Васко Шутаров

Изминува првиот месец во Новата, а ние во најголем дел длабоко трогнати од „допирањето на дното од животот на Тома“, силно возбудени од новогодишната „повеќе од игра“ со австралиските власти на Новак и здраво пристегнати во нова серија од бугарски „братски прегратки” со нови ликови и старо-нови желби и (ис)пораки.

Дома, во меѓувреме, со сите адети се истераа сите јануарски празници, се избркаа старите демони со нови василичарски маски, се изгласаа старо-нови министри, учениците и наставниците си добија продолжен зимски распуст, а граѓаните кои се греат на парно си добија топли радијатори.

Кој во таква потполна зимска идила исполнета со „расположенија“ сервирани од првите соседи и подгревани со домашни топли радијатори воопшто и би се оптоварувал со предноводишната поздравна изјава од не толку далечната Словенија, дека на запад навистина нема да има ништо ново, кога веќе и од устата на еден од првите европските лидери сосема јасно е кажано: „Зошто да ги внесуваме, кога се толку евтини како работна сила”?! И каква врска има тоа, што и од најблискиот исток сѐ ќе биде по старо?! А навистина, зошто уште во јануари сериозно би се оптоварувале со тоа?!

Туку, најлесно е да ги обвиниме соседите што така умешно ни го тренираат расположението, ни го окупираат вниманието и нè оставаат во дополнителни поделби и расправии, кога нашата држава веќе со години не се занимава ниту со своите граѓани и нивните вистински потреби, а и премногу очигледно самата се откажува од креирање настани, креирање политики и стратегии кои ќе го анимираат и интегрираат во единствена емпатија духот на македонските граѓани, барем по некоја основа. Како пред деценија-две, во солидно истемпираното сеопшто воодушевување од можната македонска евро-атлантска интеграција. Или како последниве години, по серијата успешни спортски настани на европска и светска сцена кои во текот на сиве овие сиви години, барем за неколку дена ни покажаа колку се моќни силата на емпатијата која поврзува и гордоста која со блискиот се умножува.

Освен спортот, културата е најсигурна и најмоќна алатка која може да го обедини и да го облагороди духот, на уште поедноставен и сосема непретенциозен начин. И да искреира далеку поповолна перцепција за државата, од оваа со која сме трајно веќе обележани. Како држава со проблем! Долги години со едниот сосед, последниве години со другиот сосед, а во меѓувреме наизменично и со двата! Полоша и понезгодна замка за една држава и нејзините перспективи – нема! Да не зборуваме за дипломатијата која е и со раце и со нозе имобилизирана, освен кога треба да отвори дланка и подаде и потпише нешто од она, за што како дипломатија има и света и световна обврска до крај да го чува и брани, а тоа се државните и националните интереси!

Ама кој да се занимава со култура и спорт или пак културна или спортска дипломатија, кога тие се сместувани редовно само во последните графи од дневниот ред на државата, која овие години е така податливо ангажирана и силно посветена само во решавање на ем длабоко и ем високо поставените цели на соседските политики.

Да го оставиме настрана од овој контекст Министерството за надворешни работи и старо-новиот министер, кој и понатаму ќе има и време, разбирање и расположение за сите соседски желби и потреби и нема и понатаму да наоѓа време за исполнување на своите законски обврски да ги информира за своите активности македонските пратеници! И преку нив да ги слушне потребите и расположенијата на македонските граѓани.

Да го оставиме настрана и Министерството за култура и новата, петта по ред министерка за неполни пет години од владеењето на старо-новата власт, на која треба да ù се остави време, барем елементарно да се запознае со мрежата од институции во културата и огромното поле за културен натпревар кое нејзините претходници го оставија, или плитко или воопшто неизорано. За разлика од претходната министерка, која на позицијата прв човек на македонската култура дојде од исклучително важната позиција претседател на собраниската Комисија за култура, актуелнава, не ни учествувала во нејзината работа за време на краткотрајниот пратенички мандат. А чуму ù служи таа собраниска комисија за култура, толку нечујна и сосема невидлива последниве години?! И чуму Собрание во целиов овој контекст?!

Но, токму Собранието и Комисијата за култура со своите надлежности би требале да бидат родно место на културата на сеќавање, културата на препознавање и сеопшто културно и државно обединување, преку заеднички усогласена политика за одбележувања и празнувања на значајни годишнини и јубилеи од настани и личности за државата. Законодавецот таксативно набројал мноштво прашања од културата кои се од надлежност на ова собраниско тело, меѓу кои, повеќе од две децении за исклучително важни се сметаа: определувањето годишнини на настани и личности од посебно значење за државно-правниот развој на Републиката, афирмацијата на историското и културното наследство и негувањето на општо-цивилизациските вредности, начинот и формите на одбележување на значајни настани и личности.

