Предраг Димитровски

Лицемерно и лажно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупција кога токму оваа партија е синоним на коруптивно дејствување, провизии од тендери и незаконско финансирање на партијата. Уште поголемо лицемерие е пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да зборуваат за партиска држава, кога токму за време на нивното владеење бевме категоризирани како заробена држава.

Тоа е партија чие целото претходно партиско раководство и речиси половина од актуелната пратеничка група секојдневно се пред судовите каде се сомничат за сторени кривични дела.

Вака вчера воскликна пратеничката од редовите на владејачкиот СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе интерпелациите за вицепремиерот одговорен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, и министерот за правда Бојан Маричиќ.

За жал, тој нејзин восклик не е исклучок, туку правило во реакциите на владејачката партија, што во многу потсетува на однесувањето на змијата како животно. Зашто, како што од змија не може да се очекува самата да си ја гризне опашката, така ни од СДСМ не може да се очекува да признае вина и одговорност за ништо, а не, пак, за цветањето на корупцијата. СДСМ е суво злато, не мерено, од Бога дадено да не просветли, да ни ги отвори очите.

Иако е цели четири години на власт, владејачкиот СДСМ и неговата водечка структура не дозволува ни раска да падне врз нив. За најлошиот скор во борбата против корупцијата и рангирањето на Македонија на 111 место во светот според Транспаренси интернешнл виновни се сите, само они не!

И сега, ако најголемата опозициска партија нема право да каже ни збор за корупцијата, останува СДСМ да направи список и отворено да каже кој ќе има право на тоа. Дали, на пример, за корумпираноста на власта ќе можат да говорат граѓаните, кои на последните парламентарни избори и дале доверба на ВМРО-ДПМНЕ, а тој број е над 310.000? Дали ќе имаат право да говорат и пишуваат медиумите, институциите на системот, невладиниот сектор, барем оној дел што остана како таков…Или и тие ќе мораат да молчат, зашто тука се граѓанските судови, кои веднаш се ставаат во функција на власта!? Како што се случи со проф.Слаѓана Тасева, која ги обелодени резултатите на Транаспаренси, што, пак, со други зборови значи и претставува обид за институционална заштита на корупцијата!

Зошто за СДСМ е лицемерно и лажно ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупцијата, а не е лицемерно истиот тој СДСМ да се правда за тоа што дозволи за само четири години практикување власт Македонија да падне повеќе од 45 места на ранг-листата на Транспаренси интернешнл?!

Во што се разликуваат тендерите на ВМРО-ДПМНЕ од тие на СДСМ? Во провизиите? Во што е поголемо лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ кога говори за партиска и заробена држава од лицемерието на СДСМ, кога и денес Македонија ги има истите атрибути?! Во непотизмот, во партиските списоци за нови вработувања, во партиските списоци за дополнителен ангжман на наставниците во Општина Карпош, во селективното, партиско прочистување на безбедносните служби, во масовната предизборна институционална и партиска корупција со ваучери и пакети помош, што ќе се најдат во наредниот извештај на Транспаренси, во… Зошто СДСМ го гледа тоа што целото претходно раководство на ВМРО-ДПМНЕ се влечка по судови, а не го гледа фактот дека нивниот лидер е аболициран политичар и единствен премиер на држава, кој можеби најмногу време поминал пред домашните судови и кому му се менувани законски точки за да се елиминира кривично дело?

А, кој и зошто го однесе целото бившо раководство на ВМРО-ДПМНЕ пред надлежните судови? Тоа многу брзо СДСМ сака да се заборави. Па, неговиот „Чарлиев ангел“ во ликот и делото на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, таа што требаше да расчистува со највисоките облици на организираниот криминал и корупција во државата, стана симбол на криминал и корупција во време на владеење на СДСМ! Или и таа била дел од бившите раководни структури на ВМРО-ДПМНЕ, ама без никој да не знае!

Во предизборната кампања за последните, предвремни праламентарни избори, како и во промовирањето на програмата за работа на старо-новата Влада на СДСМ, токму одговорноста беше еден од најчесто употребуваните термини. Едно, пак, од основните негови значења е-обврска за совесно и добро извршување на примената должност, работа, задача, со прифаќање да се одговара за лошото извршување, грешките, неуспехот во тоа (морална, политичка, колективна-слично со совест).

И сега СДСМ може колку сака да труби дека неговите вицепремиер за борба против корупцијата и министеро за првда досега добро си ја извршувале својата работа, па оттука не треба да сносат и никаква одговорност. Но, таквиот став не е во согласност ниту со ветувањата, ниту со прокламираниот политички став за борба против криминалот и корупцијата.

Зашто, бегањето од одговорност значи толерирање, неказнивост и поттикнување токму на криминалот и корупцијата. Што секако ќе се најдат во следниот извештај за неуспешната борба против нив и ќе значат натамошен пад на државата на светската ранг листа. Ама за СДСМ тоа е помалку важно, важно е и за тоа да биде виновна ВМРО-ДПМНЕ. Лицемерно и лажно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.