Низ етерот, кој трпи сѐ и сешто, па така и застрашувачки глупости, сеуште ечи еуфоричниот аплауз на највисоките европски државници упатен до германската канцеларка Ангела Маркел, која во Стразбур решително повика на создавање заедничка европска армија. Недостасуваше уште само сите како еден војнички дисциплинирано да станат на нозе и да ја кренат десната рака во знак на „поздрав на победата“, но стариот нацифашистички поздрав „Sieg Heil“ од сосема практични причини денес е заменет со еден друг, модернизиран, псевдо-концилијантен поздрав во духот на „европските манири“ – со силно, воодушевено, општо, евроунитаристичко ракоплескање и акламација на милитантното лудило (секоја чест на неколкуте исклучоци!). Не можам овде а да не потсетам на зборовите на големиот  италијански писател Умберто Еко, кој на едно место вели дека денес не треба да очекуваме нацифашистите да се појавуваат во црни униформи. А јас додавам: ним обичните официјални „граѓански“ облеки, свилени вратоврски и црни чанти денес им се совршена цивилизациска мимикрија пред збунетиот и од нивните подмолности и невиден цинизам истоштен, невин свет.

Само неколку десетлетија нѐ делат од крајот на Втората светска војна кога на Германија, поради воените стравотии што ги предизвика нацифашизмот, ѝ беше забрането созадавање нова силна германска армија и повторно вооружување. Но недолго потоа, поради воените и безбедносни интереси на штотуку создадениот НАТО, и поради интензивирањето и сѐ поголемиот замав на блоковската студена војна, таа одлука на сојузничките победници беше „редизајнирана“ и Германија доби можност да создава свои оружени сили. И, еве, требало да поминат само шеесетина години и пак да ги наслушнеме морбидните и морничави воинствени апокалиптични труби над Европа и над светот, и, замислете,  токму од „миротворната“ уста на канцеларката на Германија. Но, оската секогаш си останува оска! Така е и со силите на оската!

Најнапред, пред нешто повеќе од една година, стариот милитантен претседател на Европската Комисија Жан Клод Јункер ја пласира таа идеја за создавање заедничка европска армија, и со тоа излезе пред европската и светска јавност не како со некоја си случајна, патемна „генијална“ идеја, туку толку јасно и суверено, што беше евидентно дека тој милитаристички проект одамна се вари и се обмислува зад кулоарите на економски и воено најмоќните земји во ЕУ, и оти е само прашање на денот кога ќе се пристапи кон негова реализација. Неодамна таа намера за милитаризација на ЕУ уште понагласено и во меѓународно многу деликатен момент повторно ја афирмира и францускиот претседател Емануел Макрон, именувајќи ги притоа и потенцијалните воени „непријатели“ на Европска Унија – Русија, Кина, па дури и Соединетите Американски Држави, а таа изјава штотуку ја дополни и со резолутниот став дека Европа ѝ е сојузник на Америка, а не нејзин вазал. Канцеларката Меркел, пак, со енергичниот говор во Стразбур стави точка на и, а нејзините емфатични зборови за вооружување на ЕУ европските лидери очигледно и, како вообичаено, помирливо ги примија речиси здраво за готово.

Многу мачни и ступидни нешта тука се испреплеткани и испремешани, но сеедно сите водат кон морбидните атмосфери на триесеттите години од минатиот век, во предвечерјето на Втората светска војна.

Ако пошироката меѓународна слика се прочисти од периферните куртоазни, кулоарски дрдорења и банални лигавења на ултрабирократската европска и светска политичка елита, со ретки чесни исклучоци, можеме сосема јасно да разбереме што ни се готви одозгора, и да ја согледаме заканувачката, мрачна, предвоена атмосфера, и тоа не само во Европа туку и во светот:

