Весна Јаневска

Според изјавите на функционери на СДСМ, според активноста на градежниците и според пресовите на министерот Филипче во кои прво почнува со оздравени, а не заразени јасно е дека избори се ближат. Добредојдени се, но…

Министерот за здравство изјави дека веќе се размислува и за отворање на градинките и тоа откако Владата одлучи дека учениците ќе ја завршат годината со далечинско учење.

Дали навистина епидемијата во нашата земја стивнува, не би можело со сигурност да се каже, но дека се бараат брзи избори тоа денес со сигурност може да се тврди.

Прашањето е дали брзањето за избори ќе предивика несоодветни дејствија при олабавувањето на рестрикциите кои беа преземени за спречување на епидемијата со КОВИД-19?

Отворањето на градинките секако еднаш треба да се случи и некои наши соседи се подготвувaат за тоа, но се прашувам како Владата се сведе на копирање на дејствијата, кои ги преземаат соседите. Кога би погледнале малку подалеку би виделе дека на пример Франција ја продолжува кризната состојба до јули. Да, таа е попогодена од нас, но малку ли сме погодени и ние? Само пред три недели, според пишувањата ва Вечер, бевме втори по смртност на Балканот и трети во Источна Европа. Стручни лица изјавуваат дека пред крај на мај не може да се очекуваат показатели за крај на епидемијата, а Владата размислува за отворање на градинките.

Избори се ближат и ништо друго не е важно.

Само за информација на надлежните би прокоментирале дел од препораките на земјите кои се подготвуваат за отворање на градинките. Ако мислат дека може да ги исполнат нека повелат, но јас се сомневам. Ако ги отворат и се појави втор бран на епидемија? Е тоа ќе биде премногу!

Веќе сама на себе си станав досадна, но состојбата е таква што не можам дури и да сакам да се откажам.

Прво треба план за отворање на секоја дејност, па и градинките, со пишани препораки. За градинките треба препораки и за вработените и за родителите.

Децата со хронични болести и децата во чии семејства има хронични болни треба да останат дома. Тоа значи дека тие треба да се мапираат и едниот родител и натаму да биде ослободен од работните обврски.  Децата во градинка треба да ги донесат здрави родители и при приемот да чекаат ред за да ја одржат физичката дистанца, што значи дека приемот на деца ќе трае со часови.

Групите на деца не смеат да се мешаат, а бројот на децата ќе зависи од големината на просторијата, во наши услови 5-10 деца.

Негувателката не треба да се менува. Во просторијата не смее да влегува никој друг.

Треба да се обезбедат алкохолни дезинфекциони средства и за децата и за вработените.

Храната не смее да се дели, играчките треба да се сменат и лесно да се перат и чистат.

Чистењето треба да е сменето и да ги исполнува критериумите за чистење во услови на епидемија на КОВИД-19.

Треба да има соба за изолација, во случај некое дете да покачи температура за време на престојот во градинка.

На негувателките и воспитувачките секојдневно треба да им се мери температура, а по можност и на децата.

Децата не смеат да ги менуваат креветчињата и постелнината.

Сите вработени во градинките пред нивно отворање треба да се тестираат!

Има уште многу други препораки, но на крај децата сепак е пожелно да одржуваат социјална дистанца. Ако на деца од прво одделение не може да им се наложи да држат дистанца, како ќе им се наложи на децата од предучилишна возраст?

Дали сега е вистинско време за отворање на градинките?

Дали притисокот за избори не е и притисок на стручњаците кои треба да одлучат за текот на епидемијата и отворање на градинките?

Децата по сите сознанија би требало добро да поминат, но тоа не е правило.

Треба ли тие да станат нови жаришта за ширење на втор бран на епидемија?

Како тоа ќе се одрази на членовите на нивните семејства?

Ќе имаме ли втор бран на епидемија пред сите други, кога природно се очекува, на есен или во зима, само заради процената на владејачката гарнитура дека нејзе и одговараат брзи избори, можеби затоа што сега брзо, брзо сакаат да побегнат од пропустите кои ги направија и одговорноста за сите неуспеси да ја префрлат на други.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.