Васко Шутаров

(За една младост и за една култура на надеж)

Си отворив работа продолжениов викенд, сакав да направам малку ред во насобраните, а добро спакувани кутии во една од подрумските простории дома. Тргнав да средувам книги – што треба да оди во библиотека, а она што не треба, да биде подарено. И заглавив веднаш, на три огромни кутии со грамофонски плочи. Со години немам претурано таму, сѐ нешто го одложувам тоа отворање на ова внимателно спакувано време, од музика и книги, оставено за некои подобри и поспокојни денови.

А меѓу книгите и плочите има и вистински раритети, цело студентско богатство одело на некоја плоча, донесена од Лондон. Или книга, која патувала по пошта со месеци. На врвот од една од кутиите со плочи, сѐ уште црниот омот од „Дневникот на една љубов”, ни за нијанса непожолтен. Рок- антологијата за една младост, што претпоставувам е исто така добро спакувана и во многу други остави и подруми. Нема потреба да ја ставам на грамофон, секој тон и збор и онака ги знам напамет.

Знам добро, денес повторно ќе е прилично непристојно да се спомнува за некогашниот југословенски Ден на младоста. Некој можеби и ќе се сети на него на социјалните мрежи. Некој како мене, кој своите први 26, 36 или повеќе години од животот ги поминал во една поранешна држава, по која денес се именува само едно ледено и камено небеско тело со ознака „1554”, во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер. Денес е толку непожелно,  невкусно и „некурентно” да се спомнува Југославија. И додека немилосрдно ја прозиваат, небаре сите зла и сета вина за сите незатворени прашања, незавршени и неуспешни приказни на Балканов, треба да ù се натоварат на грб, и така добро спакувани да се закопаат длабоко со неа, во историјата.

А мене денес така слатко, како шлагот со јагоди што го јадевме дома, после школската свеченост за Денот на нашите просветители и како првите зрели цреши што ги беревме токму за некогашниот Ден на младоста, ми се зборува токму за тоа време и токму за таа младост. Барем додека сентиментите поврзани со тоа време се така внимателно затворени и спакувани за некои подобри времиња.

За оние кои не знаат или не сакаат да знаат, младоста на нашата генерација не беше само Слетот на стадионот на ЈНА за роденденот на Тито и тогашниот Ден на младоста. Нашата младост беа и рок-гитаријади и панк-концерти, беа и чести и долги патувања ширум тогашната држава и низ цела Европа, беа отворања кон светот, но и доаѓања на светот кај нас, беа освојувања на бројни новооткриени слободи и освојувања на среќа, времиња на една несомнена култура на надеж. Како што за тој период многу години подоцна ќе пишува Доминик Мојси. Дали преку наука, дали со искуствени факти, легитимно е да се прашаме денес, дали можеби тука се крие срамот и стравот, среде сеопштава култура на понижување што така интензивно ја живееме, да се проговори и јавно и гласно за годините на една култура на надеж што сме ја живееле така интензивно и не така одамна?!

Кога би подотворил дел од сеќавањата токму за таа младост, ми се чини најсоодветно ќе биде да проговорам за една жена од културата, чии дела се вградени во југословенската, европската и светска култура од самото ослободување на поранешната држава, па сѐ до нејзиниот распад. Би проговорил токму на овој ден во сеќавањето на една младост, за големата Мира Траиловиќ.

„Кога новите години ќе дојдат и младоста пројде, побарајте ја во себе таа сокриена младешка потреба за создавање нешто ново”, ќе кажеше и во зрели години Мира Траиловиќ, која од милост нејзините современици ја нарекуваа „жена-институција”.

Била прв радиоводител во повоена Југославија, прв уредник и режисер на камерна радиодрамa во која дозволила и присуство на публика. Истовремено студирала и на Музичка академија и на Високата филмска школа, била сестрано надарена, но и непоколебливо амбициозна. Уште во 1953 година доаѓа на идеја да основа нов театар, модерен и авангарден, слободен во својата форма и програмски содржини, театар независен од власта.

Тие години Југославија ги живее детските болести на комунизмот, а ваквата идеја и од денешен агол изгледа како тешко остварлива мисија. И што мислите, успеала ли во својата замисла? Да, и тоа цела една година пред првиот официјален слет за Денот на Младоста и роденденот на Тито.

Во 1956 година, во ископаните темели на идниот театар со 212 столчиња, се фрлени мали стаклени шишенца со кратки записи и желби на основачите на идниот култен белградски, но и светски познат театар, „Атеље 212”.

На првите претстави во новиот театар не се чекало долго. „Фауст” и „Чекајќи го Годо” во нејзина режија, a веднаш потоа за прв пат во една комунистичка земја и драмски текстови од Јонеско, Сартр, Бекет, сите во нејзина режија. Но и првото играње на светски популарниот хипи-мјузикл „Коса” на европска театарска сцена. „Атеље 212” ги отвора вратите за светот ширејќи го духот на авангардата од Западот и од Истокот. Театарскиот свет доаѓал во „Атељето на Мира”, а токму нејзиниот театар е прв што во тогашна Југославија добива понуда за гостување во САД, но и на најпознатите европски театарски сцени.