Доналд Трамп одеднаш и еднострано го раскинува антинуклеарниот договор со Русија; недалеку од западната границата на Русија, во Норвешка, НАТО организира најголема воена вежба од крајот на студената војна, со учество на 50.000 војници и најсофистицирана воена технологија (65 бродови, 250 авиони и др.), при што дојде и до „блиски средби“ кога руски воени авиони упаднаа на просторот на вежбите, надлетувајќи го американскиот команден брод „Маунт Витни“; Русија, пак, доживувајќи ги овие вежби на НАТО пред својата порта како дрска антируска провокација, се закани од другата страна на границата дека „пробно“ ќе лансира најнови балистички проектили; речиси во исто време, или неколку дена порано, во Хрватска се изведува најголема воена вежба од независноста на државата, со 5.000 војници и со сета расположлива механизација и современи огнени орудија, а веднаш по неа уследи и најголемата воена вежна во Србија од времето на СФРЈ, со ист таков и уште поголем човечки потенцијал и воен арсенал (8.000 припадници на копнената армија, военото воздухопловство, речната флота и други единици, со учество на 100 тенкови, 100 оклопни борбени возила, 100 артилериски и ракетни систем и 24 авиони и хеликоптери, и со употреба на околу 103 тони боева муниција, и сето тоа проследено со големи „натперварувачки“ зборови за силата на српската армија и со заканувачки претенциозна воена парада во Белград; а притоа од сите страни, од сите тие застрашувачки манифестации на поетизираната, медиумски воспеана воена моќ, се слушаат само милитантните генерали, полковници и министри на одбрана, па дури и највисоки државници дека токму нивната војска е „победничка“; во меѓувреме, Макрон со невидена леснотија ги повредува Соединетите Американски Држави со изјавата во која и нив ги сместува меѓу непријателите на ЕУ, а  Ангела Меркел веднаш по него тврди дека ЕУ во безбедносна смисла веќе не може да се потпира на помош однадвор (читај од САД), и оти мора да создаде своја заедничка армија; на тоа НАТО збесна, зашто тој ненадеен удар во мев му додјде во моментот додека Јенс Столтенберг како здодевен и банален неинвентивен воен аквизитер оди и чука од врата до врата по балканските земји, продавајќи ја со лаги и притисоци приказната за волшепствата на НАТО­-штитот кој државите ќе ги чини „само“ 2% од националниот буџет (Купете! Купете! Има само уште малку!);  но Меркел утешително им порачува на вознемирените НАТО-војсководачи воопшто да не се грижат, зашто армијата на ЕУ ќе соработува со нив (??!!).

Кој со кого ќе соработува и кој ќе биде против кого – тоа допрва ќе го видиме! Но толкаво количество на воена психоза и воена терминологија, укажуваат на фактот дека очигледно станува збор за една нагла и до хистерија засилена акцелерација на милитантното евро-атлантско и американско и ино лудило, и на исклучиво воинствен меѓународен дискурс, со измислени непријатели, но секако и со најнепредвидливи последици за мирот во светот.

На ова место заслужуваат внимание и коментар и две контровезни и крајно лицемерни изјави на Макрон и Меркел, клучните сподвигатели на апсолутно фашистоидниот евро-унитаризам, иако, имајќи очигледно многу подобра слика за себе си, тие за тоа секако би одбрале некои поблагопријатни и маркетиншки поприфатливи поими. Но всушност номенклатурата со која тие би се дефинирале себеси за јавноста е сосема ирелевантна, доколку реално зад неа, каква и да е, стои сосема поинаква, дури и сосема спротивна содржина, смисла и значење.

Најнапред Макрон. Тој истакна дека прославата на стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна ќе остане запомнета во историјата како собир кој под Триумфалната капија во мир собрал 84 челници на држави и влади на нации што некогаш војувале меѓусобно; „но сепак“, рече тој, „она што е важно за иднината тоа е на кој начин ќе биде интерпретирана  таа слика, дали тоа ќе биде последна слика на единство, пред светот повторно да потоне во неред, или ќе биде симбол на трајниот мир“.

