Петар Поп-Арсов

„Бугарија се граничи со самата себе! Велес бил Бугарски град! Еден ден ќе се пее еден народ од Охрид до Црно Море!“. Изјава до изјава, наслов до наслов!

„Не постои македонско малцинство! Не постојат Македонци во Бугарија! Ма каква Бугарија, не постојат Македонци во Македонија! Македонците се преобратени Бугари од времето на социјализмот!“, ни собра се на куп Борисов! Борисов, премиерот на Бугарија!

Поминати се сите граници! Навреда до навреда, провокација до провокација! Се нижат како на филмска лента. Веќе вообичаеното негирање на јазикот, историјата и идентитетот добиваат неверојатно дополнување со отворените територијални претензии кон Македонија. Немоќта и очајот на бугарските политичари ги турка во меѓусебен натпревар во тоа кој ќе ја каже најгнасната навреда кон Македонија и Македонците.

Најпрвин се фатија за историјата. Покрај „стандардните првотимци“, Делчев, Прличев, Цар Самуил, сега во игра ги внесоа и „младите таленти“ Тито и Сталин. Нормално дека се млади, особено ако се земат во предвид историските периоди на делување на Делчев и Прличев, особено на „ветеранот“ Самуил. За Светите Кирил и Методиј или Климент и Наум, да не спомнувам, тие се неизбежни. Измешаа депортација со евакуација, окупација со администрација, небаре Народно-ослободителната борба во Македонија била реформа на јавната администрација за наша рана подготовка за членството во ЕУ.

Направена е таква мешавина на толкувања, ставови, барања, уцени, читање на историјата и поимање на сегашноста од кое тешко дека некоја бугарска или македонска влада ќе најдат излез во блиска иднина. Создадоа огромен анимозитет меѓу двата народа, или можеби, ако тераме по нивната перверзна логика, создадоа непремостливи разлики во „еден исти народ“. Може ли оној, кој двата народа ги дефинира како еден, со сите сили да ја прави најголемата поделба на тој „еден ист народ“, да поставува блокади и вета?

Изгледа нелогично! Изгледа лудо и мазохистички!

Не помогна ниту интервјуто на Заев! Напротив, ја разгневи сета македонска јавност и предизвика поделби во македонското општество. Поделба по многу основи, партиски, институционални, па дури и по внатрепартиска основа на неговата СДСМ. Поделба на оние што реагираат и оние што мудро си молчат. Молчат и го чекаат исходот по стариот и добро испробан метод, „од кај што ќе дувне ветерот“!

Интервјуто на Заев воопшто не делуваше смирувачки ниту кон бугарскиот политички врв. Напротив, дополнително ги раздразни и подигна нивните очекувања, делувајќи како допинг во меѓусебниот натпревар на бугарската политичка елита во дисциплината шовинизам без лимит и граници. Најтешките, највулгарните, и најнецивилизираните изјави и квалификации дојдоа токму по неговото интервју. „Заев е бугарин на кој паметот му доаѓа следниот ден“, беше највисокото признание кое што експресно пристигна од Софија, како утешна награда за несудениот нобеловец. Дури и кога е од Каракачанов, премногу е!

Што е по националност Заев, е негова работа и негово право! Такви вредности владеат во Македонија, за разлика од Бугарија. Ниту пак би се согласил со констатацијата дека умот му дошол следниот ден, воопшто.

Бугарија влезе во политички „ќорсокак“. „Слепа улица“ односно „слеп пат“, во превод од турски на македонски. Влезе во општествен “dead end”, односно „мртов крај“, во буквален превод од англиски на македонски. Или ако сакаме да бидеме корона-актуелни и да користиме терминологија од секојдневните медицински извештаи, влезе во „патека со смртни последици“. Во Бугарија се создадени такви политички односи да напросто не се гледа излезот од ваквиот “dead end”, доколку на сцена останат истите политички актери. Актери кои до крајни граници ги поларизираа односите со Македонија, дури и со сопствените јатаци и вазали кои воопшто не ги оспоруваат бугарските тези за бугарскиот карактер на Македонија.

Тоа е!

Во продолжение би сакал да внесам во игра уште еден историски лик и да поставам неколку прашања до Борисов, Каракачанов, Георгиевски, Димитров и Бучковски. Тие сигурно ќе разберат за што зборувам. Можеби ќе разбере и Заев, со еден ден задоцнување, но сепак за ова не сум сигурен!

Се работи за Александар Стамболијски, бугарски премиер од 1919 до 1923 година. Енергичен и решителен политичар кој ја наследил поразената Бугарија од Првата светска војна. Настојувал да спроведе реформи на внатрешен план, при што се обидувал со сите сили да ја извлече земјата од меѓународна изолација. Реформите ги спроведувал со авторитарно владеење и пресметки со политичките противници, проследено со бројни корупциски афери и скандали. Го склучил Нишкиот договор со Кралството СХС со цел зближување на двете земји. Договорот во целост бил на штета на Македонија и македонското прашање. Неговите бројни изјави против Македонија и Македонците во Белградските весници од тоа време, дека „не само што нема ништо да работи за Македонија, тука за неа нема воопшто ниту да мисли, или онаа „во крвта на Македонците се наоѓа сето она што е најлошо од крвта на Србите, Бугарите, Грците, Турците, Илирите и Албанците“, како и изјавата дека „Ако сакате, ќе ги натрпам во вагони и ќе ви ги пратам сите, за да си ги приберете Македонците од кај нас“, биле повеќе од доволно да го навлече гневот на ВМРО кое учествувало во неговото соборување од власт во 1923 година, по што брутално го егзекутирало. Егзекуцијата ја извршил скопскиот војвода на ВМРО, Велко Велјанов – Чичето.

