Петар Поп Арсов

Имунитетот на стадото се развива кога поголемиот дел од популацијата се инфицира спонтано соочувајќи се со болеста и нејзините последици, а истата повеќе не може да се шири бидејќи е прекинат синџирот на инфекција. Тоа е испробан и докажан праисториски метод на справување со заразни болести и епидемии уште од времето на пештерскиот човек. Овој метод се разликува од современиот начин на имунизацијата со помош на вакцините, благодарение на медицинската наука и пионерите во оваа област Едвард Џенер и Луј Пастер.

На почетокот од пандемијата, во отсуство на лек, вакцина или било каква информација во однос на новиот вирус, шокантна беше одлуката на Британците, а особено на Швеѓаните, да почнат да го спроведуваат токму методот на „имунитетот на стадото“. Од некои критикуван и оспоруван, од други одобруван, неколку месеци подоцна овој метод преќутно беше прифатен речиси од целиот свет како решение за кризата, односно како решение до моментот на откривање на вакцина и создавање услови за имунизација на посовремен начин. Беше воведен терминот „епидемија со низок интензитет“, односно креирање на контролиран начин на стекнување колективен имунитет со цел да не дојде до колапс на здравствениот систем и економијата во погодените земји. Релативно „лесен и ефикасен“ начин за менаџирање на настанатата криза. Доволно беше да се заострат или ублажат мерките на ограничување, се до пронаоѓањето на вакцина.

Од тука натаму се знае. Праисториската метода на имунизација се заменува со далеку посовремената. Вакцината! Така барем е во нормалниот свет!

Како е кај нас? Какава всушност е стратегијата на Владата за понатамошно справување со Ковид-19 кризата?

Одиме директно на поентата!

Во прашање се две компоненти кои Владата се обидува да ги менаџира. Првата е политичката, која во секој случај поважната компонента за оваа влада. Втората е здравствената. Според логиката на нештата и потребите на граѓаните, втората треба да е прва, а првата да е последна. Здравјето пред се! Политиката во функција на здравјето!

Но, дали е така?

Нормално дека не!

Сето она што досега го работеше оваа влада во врска со Ковид-19 кризата, го работеше со цел да ја сведе сопствената политичка штета на минимум. Каква беше цената и со колку човечки животи беше платено нејзиното опстојување, воопшто и не им беше важно. Најважен им беше привидот којшто го создаваа и создаваат со секојдневните, сега веќе заборавени, пресконференции на Филипче, со набавката на медицински материјали, маски, ракавици, респиратори и сè она што македонското здравство воопшто го немаше на почетокот на кризата.

Така е сега и со вакцините! Туку што не пристигнале?! Ене ги на граница?!

Вакцините се добра илустрација за односот на македонската влада кон кризата и сопствените граѓани. Факт е дека во светот се води информативна војна за ефикасноста на вакцините и оправданоста на целокупниот процес на вакцинирање. Несогласувањата одат од крајност во крајност. Од една страна целосно се негира потребата од вакцинирање, без оглед на тоа за каква вакцина станува збор, американска, британска, руска или кинеска. Втората крајност на линијата на фронтот се однесува на тоа која од вакцините е подобра, поефикасна, поевтина и најважно од сè, геополитички најподобна. Во сите овие анализи, калкулации и „пресметки“ на светско ниво, македонската влада постојано се обидуваше да создаде впечаток дека активно работи на набавката на вакцини.

Првин нè убедуваше дека сме дел од КОВАКС системот и дека сè е под контрола. Потоа, кога се виде дека тука нешто не штима, под притисок на јавноста тргна во кампања за набавка на фрижидери за туку што не пристигнатите вакцини од „Фајзер“. Пред еден месец Србија понуди донација, која Заев побрза „да си ја плати по набавна цена“. Испадна дека поради одредени процедурални аспекти Македонија не беше подготвена да ја прими донацијата. Пред неколку дена беше најавена средба на Табановце меѓу Вучиќ и Заев, како „најстручни медицински“ експерти во двете земји, лично да извршат приморедавање на вакцините. И тоа пропадна заради некаков документ кој недостасувал. Во меѓувреме, дистрибуцијата на вакцини од неприкосновените „Фајзер“ и останатите компании од западните партнери доживеа колапс и дебакл во самата ЕУ, коешто беше сигнал до Филипче да се сврти кон кинеската вакцина. Како тргнала работата, ќе си легнат на брашно и ќе си порачаат и од руската. Ако ништо друго, барем на хартија.

Дали владата воопшто сака во скоро време да добие вакцини и да го започне процесот на имунизација?

