Васко Шутаров

Иако научно не е најпримерно да се споредуваат меморијата на државите, нациите и индивидуите, сепак, таквата споредба се наметнува сама по себе како нешто најприродно. Личности без меморија не живеат своја сегашност и не креираат своја иднина. За државите и нациите би важело истото. Колку е поголема и помоќна државата, толку е посилна и поизразена нејзината меморија. Најголемите и најмоќните во својата меморија ги пронаоѓаат и проекциите со сите можни варијабли за тоа, да бидат и во иднина таму каде што биле и во минатото.

Во меморијата на најмоќните држави трајно се архивирани дури и маргинални записи, скици па и цртежи на нивните политички првенци, од важни меѓународни средби и состаноци. Преку мемоари, меморијални изложби и публикации, дознавме што подвлекувале, допишувале, потцртувале или само неповрзано исцртувале нивните славни личности во политиката. Да се потсетиме само дека на такво мало парче хартија, на една од историските средби помеѓу Черчил, Рузвелт и Сталин, рачно е испишана, а подоцна и реално исцртана повоената геополитичка карта на светот. И така се кроела историјата на државите, така се кроела капата на многу знајни, помалку знајни или веќе заборавени ликови од историјата.

И денес ќе забележите, посебно кога ќе згаснат камерите, за време на долгите исцрпувачки преговарачки средби, како невешто и незаинтересирано некој важен политички лик нешто потцртува, запишува или исцртува. Некогаш се тоа (надвор од интересот за психоаналитичкиот тест на политичарите) само изрази и на крајна досада на таквите состаноци во кои дипломатијата веќе подготвила терен да биде сѐ предвидливо, некогаш најбанален начин да се одбегне дремка (неизбежен ритуал на долгите политички настани), а задржи нивото на сериозност на преговарачката маса, а многу често само израз на дипломатска куртоазија и начин да се избегне неконтролирана емоција или зачуденост кога некој од собеседниците не држи до нивото на средбата, доаѓа неподготвен, премногу е егзалтиран, прегласен или пренагласен со гафови. Таквата дипломатска поза во која (демек!) нешто се подзапишува, а се спушта културно погледот надолу, колку да се скрие нелагодноста од нестандардното во настапите на некој од политичките собеседници, во високата дипломатија е закон за случајните аутсајдери во неа.

Во тие мали записи и цртежи обично е скроена капата за нив и за државите што ги водат. Врвната дипломатија се погрижила и за таквите аутсајдери во неа, да им овозможи макар петминутна „важност и слава”, колку за чалам кога еден ден ќе се отвора пазар во Виница или лобира за регионална депонија во Неготино, на пример.

Нормално таквата „обзнана” за славата на македонскиот премиер, дека на најважни меѓународни состаноци Бајден, Меркел и Макрон запишуваат што тој беседел, е сама по себе чист илузионизам и егзибиционизам, par excellence. Совршено добро запознаени со склоноста на „славниот” македонски премиер кон гафови, импровизации и колоквијални крешенда на сите живи јазици на свет, можеме само да претпоставиме каков степен на ургентност за дипломатска куртоазија, ги натерал така важниве политички лидери да спуштат поглед и побараат спас во острењето на своите пенкала на празно парче хартија, додека беседи токму, Зоран Заев.

А бидејќи и Бајден и Меркел и Макрон, се само луѓе од крв и месо, тоа ги прави и нив и чувствителни и скокотливи на нестандардни за високата дипломатија испади и гафови. Впрочем, преку такви погрешки и гафови и учеле за висока политика, едно време од збирката гафови наречени „бушизми” (наречени по Џорџ Буш), а нешто подоцна и „берлусконизми” (по Силвио Берлускони) Зеавизмите сигурно нема да се преведуваат и објавуваат во милиони примероци, но можат да ве снајдат, разоружаат и натераат на недипломатски гест на исчудување, смеење или сожалување, па пенкалото и маргините на лист хартија се сигурен одбранбен механизам и одговор на секогаш потенцијално можните искушенија предизвикани од нив.

Замислете го само изразот на лицето на легендарната германска канцеларка како би реагирала на политичките стендап-предизвици на македонскиот премиер, од типот „ајде да поставиме сидро кое ќе влече напред, кон Јуроп исс мор сексипил грл”?! Или пак изразот на еден Макрон (каков што доловија за момент и камерите неодамна, на „Мерсу боку Мистер ПрезиденТ”) кога би слушнал, дека „нам ни треба камшикар, за „да го постави таргетот или летвата малку повисоко”, оти „ние го пробивме звучниот ѕид на сите времиња, a и квантни скокови правиме”?! Или пак изразот на лицето на еден беспрекорно сталожен Реџеп Таип Ердоган, кога во пакет со ѕвонливото „заево вибрато” би добил и изјава, дека „Турците се бореле против Османлиите”, иако „баклавата е изедена, а типсиита стоо”. Секако дека куртули поранешниот израелски премиер Бенџамин Нетанјаху од можно  неконтролирано дипломатско искушение пред изјава од типот дека „Холокаустот е стара еврејска традиција”, но какви ли предизвици ги чекаат Вучиќ и Пленковиќ, на пример, ако „наш премијер буде пуно шетао до Београда и Загреба као Самуил или као Ќирил и Методиј, који су радили исте ствари”?! Тешко на претседателот Џо Бајден, без пенкало и лист хартија пред него, „ако направи брејн дрејн” македонскиот премиер и му излета некое „но дискасити”, или лакрдии од типот „дури и да е противправно, не може не бива-ќе се најде начин!”, или е „арно де, само малку го повреди Уставот-изнапатена душа е”?! Хартијата трпи сѐ, но што сме должни да споделуваме иста судбина како „славниов” македонски премиер, на кого му е со сигурност исцртана капата. Дека е без интегритет и секогаш подготвен да се најде од другата страна на законот поради лични лукративни причини! И тоа без илузии дека може да биде поинаков, тоа му е јасно на секој во актуелната меѓународна политика.

