на вирусот. Нехумано и неизводливо ќе биде секој ученик во текот на целата настава да седи под маска, а при тоа да се очекува дека истата правилно ќе биде користена. Темпераментот, енергијата и се што е карактеристично за младата генерација е невозможно да бидат контролирани до максимум, при што секоја мерка ќе претставува само добро осмислена фикција. Користењето на јавен превоз за учениците мора да биде интегрирано во системот на мерки за заштита, во спротивно сите протоколи се залудни.

Од друга страна, не секој ученик има технички и материјални можности да ја следи наставата преку интернет. Не постои интеракција и постои можност од манипулација и избегнување на обврските на образовниот процес. Оценувањето не е онолку реално колку при класична настава. Да бидеме искрени, воопшто не е реално! Иако се смета дека интернет наставата е полесна, како за наставниците така и за учениците, досегашното искуство покажа дека оваа настава е далеку поисцрпувачка за сите учесници, вклучително и за родителите на нашите најмлади ученици. Постои зависност од технолигијата за која не секој е експерт истата правилно да ја примени или соодветно и правовремено стави во функција, во случај на проблеми при нејзиното користење, без оглед на тоа дали се работи за најмладиот ученик или највозрасниот наставник.

Како и да е, можеби некој ќе рече, подобро да отсуствуваш од наставата поради вирус во компјутерот отколку вирус во себе и семејството, но и тоа е прашање на кое многу бргу треба да се најде одговорот.

Во право се и оние кои се залагаат за класична настава. Нема подобра настава од наставата со директен контакт меѓу учителот и ученикот. Ваквата настава е достапна за сите, при што не постојат пречки од технички и технолошки карактер. Значително е подобра и поефикасна организација на времето и обврските на сите учесници во наставата. Следењето и евалуацијата на секој ученик е далеку попрецизно и пореално. Моментот на дружење и меѓусебната социјализација, која е исклучително важна компонента во воспитно-образовниот процес, е уште еден аргумент во прилог на класичното одвивање на наставата.

Застапниците на класичната настава ќе речат дека и сега постојат секојдневни дружења и контакти меѓу учениците и студентите, од најмалите па до оние највозрасните. Продолжувањето на нивниот меѓусебен контакт во училишните клупи нема да претставува нов момент кој до сега не сме го имале. Сепак, дали социјалниот контакт, кој е производ на сопствена одлука и сопствен избор на релативно мал и затворен круг на другарчиња, пријатели и соученици кои се познаваат меѓу себе, може да се поистоветува со неконтролираниот физички контакт во автобус, контактот на одморите меѓу училишните часови, допирот на исти предмети, допирот на рачката на училишните врати, чешмата во тоалетот и самото користење на заедничкиот тоалет? Ова се прашања за кои во моментов се уште нема одговор и кои што претставуваат нерешлива енигма за сите воспоставени протоколи. Ова се прашања на кои требаше систематски да се работи од почетокот на пандемијата. Прашања чиишто одговори требаше да овозможат висок степен на сигурност и извесност за тоа како ќе почне школската година. Или, пак, можеби претставуваат ризик којшто треба да се земе?!

Но, кој да го земе ризикот?

Се создаде поларизација во општеството. Едни се за враќање на учениците во училишните клупи, другите, пак, за продолжување на начинот на водење на наставата онака како што заврши претходната училишна година. Слушаме предупредувања од родители дека нема да дозволат нивните деца да посетуваат настава во услови на корона. Се потпишуваат петиции. Конфронтации и спротивставени мислења на социјалните мрежи.

Кој не доведе до ваква позиција?

Не доведе истиот оној којшто треба да го земе ризикот и да ја донесе одлуката! Министерството за образование заедно со неговиот прв човек, Министерот за образование, кој и да беше! Тие се!

