Христо Ивановски

Ова се денови на испраќање пораки – ВМРО-ДПМНЕ го слави својот 29. роденден, СДСМ избираше нов Централен одбор, а амбасадорите на Франција и на Германија исто така испратија пораки дека „Северна Македонија“ ќе добие и треба да добие датум за почеток на преговори за членство, но треба да се запне со реформите. Треба да се работи напорно и тоа заедно со опозицијата. И, така доаѓаме до почеток на приказната со која постојано се вртиме во круг.

Ако социјалдемократите се на власт, тогаш демохристијаните служат за декор, а кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт тогаш си играат мајтап со социјалдемократите…и така низ овие години на самостојност.

Стотици, ако не и илјада закони се донесени без одобрување од опозицијата, а курназлакот е отиден до таму што ако се сака да се протне некој закон и притоа да им се кренат нервите на опозиционерите, тогаш на законот му се става европско знаменце. Демек, ова е во интерес на европските интеграции, што секако во многу случаи не било точно, но затоа, пак, се избегнало гласање со двотретинско мнозинство.

Затоа Тимоние и Герберих посочуваат дека во вагон ресторанот на оваа наша транзициска композиција треба да се качи и опозицијата, но притоа на масата треба и за неа да има колачи и чајче. Инаку, промашен е процесот на широк консензус и кревање на рампата во Брисел.

Опозицијата веќе најави дека е подготвена со свои експертски тимови да помогне во реформскиот процес, што би значело подавање рака и извлекување на кабинетот на Заев од калта, со што земјата би имала исто така корист. Но, поучени од процесот на преговори за законите за Јавното обвинителство, особено за статусот и идната рамка на делување на Специјалното јавно обвинителство, јасно ни е дека далеку сме од идеални односи на релација власт-опозиција. Да не речам дека процесот е заглавен и заради лични суети, што секако е рецепт да не успееш. Затоа власта ќе треба многу брзо да се ресетира кога е во прашање СЈО и целиот комплекс закони поврзан со судскиот систем. Ако можеа за Законот за борба со корупцијата може и за овој.

Сепак, ова е повеќе анализа која оди во доменот на теоретското, зашто во пракса, она што е суштинското, е дека јазот е уште многу голем меѓу власта и опозицијата. И тоа се гледа во перцепцијата на Извештајот на ЕК, кој за Заев е „брилијантен“, а за опозицијата лош, па и катастрофален, извештај. Обидот на јакиот тим Заев-Османи-Димитров да издејствува нешто повеќе од Меркел беше повеќе трошење буџетски пари, затоа што веќе цел месец се знаеше на кои позиции е Меркел, а на кои Бундестагот.

И сега, преговорите со Бугарија за „историјата“, кои се на добар пат да завршат со фијаско, зашто софиските претставници се однесуваат како само тие да имаат право да (ни) ја пишуваат историјата и да се однесуваат како постар брат кој ќе ни удира чврги на патот кон ЕУ.

Ако кон вака заглавената влада сега ВМРО-ДПМНЕ се постави во улога на лост кој ќе треба да помогне за да се подигне товарот, тогаш навистина таа партија заслужува да добие етикета „европско знаменце“.  Сепак, политичката логика, вели дека кога Преспанскиот договор ги брои жртвите ( и во Грција и во Македонија), би чудело зошто опозицијата би играла максимална конструктивност (неколкупати извозена од власта), наместо да биде практична и да си ја чека својата шанса да го фати државното кормило. Еден од главните насоки на тој курс би требало да биде расчистување со темните петна од минатото – од врховизмите до коруптивноста, но и со она што беше бал на политичкиот вампиризам во последниве две-три години во Македонија.


Колумна за Пресинг ТВ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.