Сепак, независно од сите контраверзи и корупциски скандали кои го карактеризираат неговото владеење, Стамболијски е мошне почитуван лик во бугарската историја и од бугарската држава. По него се именувани град во Бугарија, неколку села, улици и булеври, како и бројни спомен обележја во негова чест.

Од тука се наметуваат прашањата до најекспонираните македонски и бугарски ликови од денешницата кои сериозно претендендираат да влезат во историјата како „најзаслужните бугари“ кои ја бугаризирале Македонија во дваесет и првиот век. Ликовите Бојко, Зоки, Ники, Краси, Љубчо и Бучко!

Какво е нивното мислење за Александар Стамболијски?

Што ќе кажат за човекот кој „црно на бело“, со меѓудржавен договор, потврдил дека Македонија и Македонците не се од интерес на Бугарија и не се дел од бугарската држава и бугарскиот народ? Би коментирале ли нешто за овие ставови на култниот бугарски премиер, кој што можеби е личноста со најголем број споменици и обележја во Бугарија?! Што ќе кажат Бојко и Каракачанов за нивниот славен предок, кој во тогашните весници на Кралството СХС најпогрдно се изразувал за Македонците? Што ќе кажат за Македонците кои што постојат во изјавите на Стамболијски, далеку пред 1944 година? Што ќе кажат за човекот, кој заедно со Кралот Александар Караѓорѓевиќ, преку „Нишкиот договор“ ги зајакнале меѓусебните односи на штета на Македонија и Македонците, претворајќи ги во монета за поткусурување?!

Патем кажано, не случајно француските политички аналитичари од тоа време за животно кобна грешка на Кралот Александар Караѓорѓевиќ ја сметаат неговата заблуда решението за македонското прашање упорно да го бара во Бугарија и со Бугарите, наместо во Македонија и со Македонците.

Гледано од денешен аспект, кога Бојко и Красимир ги праќаат најексплицитните пораки дека Македонците се Бугари, а Македонија е бугарска, нивните изјави делуваат неверојатно противречно со ставовите на славниот бугарски премиер од минатото. Ако ги споредиме контрадикторните бугарски ставови и аргументи од нивното минато и денес, и ако го земеме во предвид дисконтинуитетот и  неконзистентноста на бугарската политика во однос на Македонија, доаѓаме до два различни, но логични заклучоци.

Првиот е дека Бугарите и Македонците се два посебни народа, а Македонија и Бугарија две посебни земји, согласно ставот на Стамболијски. Вториот заклучок би бил (дури и доколку сме „ист народ“ како што вели Бојко), низ историјата се покажало дека официјална Софија е некадарна и неспособна да се грижи за интересите на „сопствениот народ“ и преку разно-разни договори, по урнек на Нишкиот, го остава „сопствениот народ“ на милост и немилост на соседите.

Различни народи или неспособна држава да се грижи за сопствениот народ!

Бојко, бирај ти самиот! Избери ја твојата лична позиција или позицијата на твојата влада! Позицијата на Македонците ја знаеме! Ја знаеме уште од многу порано од твоето време и времето на Стамболијски и Караѓорѓевиќ, кои за жал со сета жестина ја осетиле на своја кожа!

Затоа Бугарија е недостојна за Македонија! Бугарија нема право да и се нафрла на Македонија на начин на кој што тоа го прави денес! Бугарија не може да полага никакво право на македонската земја и македонскиот народ, кој со свои сили, борба, жртви и крв ја извојувал сопствената слобода и самобитност!

Тоа треба на ум да го има Бојко кога ќе решава како ќе гласа за почетокот на македонските евроинтеграции. Згора на тоа, деновиве зачестија написите по европските медиуми за корупцијата која што владее во Бугарија под водство на Борисов. Оваа сличност со коруптивниот начин на владеење на Стамболијски не делува премногу охрабрувачки во пресрет на претстојните парламентарни избори во Бугарија. Затоа, Борисов мора сериозно да стави прст на глава со цел да не ја дестабилизира, пред се Бугарија, а потоа Македонија и целиот регион, доведувајќи не сите заедно во „ќорсокак“, преведено во сите возможни варијанти.

Ако е некој прилог во добрососедските односи и европскиот соживот, еве, би дал еден предлог. Предлагам македонската страна, особено ВМРО, да се извини за убиството на Стамболијски. Да се извини за високо почитуваниот премиер во бугарското општество и бугарската држава. Неговата грешка кон Македонците скапо ја платил, но апстрахирајќи ја оправданоста на причините кои довеле до немилиот и крвав настан, нека биде ова прв пример на национално извинување од македонска страна кон бугарскиот народ. Воедно, нека биде тоа поттик и за Бугарија да се извини за манипулациите со Илинденското востание, окупацијата од Втората светска војна, итн., итн.

Зошто да не?!

Класична романтика?! Надреализам! Делува неостварливо и утопистички?! Можеби делува и иронично?! Но, како покултурно и повоздржано да одговориме на провокациите и говорот на омраза кои постојано доаѓаат од политичкиот врв на соседната земја, освен со доза на иронија и со ставање на маса на фактите кои се производ на бугарската неконзистентна политика кон Македонија во последниве век и половина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.