Имаа доволно време, уште од март оваа година, да кројат стратегија како би постапиле во услови во кои моментно се наоѓа државата во однос на Ковид-19 кризата. Наместо да се надеваат дека целата криза ќе заврши на две илјади инфицирани, како што беа проекциите на Филипче, требаше да разработуваат различни сценарија за почетокот и текот на новата учебна година. Наместо да делат ваучери на дел од учениците во периодот пред изборите, кое со право се нарекува изборен поткуп, можеа барем да се обидат да направат некакво прилагодување на училишните простории за поефикасна настава во услови на Ковид-19 кризата. Наместо да играа на картата дека епидемијата ќе згасне самата по себе, можеа да создадат материјални и технички услови за секое дете да биде во состојба да ја следи наставата од далечина.

И што сега? Како да се постапи? Кава настава да се примени? Класична или настава на далечина? Прашања коишто ја преокупираат македонската јавноста и неосетно го ставија долгоочекуваниот избор на Владата во втор план.

Тешка и ризична ќе биде секоја одлука, каква и да биде таа. Тешко ќе може да се пресече правилно без да се предизвика незадоволство и негодување кај една или друга група на граѓани, особено во услови на крајно сложена и неизвесна состојба во која западна државата. Пропуштен е периодот кога Министерството за образование мораше да вложи дополнителен напор и да ги превземе сите чекори од своја надлежност со цел да го сведе ризикот на минимум, а контролата над ситуацијата да ја доведе до максимум.

Во моментов се уште немаме Влада. Прашање е кога ќе ја имаме и каква истата ќе биде. Имаме остатоци од она што до пред неколку недели се нарекуваше Влада за спроведување на изборите. Имаме министри за здравство и образование коишто и самите не знаат дали тоа и понатаму ќе останат. Имаме Комисија за здравство којашто не се прослави во периодот зад нас. Имаме политички елити кои, доколку не се свестат и ги стават интересите на македонските граѓани во преден план, ќе предизвикаат дополнителна штета на македонската држава и македонските граѓани. Набргу можеби ќе имаме некаква кревка Влада, подржана од тенко мнозинство, соочена со речиси извесна економска криза и веќе очигледно пропаѓање на поедини банки. Влада, која доколку не биде широко поддржана, ниту ќе може ефикасно да се справи со предизвиците што следат, ниту ќе биде способна да ги исполни очекувањата на граѓаните. Да не спомнувам дека ниту, пак, самата ќе може да преживее на подолг рок, независно од тоа кој ќе ја формира!

Ова се тие коишто треба да го земат ризикот!

Не влеваат некоја доверба, зарем не!?

Затоа се вакви реакциите на граѓаните. Затоа родителите се обидуваат работите да ги земат во своите раце и максимално да влијаат на процесот. Затоа е ваквата поларизација која, доколку итно не се превземат најсоодветните мерки од страна на надлежните, ќе не доведе во состојба секој сам да го земе ризикот.

Но, тоа не е одлика на организирана држава!

Тешко е да се сугерира паметно решение во услови кога човек гледа од страна и има чувство дека сите конци се испуштени од раце. А решение мора да се најде! Тоа ќе биде решение кое ќе зависи од степенот на издржливост на надлежните институции, од капацитетите и подготвеноста на здравствениот систем за есенскиот бран на пандемијата, од совесноста и придржувањето кон мерките на секој граѓанин, но највеќе од се, ќе зависи од стравот од евентуалната грешка, стравот од одговорност и стравот од реакција за секој неправедно изгубен живот како последица на лошите политики.

Стравот ќе го диктира решението, за жал!

Какво и да биде решението, во кој правец и да се тргне, треба да се работи максимално одговорно, совесно и посветено. Ако ништо друго, ќе се водиме според искуствата и праксата на поорганизираните од нас. Ќе го препишеме и пресликаме нивниот модел. Барем за препишување не бидува! Но, дали тоа ќе биде решението? Неважно! Важно ризикот е најмал!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.