Ова прашање што го постави Макрон воопшто не е реторичко и не крие никаква негова дилема. Тој многу добро знае колку е часот; тој знае дека ЕУ никогаш не била послаба, понеединствена, порасклатена одвнатре, и, ваква каква што е,  всушност веќе силно завртена како центрифуга што државите и народите полека но постапно сѐ побргу и побргу повторно ќе ги расфрли секоја на своја страна. Макрон и Меркел не успеаја до крај во сите нивни досегашни обиди да создадат силно централизирана ЕУ, со значително намалени суверенитети на народите и на државите членки од „втората“ и „третата класа“, и сега, на крајот од овој за низа членки навистина мачен евро-парламентарен мандат, што кулминира со брегзитот и со ступидната и насилна политика на Балканот, и особено со ужасните и непоправливи грешки во Република Македонија и околу неа, па дури и со нивните лични бедни вплеткувања и притисоци пред референдумот за Преспанскиот договор, тие настојуваат да ги свртат работите во спротивната насока и да наметнат некакво ново, центрипетално вртење со својата ултрамилитантна идеја за создавање единствена европска армија.

А на патетичното прашање на Макрон дали заедничката снимка на лидерите во Париз ќе биде последна слика на единство, пред светот повторно да потоне во неред, мојот одговор е: „Да, тоа е последна таква снимка, зашто нештата отидоа предалеку во погрешна насока“. Впрочем, многу такви заеднички снимки на самозаљубени државници непогрешливата историја ни зачува од времето непосредно пред  Првата светска војна, но такви лицемерно насмевнати групни портрети на европските и светски лидери, па дури и со самиот Хитлер, имало колку што сакаш и во предвечерјето на Втората светска војна, кога сите си се колнеа едни на други дека ништо лошо нема да се случи и оти нема да се напаѓаат, и потпишуваа договори со такви „мирољубиви“ содржини, за потоа, само една или две години подоцна сосема да ги погазат и меѓусебно најкрваво да завојуваат.

Се враќам сега на изјавата на Ангела Меркел која, пак, рече дека само така, со единствена Европска армија постои гаранција дека никогаш повеќе европските земји нема да војуваат една против друга. И така, на крајот од својата долга и успешна но сега веќе несомнено сосема потрошена, па би рекол и излитена политичка кариера, која веќе не може да се потпира врз довербата на германските но и на европските граѓани, таа се впушта во еден мрачен, апсолутно непопуларен проект на милитаризација на Европската Унија, уверувајќи ја јавноста на членките на ЕУ дека само ако имаат заедничка војска, заедничко оружје и заеднички непријатели Европа ќе остане цврсто обединета и ќе биде сигурна, те. оти оружјето, а не хуманистичката, просветлена политика на соживот, толеранција и солидарност е гарант на мирот и прогресот! Со еден збор, кога во политиката немаш други благородни, плодоносни и прогресивни идеи и цели – тогаш оружјето го кажува последниот збор!

Меркел, која по сѐ судејќи нема да успее да го дотурка до крајот ни својот сегашен канцеларски мандат, верува дека ќе има доволно време заедно со Макрон и нивните евроследбеници да ја дотурка до крај идејата за целосна милитаризација на ЕУ, и истовремено се впушта во најбанална и најпрозирна политичка измама. Зошто измама? Па затоа што еден политичар со толкаво национално и меѓународно искуство не може да биде до таа мера наивен и да нѐ уверува во работи што веќе одамна ги побила историјата, особено најсовремената историја која се одвиваше речиси вчера, дури и пред очите на многумина од нас. На пример, Советскиот сојуз беше една голема држава на обединети држави-републики, со единствена голема, силна армија, вооружена до заби со сето она со што можеше да се вооружи, вклучувајќи го и импресивниот никлеарен арсенал, а, и покрај сите идеолошки и други „гаранции“, кога ѝ дојде часот се распадна „за пет минути“ како кула од карти, додека државите што го сочинуваа тоа „нераскинливо државно и воено единство“ завојуваа, па и сеуште војуваат меѓу себе и се бораат за освојување или зачувување на територии, и токму со истото тоа, некогаш заедничко оружје. Па зарем истото тоа не ѝ се случи и на СФРЈ, со нејзината единствена ЈНА? Нејзините братски републики-држави и нејзината заедничка непобедлива и „кохезивна“  Југословенска Народна Армија в час се распукнаа како презреана тиква и се распаднаа преку ноќ на онолку држави и народи колку што имаше, а некои од нив завојуваа меѓу себе со најкрвави и истребувачки воени судири, од кои сеуште не се смири, и уште долго нема да се смири воено-национално-политички трусниот балкански простор.