Но, што претставува ова малку, за движечкиот творечки и креативен дух на Мира Траиловиќ? Кога го иницира основањето на Интернационалниот театарски фестивал во Белград – БИТЕФ, светот веќе ја познава како Донкихотовски борец, Железна Лејди, Тигрица со сомотски канџи. во Франција пишуваат за неа, како за Булдожер во бунда. БИТЕФ во Југославија станува место каде се среќава најдоброто во театарот од двете страни на тогашната Железна завеса. Еден нејзин познат современик, тогаш ќе запише, „Мира има автентичен шарм на светска дама, комуникациска фреквенција на моќна радиостаница, работен капацитет на амал, информираност на енциклопедија, познавање на сите европски јазици – дури и оние што никој не ги зборува.”

БИТЕФ станува култно место, празник на светскиот театар, на кој гостуваат најславните режисерски имиња од тогашниот комунистички блок, а паралелно и режисери-дисиденти од истиот тој Исток, гостуваат врвни претстави од Западот, но и експлицитни западни дисидентски театарски форми (како „Ливинг театар” и „Ла Мама”), а за прв пат на европска почва доаѓаат претстави од тогашниот Трет свет, индискиот „Катакали” театар, Индонезискиот театар на сенки, „Јоруба”  операта од Нигерија.

БИТЕФ станува симбол на ослободување на креативниот уметнички дух, но и творечка работилница каде се создава критичко мислење во сите сфери на културата и уметноста и место каде доаѓаат како дома, најдобрите и најголемите магови на културата од 20 век – Гротовски и Кантор, Сартр, Штајн и Милер или еден Ежен Јонеско, кој на враќање од Белград во 1971 година, прашан што виде таму, само одговорил, „па, ја видов Мира Траиловиќ, зарем тоа не е доволно?!”

Кога престанува да директорува со „Атеље 212” (бидејќи законот налагал  така), Мира станува уметнички директор на Меѓународниот театарски фестивал во Нанси, а во Париз во „Театарот на нациите”, нејзиниот глас ги диктира насоките на театарските движења низ светот. Паралелно работи на освојување нови театарски и цивилизациски слободи со својот БИТЕФ, посебно во 80-тите години од минатиот век, кога ги руши и последните табуа на тогашното југословенско општество. Во тој ослободен свет на Мира Траиловиќ, отворени се вратите и за тогашните најдобри македонски театарски уметници.

А не постои ни актерско име врз чија кариера не влијаела на еден или друг начин, токму таа, големата Мира. Светлана Бојковиќ за неа ќе каже: „беше фасцинантна појава, светот го носеше овде, а нас во светот – способна, енергична, секогаш пред своето време. Меѓу сите тие моќни мажи од тогашната власт успеваше да ги постигне своите зацртани цели, со елеганција и насмевка. Чувствителна и сензибилна, беше нескршлива, а колку сето тоа неа ја чинеше, само таа си знаеше”.

Само неколку месеци пред да почине, Мира Траиловиќ отвора уште еден театар, денес веќе светски познатиот „БИТЕФ Театар”. На нејзиното последно јавно обраќање по тој повод, ќе каже: „Уметноста почнува таму каде ќе се поклопат некои таинствени и непознати сили внатре во човекот и во епохата во која живее.” Раскошно маркантна како појава, бескомпромисна кон новото и авангардното, но подеднакво посветена и на традиционалното, ќе биде запаметена и по скромноста, за која заклучувам и од овие нејзини изјави: „Никогаш не работев со незаработени пари, никогаш не работев со пари од лотарија. И кога ќе умрам, не сакам да слушам говори! Ќе станам тогаш!”

Умира неколку месеци пред распадот на Југославија. Дента кога умира, Данило Киш ќе ги запише следниве стихови: „Каква добро одработена работа, о Смрти. Каков успех! Да срушиш таква Тврдина”.

Не ја послушаа, денес за неа се говори во цел свет со уште поголем респект! Бројни театарски сцени го носат нејзиното име, нејзиниот лик се печати на поштенски марки, нејзиниот живот се игра во драми посветени на неа, на семинари и вебинари за културната дипломатија се учи за нејзиниот пристап и дело, улици и плоштади го носат нејзиното име. На „Месецот на светски жени” што во март го организираат амбасадите на САД, се зборува за неа: „поради ваквите жени што ги дадовте на светот, вие сте цел свет! За западниот свет по кој тежнеат денешните држави произлезени од Југославија, таа е сѐ уште парадигма, знаменосец и неприкосновена југословенска „Статуа на слободата”.

Овој мал омаж за една младост ќе беше подеднакво правичен и интересен и ако беше посветен на бројни други музички, филмски, ликовни, книжевни и драмски автори, на ЕКВ, на пример, на сцените на СКЦ во Белград или љубљанските и загрепските алтернативни и независни сцени, на Лачни Франц, Азра или Леб и сол, на Оља Ивањицки и Марина Абрамовиќ или на Макавеев, Паскаљевиќ или Зафрановиќ, на Платото пред Филозофски и до дупка полните книжарници, ширум некогашна Југославија.

А неслучајно денес се навраќам токму на Мира – светилник во едни времиња во кои да не се биде слуга на политиката, а да се биде креатор на една неповторлива култура на надеж, денес во времињава на сеопшта култура на понижување, само уште толку го прават нејзиното дело недостижно и единствено. Толку години потоа и толку далеку од освојувањата на сите слободи и среќа, што преку културата ги спознаваше една младост, благодарејќи само на една силна жена.

Можат ли денес моќните жени на македонската политика да проценат колку се далеку од овие морални и културни вертикали, можат ли да се одважат, да се надминат и да престанат да слугуваат на дневни политики и диктати, што од дома, што од надвор?! И просто да го донесат светот дома, а нас во светот, на начин како што тоа го правеше Мира?!

Се читаме ли, драга Мила и мила Ирена?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.