Петар Поп-Арсов

Си бидна и ветото!

Малку беше на рати,развлечено, размачкано ирастегнато. Растегнато како разџвакана „д’вка“ во забите на возрасен човек, кој како дете немал можност да ја тегне и да пука меури од „мастика“.Се нафрлана кутрата „д’вка“, со сета жестина и неизживеаност,дури и во неговата поодмината возраст, вознемирувајќи ги најблиските околу себе, кои„д’вките“ одамна ги замениле со посериозни играчки.

Рекоа и не порекоа! Ставија вето! Историско вето за историјата!Или можеби и денешнава историја ќе биде „погрешно толкувана“! „Тези вето не било вето“! Д’вката е измислена по падот на Берлинскиот ѕид, и „сите д’вки од пред тоа, не се д’вки“! Д’вката има свој историски корен, а јазикот кој ја џвака е еден, и само еден! Сите останатисе западни, јужни, југозападни, северни, северозападни, „северојужни“и какви ти не „јазични дијалекти на џвакање“. Така некако изгледаат толкувањата на историјата во земјата на д’вката. Таква одлука треба да донесе и нејзиниот парламентот. Да се знае кои се европските „д’вкопросветители“! Да се знае кој е закон во Европа!

Шегата на страна!

Во Европа веќе е Божиќ! Се стори! Завршија сите развлечени и растегнати напори за откочување на македонскиот евроинтегративен процес.Бугарија дефинитивно го блокираше македонските преговори! Веќе нема дилема! Нема дилема како што ќе нема дилема во историјата дека актуелнава бугарска политичка гарнитура и нанесе зло на Македонија. Зло кое што пореметува многу нешта на Балканот и пошироко. Или можеби и тогаш некој ќе се обидува да ги извртува историските факти, исто онака како што денес со сите сили се прават напори за извитоперување на историските факти од минатиот век и половина.

Пропадна и последниот напор на германското претседателство со ЕУ кое што во „последните секунди од натпреварот“ се обиде, како кукавичко јаце, да го подметне заклучокот „за погрешното толкување на историјата“.

Скандалозен крај на едно претседателство! И тоа, ни помалку ни повеќе туку на германското. Скандалозен обид за „бугаризација“ на целокупниот панславизам! „Татаризација“ на целиот македонски и словенски свет. Обид да се протурка на „македонска врата“, била таа мала или голема, нешто што е далеку, далеку поголемо од самата Македонија, колкава и да е! Скандалозен обид за изедначување на оние кои што ја проширија словенската писменост од македонските земји,Светите Кирил и Методиј и останатите после нив,со разно разни ханови и аспаруси. Скандалозен обид за редефинирање на културата и писменостана целокупната словенска цивилизација, користејќи се со „македонскиот клуч“. Тажен крај на една долга канцеларска кариера, чија што европска фасада се распадна под налетот на историските сеништа од минатото.
Госпоѓа Меркел, тажно, перфидно и многу проѕирно!

Зададен е сериозен удар на Европската Унија. Многу посериозен отколку што во овој момент можеме да замислиме. На површина излегоа нешта кои што со години беа потиснувани со цел европскиот континент никогаш да не доживее повторување на катастрофата од светските војни. Европа веќе не говори за почитување на соседот, на блискиот, на истиот или различниот со себе. Европа говори за наметнување на вистината на поголемиот и волјата на посилниот. Европа чепка по пепелта од пожарот од светските војни. Ќе ископа жар и огин! Ова не е европската приказна на нејзините татковциЧерчил, Шуман, Моне, Аденауер и останатите.

Ако сум грешка, нека бидам демантирам…со дела…од самата ЕУ!

Што понатаму за Македонија?

Преговори?! За што преговори? За ЕУ стандардите или за идентитетот, јазикот, културата, традицијата? Запрвото може веднаш! За останатото, никогаш! Ако останатото е условот за првото, тогаш и за првото никогаш!

Преговори за погрешни толкувања на историја, јазик и идентитет,не доаѓаат во предвид! Особено не сега, откако Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство. Претставува невидено лицемерие кога едната страна бара од другата да исполни нешто кое што го нема во Договорот. Нешто кое што самите си го замислиле во своите глави, а од друга страна со конкретен потег директно го кршиистиот тој договор на најбрутален начин. Ако постојат очекувања од некакви задкулисни ветувањададени од актуелната квислиншка македонска влада, надвор од содржината на Договорот, тогаш сосема е логична нервозата на „бугарскиот двор“. Згора на се, изјавите од бугарскиот политички врв, кои како растегната д’вка се растегнуваа низ бугарските медиуми во последниве неколку месеци, претставуваа невиден чин на говор на омраза, понижување, шовинизам и директен атак врз македонската држава и народ. Преговори и разговори со ваков сосед, не! Отсуството на елементарната меѓусебна почит создадоа и дополнително ќе создадат непремостливи разлики и бариери меѓу двете земји.

И на крајот, да се вратиме повторно на „погрешното толкување на историјата“. Да се вратиме на она кое што создаде сериозен расцеп во самата ЕУ. Историјата е наука која што ја пишуваат победниците. Особено онаа поблиската. Ако судиме според фактите на кои денес сведочиме, идните поколенија за денешните случувања ќе учат дека „во 2020 година Македонија доживеа сериозен удар од својот сосед, поддржан од македонската квислиншка влада и сето заедно под покровителство на германското претседатество“. Тоа ќе се учи! Тоа се фактите! Или можеби ќе се учи дека „хероите Борисов и Заев“ успешно го администрирале процесот и конечно го обединиле „бугарскиот народ“ во неговите две држави.

Зависи од победникот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.