Се разбира дека Јункер, Макрон и Меркел знаат и сметаат на тоа дека создавањето таков огромен и инфраструктурно бескрајно сложен конгломерат каква што би била Европската армија претставува незамисливо голем потенцијал за внатрешна стопанска експанзија на ЕУ, особено по однос на она најважното – максимално раздвижената воена индустрија, те. вооружувањето. Па и Хитлер економски ја крена на нозе тогашна Германија во најголема мера благодарение и на експанзивно заживеаната и до полн капацитет ангажирана воена индустрија. Но во сегашниов случај тоа пред сѐ и над сѐ им одговара на индустриски најразвиените држави на ЕУ, во кои веќе постои и успешно функционира воената или компатибилна индустрија. Тоа е како родено за алчната неолиберална, особено макроновска политика која на оние веќе и онака богати и најразвиени држави во ЕУ ќе им донесе и енормни стопански и финансиски добивки, додека за малите и понови членки, како и за оние кои, како Република Македонија, коленичат и уште со години ќе коленичат и ќе стенкаат пред вратите на ЕУ, ќе претставува само нови, големи дополнителни финансиски оптоварувања за да може и жабата да има чувство дека се потковува како и коњот.

И тука, на крајот, доаѓаме до сетот круцијални прашања, кои сами по себе се contradictio in adjecto: Зошто денес, во 21 век, воопшто има потреба да се создава таков нов милитаристички светски супер-монструм каков што би била Европската армија? Од кого Европа воопошто се плаши? Ако некој од водечките европски државници гледаат заканувачки воинствени сеништа таму каде што ги нема, тогаш какви лунатици го водат стариот континент? И што е со другите паралелни армии? Имено, секоја земја има своја армија, како да речеме Италија, или Франција, и сите други. Тоа е првото, национално ниво, првиот армиски слој. Но веќе вториот е  НАТО, зашто тие земји што ги наведов како пример веќе се членки на Алијансата. А пак третиот слој би била Европската армија. Е сега, дали тоа подразбира три одвоени вида армии и три одвоедни заповедни синџири, или пак во духот на присутниот и во ЕУ веќе аплициран ступиден концепт на евроунитаризмот државните армии постапно или наеднаш би се укинале и сѐ би се свело само на една Европска армија, плус НАТО, или дури без него? Има ли такви будали меѓу старите суверени европски земји кои низ историјата имаа секакви, па и најстрашни воени, поробувачки и геноцидни искуства врз својот грб да го прифатат тој идиотски воен концепт? Па потоа, колку нивоа на издвојувања енормни финансиски средства би требало да има во буџетите на тие земји? Зарем три различни нивоа, со три различни конта и дебели ставки: за националната војска, за Европската армија и за НАТО?

И последното прашање: има ли воопшто денес во Европа и некои други, цивилизациски многу поважни, поблагородни и бескрајно поубави работи од таа заканувачка црна општоевропска самоокупација со таков воен и воинствен монструм, натрупан со енормен воен арсенал и вооружен до заби каква што би била Европската армија?

Па се разбира дека има! На нашата од воинствени лудила, насилства, грабеж и безобѕирно изгладнување и изжеднување изморена цивилизација ѝ е потребен еден поинаков, сосема нов, чист, силен, новохуманистички дух, што повторно, како во најславните и најполетни периоди на европската и светската цивилизација во средиштето, во срцето на општочовечкото внимание повторно би го ставиле пред сѐ самиот човекот, со сите неговите благородни, бескрајно креативни потенцијали и вредности кои низ столетијата и милениумите на животот му давале божанско вдахновение и најубава смисла, и што секогаш свесно и храбро застанувале од спротивната страна на страшните, долги, црни воинствени цевки и крвави штикови.

Но за жал, денес, еве, живееме во една поинаква, бедна, ултрапрагматична, безобѕирно неолиберална, несолидарна, бесчувствителна  европска и светска стварност, која не ни носи ништо добро.

