Дафина Стојаноска

Собранието на РМ, после точно 6 месеци, се разгледуваа две заостанати точки од 66 – та Седница, и тоа:

  1. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила – I читање;
  2. Информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија.

Околу Информацијата за енормното загадување немам што да коментирам, освен дека е задоцнета, исто како што се задоцнети и сите реформи на оваа Влада. Беспредметно беше воопшто и да се дискутира за нешто што веќе не е алармантно, но за многу брзо ќе стане. Ова е уште едно несмасно заобиколување на проблем кој не трпи никакво одложување.

Што се однесува за предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, истиот ќе воведе еколошка категоризација на возилата, односно нивно означување со налепници со зелена, жолта и црвена боја, во зависност од тоа колку истите загадуваат. Исто така, овој предлог-закон предвидува и казна од 500 евра, доколку приватното возило нема налепница. Ако пак станува збор за фирма, казната ќе биде 2.000 евра.

Ова е утврдено со членот 9 од предлог-законот, со кој се менува членот 26 на постоечкиот закон, со кој се исфрла регистрациската налепница и таа се заменува со новата еколошка налепница. Според одредбите од член 26, казната за возење нерегистрирано возило и неносење регистрациска налепница за приватно возило е 500 евра, а бидејќи со новиот закон таа ќе биде заменета со еколошката налепница, казната во тој износ останува.

Инаку, целта на измените е да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата, при што граѓаните сами ќе си ги плаќаат налепниците во црвена, жолта и зелена боја кои ги најави владата.

Налепницата ќе ја утврдува овластена техничка служба која, доколку се утврди дека има издадено одобрение за залепена налепница спротивно на законот, ќе има соодветни санкции и казни. Парично казнети ќе бидат и возачите за кои ќе се утврди дека возат со налепница која е забранета за тој ден. Износот на казната ќе се движи од околу 300 евра за физички, до 1.000 евра за правни лица.

Зелената налепница ќе се однесува за хибридните, електричните и возилата кои имаат еуро 5 и 6 стандард, како и еуро 4, во кои се вградени уреди за течен нафтен и земјен гас и ваквите возила ќе можат слободно да се движат во кое било време, какво и да е загадувањето.

Жолтата налепница се однесува на возилата со еуро 4, 3, и 2 стандардот со вградени еколошки компоненти и тие ќе имаат ограничено движење во денови кога има висока концентрација на загадувачки супстанции.

Третата, црвената налепница, е з аеуро 2 и под тој стандард возила, за кои ќе биде забрането и движење во деновите со висока концентрација загаденост.

Приватните превозници, по однос на овој предлог-закон, беа децидни и се изјаснија дека мерката е лоша и дека со неа јавниот превоз ќе колабира. Тие велат дека, ако власта ја имплементира оваа мерка, единствено што ќе се постигне е хаос со автобусите и колапс на сообраќајот. Според нив, исто така, сообраќајот само делумно учествува во аерозагадувањето. На оваа мерка слично или пожестоко реагираа и такси-компаниите.

Инаку, штом помине предлог законот во Собрание, возачите ќе треба да почнат на сопствен трошок да ги обележуваат своите автомобили со црвена, жолта или зелена налепница. За оние кои нема да ја почитуваат мерката, ќе следуваат парични казни од 300 до 1.000 евра.

Статистиката пак кажува дека воземјава се регистрирани околу 460.000 возила, од кои над 77 % се со еуро 1, еуро 2 или без стандарди. Овие возила ќе бидат обележани со црвена налепница, што значи дека ќе им биде забрането да возат во деновите кога воздухот ќе биде многу загаден.

Ова е мерка со која Владата си ја префрла одговорноста за загадувањето делумно врз сообраќајот, и тоа само врз патничките автомобили.

Граѓаните се со право револтирани и не се воопшто уверени во тоа дека еколошките налепници ќе го намалат аерозагадувањето. Државава можеби ќе може делумно да се ослободи од старите возила, но воздухот и натаму ќе биде опасен по здравјето, бидејќи ова не е решение на проблемот. Овде да не го споменувам и стандардот на преку 70% од граѓаните и тоа дека голем дел од нив возат стари автомобили.

Субвенциите, пак,кои ги планира Владата за набавка на електрични и хибридни возила, се очекува да ги искористат околу 200 граѓани, а субвенциите за уреди за метанил и течен гас околу 1.200, што претставува многу мал процент од сопствениците на возила.

Налепниците на возилата се директен удари склучиво врз средната класа и сиромашните, бидејќи само возилата на богатите ќе бидат обележани со зелена налепница. Сите останати со месеци нема да можат да ги користат своите возила и ќе имаат реални и конкретни проблеми во нивното дневно функционирање. И тие, а и нивните семејства.

Ќе завршам со неколку заклучоци, прашања и пораки до Владата, како предлагач на овој селективен предлог-закон, но и до сите граѓани во државава кои се засегнати со истиот:

  • Врз основа на кои критериуми возилата со црвена или жолта налепница ќе се исклучуваат од сообраќајот?
  • На кој начин ќе бидат известувани граѓаните за исклучувањата на возилата од сообраќајот?
  • Дали Владата има доволно алтернативни решенија за друг превоз?
  • Колку пари ќе ги чини граѓаните дополнителниот преглед за мерење на издувни гасови?
  • Со каква налепница би биле донираните автобуси во општина Битола?
  • Колку такси-превозници ќе се исклучат од сообраќајот и што ќе биде со нивната егзистенција?
  • Колку од оперативните возила на јавните претпријатија (пожарна, водовод и канализација, комунална хигиена) и другите институции (итна медицинска помош, полиција и други) ќе бидат со зелена налепница и, доколку нема да ги исполнуваат условите за зелена налепница, дали тие нема да работат кога ќе биде загадено?
  • Дали ќе има налепници за странските државјани кои транзитираат низ Македонија во период на енормно загадување?
  • Што ќе се случи со жител на општина Ѓорче Петров, на пример, кој има возило со жолта налепница и треба итно да стигне до Клинички центар кој припаѓа на општина Центар, а токму во тој ден Ѓорче Петров и Центар нема да бидат енормно загадени, а Карпош ќе биде?
  • Дали ги имате предвидено и ваквите ситуации, кои можеби сега делуваат смешно, но утре тие ќе станат секојдневие?

Не брзајте со ваков предлог, не си играјте со човечки судбини и со нечиво трпение. Сево ова е едно избрзано решение, кое всушност не е решение, туку само еден огромен проблем кој ќе не’ одведе во уште поголеми компликации и проблеми.На крајот, проблемот со загадениот воздух повторно нема да биде решен.

И да, за загадувањето сите подеднакво сме виновни, но овој проблем веќе не трпи одложувања, ниту меѓусебни обвинувања, туку бара итна акција. Есента бргу ќе дојде. Времето не е наш или ваш сојузник по однос на аерозагадувањето, зашто со секој изминат ден Македонија станува се’ позагадена и понебезбедна за живеење. Каде е животот за сите? Уште колку ли треба да го чекаме?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.