Ламбе Арнаудов

Во пресрет на чествувањето 30 години независна Македонија и пет тажни години од кога со Македонија владеат зли демони во ликот Зоран Заев и персонификација на СДСМ и сите останати уценети, потплатени или карикатури од политички гарнитури, со право се прашувам како еден од втемелувачите на независна, суверена, самостојна и демократска Македонија:

Каде си моја Македонијо?

Одговорот е кристално чист и јасен. Македонија е во срцата на македонскиот народ, обожавана до небеса, почитувана, безбедна, сигурна со бескрајна верба во нашиот исконски завет, за вечна симбиоза со својата татковина и целосна припадност, секогаш, сега и во вечни векови.

Ти порачуваме, мајко на сите мајки наши, дека ТИ Татковино мила имаш право да бараш од нас да го дадеме животот за тебе, но НИКОЈ не смее да оправдува кукавици и предавници.

Затоа, вие помладите, вие кои доаѓате пронајдете го 5-тото годишно време исполнето со љубов и патриотски дух кон татковината Македонија, тоа не е далеку и не е во туѓите туку токму таму каде што треба, во вашите срца.

Слушајте ги вашите срца, тие навреме ќе ви кажат кога доаѓа моментот ПОСЛУШНОСТА да престане да биде одговорност. Тогаш срцето ќе те научи дека не треба да му служиш на поединецот туку на татковината и твојот народ. Направете го ова веднаш и никогаш нема да ја преиспитувате својата совест. Бидете убедени дека ќе му се допаднете на ГОСПОД. Спротивставете го вашето храбро срце и исполнето со бескрајна љубов наспроти болните умови и клептомани кои ја крадат вашата самобитност, идентитет, име, историја, јазик, култура, наследство и материјални богатства, со што не само што ја загрозуваат вашата иднина туку ве туркаат во заборав и духовно исчезнување. Немате право на молчење, тивка публика, станете, исправете се гордо, претворете се во активни играчи за да имаат со што и кого да се гордеат вашите идни поколенија. Ќе победите, тоа ви е должност, но и императив бидејќи го поседувате најсилното оружје што постои, ВАШИТЕ СРЦА, НЕПОБЕДЛИВИ СРЦА. Слушајте ги срцата, тие ве водат на вистинскиот пат секогаш.

Ќе победите и затоа што водите праведна борба и сте на вистинската страна.

На измамниците и изродите не им верувајте ништо, особено не кога театрално ги ставаат рацете на срцата. Не, тие немаат срца, во градите нивни чука ладен метален часовник што едвај чекаат да чукне последен пат за Македонија во која ќе останат само гробови и понекоја камбана и ќе ги направат среќни и радосни што успеале.

Добро погледајте ја оваа ЗБИРШТИНА од самоповикани крстоносци, бедни ништожници. 25 години се караа, се пцуеја, се понижуваа, леви, десни, црвени, зелени, црни, си посакуваа меѓу себе сé најлошо за сега обединети и среќни уживаат под нивниот заеднички именител, ПРЕДАВСТВО. Историјата е немилосрдна, познава вакви касапи на сопствената татковина и извесно време ги толерира залудно надевајќи се на нивно освестување, а потоа сурово ги казнува и ги фрла во заборав.

И сега, било кој од нив да прашаат зошто така се однесуваат изговорот им е еднаков: “Знаеш не може ништо да се направи.“ Од сé што не може да се направи, само едно можете да направите, да бидете предавници. Тоа можете, лесно е за вас, а со апокалиптични последици за народот и татковината. А не може ништо да се направи, па не правете го ни тоа. Срам да ви е.

А, не е така. Животот нé научил во секој човек, во секој народ, во секоја држава мала, голема, поголема, без оглед на изгледот, секогаш гледај лав во нивните срца. Не потценувај никого и најмалиот, само со срце ќе ти ја скрши главата.

На времето кога активно играв фудбал и истовремено срамежливо но решително се бавев со некаква дипломатија и за двете иако толку различни професии важеше едно исто правило.

И фудбалот и дипломатијата се игри што секогаш се играат напред, понекогаш на страна и никогаш назад.

Тој што игра назад во фудбалот го губи натпреварот, со играњето назад во дипломатијата ја губи државата.

Почитувани сограѓани, сопартијци и неутрални граѓани: гледајте во секого лав, почитувајте секого и пријател и непријател, но првенствено потпрете се на своето храбро срце, открите го лавот во себе и не плашете се од ништо и никого. Ќе бидете корисни за татковината, за луѓето, за своето семејство и за себе.

ЛАВОВИ СО ХРАБРИ СРЦА ЗА ЛАВОВСКА ХРАБРА МАКЕДОНИЈА.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.