Навистина, некој ќе потсети дека во својот говор пред светските лидери во Париз (но говорот си е само говор и поза!) францускиот претседател Макрон ја изговори и онаа „профетска“ реченица: „Се плашам дека некогашните демони повторно се будат“. И вистина е дека демоните се будат и низ Европа силно се разбрануваа, и допрва ќе се брануваат, и ќе надоаѓаат најрадикални, па и најцрни, и најагресивни идеолошко-политички, ултра леви, ултра десни, анархистички и терористички идеи, концепти, движења и партии, и сосема е веројатно дека веќе на наредните избори во мај 2019 година пратеничките места во европскиот парламент страшно ќе се зацрнат со мрсна црна боја. Но радикализмот не е самоникната билка. Радикализмот од сите видови се јавува како жесток одговор на промашените национални, социјални, економски, идеолошки, верски, геостратегиски, внатрешни, наворешни и други политики на државните и општествените елити. А со Европската Унија ваква каква што е се случи токму тоа. Нејзините политички и ултрабирократски елити, па и нејзините клучни актери како Макрон и Меркел, сосема го загубија компасот, си станаа цел самите на себеси, на своите кариери, и на некои свои ступидни фикс-идеи за речиси фашизиран европски ред и дисципина под конец, но секогаш и без исклучок според нивни мерки, со цврста рака наметнати одозгора, и со таквата своја надреална самозаљубеност без каква и да е длабока хуманистичка и цивилизациска визија за иднината, освен, се разбира, при јавни говори, вербални морализаторски експади и „актерски“ допадливи празнења пред медиумите, ја доведоа Европа до ова дереџе психопатолошки да размислува и да зборува само за непријатели  околу себе и за создавање голем воен и воинствен конгломерат – Европска армија што божем сите ќе ги одбрани од Некој и од Нешто.

Единствените вистински непријатели на европското културно и цивилизациско наследство, втемелено врз хуманистичка широчина и длабочина, и безрезервна толерантност и  општочовечка солидарност, и единствени непријатели на мирот се токму тие самите, тие политички елити заседнати по елегантните скапоцени бироа и длабоките предобро платени кожени фотелји на ЕУ, и токму тие со своите погрешни, ултрабирократски, и често не само неразумни туку и кафкијански апсурдни политики ги испровоцираа, ги раздвижија, и ги направија видливи и најрадикалните национално-политички и општетсвени слоеви низ земјите на ЕУ и пошироко, на кои сега, пак, ex cathedra укажуваат како на страшна, црна закана и на „демони што повторно се будат“ во Европа и во светот. Да, заканата навистина постои, но, како што реков, радикализмот не е самоникнато билје, а тоа кој, како и зошто ја доведе Европа до овие страшни, несомнено предвоени психози ќе читаме дури post festum, по сето она црно и горчливо што допрва нѐ чека, и што, за жал, очигледно мора да го искуси барем секоја втора, па и нашата генерација, а што сега сеуште се чини сосема нереално и далечно, зашто е крајно вешто задскриено зад заслепувачкиот сјај на заводливите хиперпопуларни блескотни евроатлантски и неолиберални реклами, шарени лаги и слатки зборови и прикаски за мали деца.

Но, за жал, ако нештата продолжат вака забрзано да се движат во оваа погрешна насока – ќе има страшна војна. Веројатно не за една или две години, но многу, многу скоро. Не заборавете дека и на Хитлер му беа потребни неколкугодишни инфраструктурни и секакви други подготовки, особено за создавање силна и моќно вооружена германска армија, пред да го турне светот во најцрн воен понор со стравотни човечки жртви и немерливи материјални штети.

А каде се нашата татковина Македонија и нашиот македонски народ во предвечерјето на сиот тој претстоен хаос? Никаде. Ако не ги собереме главите и не успееме со сите средства и со сите можни видови борба да си ја зачуваме конзистентна и суверена Република Македонија под нејзиното уставно име, и ако не го одбраниме и зачуваме негибнат нашиот најважен институционален документ – Уставот, нашиот трагичен македонски народ повторно, како во сите досегашни страшни војни, ќе се бори во разни туѓи војски за туѓински интереси, а против себе самиот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.