Јавноста е бомбардирана со информации за различната ефикасност на вакцините. Добиваме информации за нивното влијание врз различните старосни групи или пак, врз заштитата од сега веќе присутните нови соеви на вирусот. Постојано читаме и читаме, при што веќе не знаеме што е вистина, а што лажна вест, дека вакцинацијата има несакани ефекти, па дури и смртни последици кај поединци кои ја примиле вакцината. Без оглед на фактот дека се работи за многу мал процент, далеку помал од процентот на фатални исходи кои што ги предизвикува самиот вирусот и болеста, сознанието дека постои и минимален ризик, создава несигурност и доза на недоверба кон вакцините.

Ваквата недоверба кај одреден дел од јавноста претствува сериозен ризик, кој Заев и другарите во никој случај не би сакале да го превземат на себе. Тоа е преголем залак за македонската влада заради кој сè уште се „тртка, се вртка“ и не го почнува процесот на имунизација. Ризикот и последиците по веќе споменатата политичка компонента, односно рејтингот на Владата се далеку поважни од здравјето на луѓето. Било каквов поединечен негативен или фатален исход од процесот на вакцинирање би бил исклучително штетен за политичката компонента, која, веќе рековме, е од примарно значење.

Според начинот на менаџирање на процесите, се создава впечаток дека за оваа влада е далеку поприфатливо да губиме по 10 до 15 човечки животи на дневна основа како последица на болеста, на кои што јавноста веќе навикна, отколку да има мал процент на несакани ефекти или можеби по некој смртен случај кај оние кои што ја примиле вакцината, особено кај највозрасните кои и без вирусот се природно најзагрозената група. Евентуалните проблеми во процесот на имунизација би предизвикале шок во јавноста, ризичен за политичката компонента на оваа влада. Ќе се отвори дебата за тоа дали требало, со која вакцина требало, што би било кога би било и уште многу други прашања кои би ја изместиле владата на Заев од „комфорната зона“ во која се наоѓа. „Комфорна зона“ благодарение на апатијата во која е западната државата и целокупниот систем. Затоа политиката е ставена далеку пред здравјето на луѓето, а менаџирањето на здравствената криза е ставена во функција на менаџирањето на политичките ефекти од истата.

Што станува со здравствената компонента од менаџирањето на Ковид-19 кризата?

Заклучивме дека имунизацијата преку вакцинирање на населението е ставена на спореден колосек. Бројките укажуваат дека се поголем дел од населението имал контакт со вирусот и на ваков или онаков начин ја прележал болеста. Ова некако не важи за оние 3000 несреќници кои ја изгубија битката со вирусот. Секако и за нивните семејства кои останаа без најблиските. Велат дека се приближуваме кон т.н. „имунитет на стадото“.

Од мерките коишто ги воведува Владата може да заклучиме дека се игра топло-ладно, односно имаме циклични затегања и попуштања на рестриктивните мерки. Во периодите кога болничките капацитети се речиси исполнети, се воведуваат поригорозни мерки. Се намалува работното време на угостителските објекти, поголем дел од администрацијата работи од дома, се зголемува бројот на казни заради неносење на маска итн. Идејата е да се намали ширењето на вирусот со цел да се намали бројот на сериозни случаи кои ги оптоваруваат болничките капацитети во државата.

Кога доаѓа период на ослободување на болничките легла, тогаш се врши олабавување на мерките, рестораните работат до 21 часот, администрацијата се враќа на работа, има помалку казни за неносење маски, пропагандниот притисок врз јавноста се намалува, се намалува зачестеноста на учеството на лекарите по дебатните емисии. Се стимулира контролирано зголемување на бројот на нови случаи до повторното приближно пополнување на болничките капацитети.

И се така во циклуси. Во циклуси, до моментот на постигање на „имунитет на стадото“. Имунитет стекнат преку вакцина, особено сега кога веќе ја има, имунитет стекнат преку научен пристап и придобивките на медицината и човековата цивилизација, НЕ! „Имунитет на стадо“, праисториската метода за стекнување имунитет преку прележување на болеста, ДА!

Каков народ таков имунитет! Така не доживува нашава влада! Тоа е нејзинината стратегија за заштитата и односот кон сопствениот народ!

Затоа оваа влада прави сè за да изгледа дека се залага за набавка на вакцини, а во исто време „се моли на Господ“ истите да не ги добие во скоро време. Да не ги добие барем додека не се согледаат ефектите од вакцинирањето на светско ниво. Многу перфидно, ниско, штетно и неодговорно! Впрочем тоа беше отворено кажано од министерката за одбрана, која се истрча со ваквата контраверзна изјава. Тоа е една од двете причини зошто сè уште немаме вакцини!

Втората причина е онаа очигледната, неспособноста!

Дали се работи за неспособност или свесна политика, воопшто не е важно! Ефектите и цената се исти!

Се изразуваат во загубени човечки животи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.