Барем така беше, полни 20 години, од 1998 до 2018 година. Што во меѓувреме се случи со оваа толку важна собраниска улога во креирањето официјална државна програма за одбележување значајни историски и културни јубилеи и настани, може само да се нагаѓа, но факт е дека за време на владеењето на старо-новава власт не беше донесена ниту една таква Годишна програма.

Кога пред две години пишував на истава оваа тема, посакував таа 2019 година да биде исклучок, а не правило, иако и тогаш, а денес уште повеќе  сум убеден, дека исклучоков не е воопшто случаен и дека во меѓувреме станал и правило и нововостановена политичка практика.

Во уредно архивираните стенограми од Комисијата за култура на собраниската веб-локација последниве пет години, може да се прочитаат и сериозни дебати како да се направи пофункционален начинот за носење на оваа годишна програма, но и тогаш без соодветно финале, т.е. собраниско изгласување на така предложената програмата од матичната Комисија за култура. Пребарувајќи по активностите на истата, во последниов собраниски состав, откако нејзин претседател станува пратеникот Кастриот Реџепи („клучната квака“ за обезбедување на последното парламентарно мнозинство), таквата пракса околу носење на јубилејната државна програма е комплетно замрена. И тука веќе, почнува и завршува целиот циклус на претходно претпоставени случајности. И како овој сплет од чудни околности, да не се нарече „политичка програма за неносење македонска државна програма за прославување значајни годишнини и јубилеи од настани и истакнати поединци“?!

И затоа и во 2022 година, државата ќе нема своја официјална Годишна програма за одбележување бројни исклучителни датуми. Првиот ни е веќе на прагот, на 4 февруари, кога со цела државничка почит и со серија државни акции (специјална јубилејна монета, поштенска марка и сл.) ќе требаше да се одбележат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Поголем датум и подобра причина да се обединиме околу реткиов јубилеј на Апостолот не можевме да имаме!

Државата на овој начин, веќе пропушти да ја прослави 80-годишнината од првото исполнување на македонската химна, од новогодишната ноќ во 1942 година во Струга. Со истиов ваков подмолен недржавнички парламентарен чин, државата ќе пропушти да ја прослави и 150 годишнината од раѓањето на Јане Сандански во мај. На истиов начин ќе се откажеме од одбележување на 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, а со него ќе потонува во сѐподлабок заборав химничната „А бре Македонче, за каде се спремаш“!

Свечено ќе се пропуштат ретките јубилеи на две исклучително големи имиња од македонскиот фоклор, 100 години од раѓањето на Тале Огненовски, првиот Македонец кој настапил во „Карнеги Хол“, за кого пишувал „Њујорк Тајмс“, и 100 години од раѓањето на авторот и најпознат интерпретатор на најомилената македонска песна „Зајди, зајди“, Александар Сариевски. Да ја запишеше и испееше само оваа елегиска песна, во држава која држи до своето, оваа јубилејна година ќе се обидиневме во сите најмодерни музички варијации на темава, која и светската музичка и филмска индустрија ја сметаат за редок музички бисер.

Или јубилеите од понов датум, а тесно поврзани со осамостојувањето на државата, како што се 30-годишнината од монетарното осамостојување и 30 години од формирањето  на македонска армија. Дел ќе се пропушти, дел ќе се премолчи или да не биде сосема така, ќе се допушти на некое друго пониско државно хиерархиско ниво да се организира и јавно спомнува како некакво празнување или чествување.

И да не биде сѐ така црно, кога не се самопочитуваме туку се самобришеме во Собранието дома, токму годинава Американскиот Конгрес со Резолуција бр.741 ќе го прогласи септември за Месец на македонско-американското наследство. Македонската дијаспора на овој начин, покрај своите значајни јубилеи, успеси и настани остварени на американскапочва, ќе ги слави и чествува и македонскиот јазик, култура и историја. Па во рамките на тие чествувања може и ќе се испее „Зајди, зајди“ во чест на Сариевски, може и ќе се изроди нова модерна инструментална верзија на „А бре Македонче“, може и да се отсвири некоја од антологиските теми на Тале Огненовски кого и американските џез легенди сѐ уште го спомнуваат, и сигурно од прва до последна нота ќе се испее и отсвири македонската химна, сосе Гоце и Јане во неа. Единствено нема да може да се издаде јубилејна монета (како што тоа веќе го направи Бугарија со издавањето сребрена јубилејна монета по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев) или пригодна марка со ликот на Гоце и Јане, затоа што зад такви одлуки и за такви официјални државни пригоди, сепак застануваат модерните суверени држави во соработка со нивните национални банки и пошти. А, може и тоа ќе можат, кога нивната матична држава веќе не може!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.