Ако посакаат гореспоменатите светски лидери да бидат уништени нивните записи по маргините на листовите хартија, ќе бидат уништени веднаш, а ние ќе останеме покуси за сознанието што поточно запишувале Макрон, Меркел и Бајден слушајќи го Заев и заевизмите на меѓународните средби. Како што посакал да речеме, своевремено славниот американски автор Едвард Олби да бидат уништени сите негови необјавени драмски текстови по неговата смрт. За среќа, Олби барем ни ја остави култната драма „Кој се плаши од Вирџинија Вулф”, да нè потсетува колку е важна борбата против илузиите за опстанокот на една брачна заедница – и светот како заедница воопшто.

За оние што не ја читале книгата или не го гледале филмот со маестралните Елизабет Тејлот и Ричард Бартон или ја пропуштиле претставата што се играше и на македонската театарска сцена со ништо помалку брилијантните Сенко и Весна Бејби, веројатно ќе забележат за несоодветност или непримерност во споредувањево. Станува збор за едно фантастично, но крајно контроверзно дело на Едвард Олби, во кое централната оска околу која се движи целиот драмски заплет се илузиите и искушенијата поврзани со нив. Затоа и во насловот фигурира една од најамблематичните претставнички на борбата против илузиите и во приватниот живот и во делата што ја обележале, големата Вирџинија Вулф. Книгата, а подоцна и театарската адаптација биле силно оспорувани поради разбивањето на предрасудите и илузиите за совршенството на американските бракови од средината на минатиот век, кои дотогаш биле редовно претставувани „налик на совршена торта со кандирано овошје”. Делото и денес претставува парадигма за разбивањето илузиии за животот во реални заедници, од семејни, социјални до политички, па оттука очекувањата дека и македонското собрание неделава може да биде сцена на која ќе се адаптира токму овој драмски текст.

А најкраткото можно сиже за делото би изгледало вака. Катарзичното разбивање на илузиите го водат средовечните Џорџ и Марта, веќе навлезени во третата деценија од заедничкиот живот. Џорџ е професор по историја, а Марта ќерка на декан каде предава нејзиниот сопруг. На враќање од една факултетска забава, во пополноќни часови канат еден помлад брачен пар на гости. Тоа се нивните соседи и помлади колеги, професорот по биологија Ник и неговата сопруга Хани. И почнува спектаклот од ментални соочувања, мечувања, навреди, понижувања, во кои целиот валкан веш и интима се изнесуваат како на послужавник пред соседите. Цел еден заеднички живот се распаѓа низ сите коцки од мозаикот на илузиите. Марта и Џон, својот долгогодишен брак го потхрануваат со илузијата дека одгледуваат заедничко дете, кое всушност го немаат. Нивните комлекси, пороци и слабости, но и сознанието дека не можат еден без друг (и покрај катарзата по репликата на Џорџ дека нивниот заеднички син е веќе мртов?!), ги тера на крајот од претставата да побараат повторно меѓусебна наклонетост и прегратка, како единствено место каде интимно се препознаваат и припаѓаат.

А каде и кому припаѓаат македонските политички актери, ќе имаме можност да разбереме конечно неделава, клучна за разбивање на сите илузии околу заедништвото и припадноста. Со „Резолуцијата за македонските црвени линии” поднесена од ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание, ќе разбереме многу бргу, што остана од илузиите во заедницата од политички партии на македонската политичка сцена, што сѐ можат да изнесат како валкан интимен веш домашните политички актери пред соседите, дали можат да ја издржат и оваа катарза од меѓусебни расправии и политички навреди и вербални војни, и дали конечно се подготвени на обединување, финално обединување пред сѐ поизвесното разнебитување и на државата и на доминантната нација во неа. Резолуцијата е токму тој момент на освестување, последен момент на повторно враќање кон животот, онаков каков што вистински е! Повеќе или помалку тежок, но заеднички и со заедничка меморија за него. Оти без неа, не живееме сегашност, а уште помалку креираме иднина. И оти сѐ останато е само илузија!

А ништо не треба да направите повеќе во животот, освен да си останете свои, би допишала кон овие редови славната Вирџинија Вулф. Колку ли храброст е потребна за таков живот без илузии?! И има ли воопшто поголема храброст од онаа која е секогаш подготвена да се соочува токму со илузиите?

Неделава пред нас имаме и можност да разбереме, дали остануваме во илузијата за сопствената „важност и слава” во време на реално демонтирање на македонската држава и нација, или својата важност и слава ќе ги искушуваме во заедничката  подготвеност да се обединиме, побараме меѓусебна наклонетост и останеме свои и на своето и самo така повторно заеднички креираме иднина. И од другата страна на илузијата, постои живот, зарем не?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.