Никола Србов

Ние верувавме во тоа. Верувавме во Македонија.

Видовме како за една година може комплетно да се урне нешто кое некако се одржувало цели две децении. И логично е човек да се запраша „дали вредеше сето тоа?“, за миг да се покае што запоставил фамилија и приватен живот посветувајќи се на идеалот во кој верувал, „а што би бил човек без идеал?“, едно големо ништо.

Можеби мислите дека сме поразени и дека повеќе нема да има ништо од нас, но кога се повикуваш на толку големи букви знаеш дека тие те обврзуваат да не се помириш со моменталниот пораз и дека мора да се бориш за да ги анулираш последиците кои ги претрпела идејата од тој пораз. Затоа, нашиот фокус треба да биде на она што допрва следи.
После потпишаните документи од страна на властите ќе следат многу важни интервенции во нашето општество за кои речиси никој и не говори. Во договорот потпишан со Република Грција е зацртано нашиот идентитет да биде ставен во рамка која ја исцртува самиот договор, што секако е нешто кое досега не е видено. Со цел властите доследно да го спроведат договорот кој го потпишаа, покрај техничките работи околу промената на уставното име, тие ќе треба да го спроведат и она кое е зацртано во рамката која го заробува нашиот идентитет. Секако, ќе кажете дека не може да се спроведува нешто кое е дел од идентитетот на еден човек, но во овие договори е запишано да биде променета нашата свест и самоидентификација без разлика кој како се идентификува. Менувањето на нашата свест и перцепцијата за нас самите ќе го вршат преку образованието, културата и медиумската пропаганда. Тоа е она кое во иднина ќе го спроведува власта.

Сега можеме слободно да кажеме дека штетата е веќе направена и спротиставувањето на тој факт ќе биде само давање на лажна надеж за нешто кое не може да се исполни ниту пак спречи во овој момент. Лажната надеж е далеку поштетна од самите последици на договорот бидејќи со таа лажна надеж ќе се троши енергијата која ќе ни биде потребна за санирање во иднина. Што треба да сториме ние како поединци за да бидеме отпорни на пропагандата? За почеток, сето она кое ќе ни се сервира ќе треба да го примаме критички и со резерва. Нашите деца ќе учат нешто поразлично од она кое сме го учеле ние и истите ќе бидат подложни под силна пропаганда преку образовниот процес во сопствената држава. Сета енергија, знаење и труд треба да ги насочиме за моментот кога ќе треба да се справуваме со последиците од оваа штета и секако, да спасуваме сѐ што може да се спаси.
Вештачкото менување на свеста кај еден народ науката го нарекува „асимилација“, можеби звучи прегрубо но реалноста многу наликува на она кое во себе го содржи овој термин.
Македонците мора да знаат дека ова не ни се случува прв пат, нашите предци го искусиле истово, затоа треба да го земеме примерот како они се спротиставувале на пропагандата која била вршена врз нив и како успеале да ја сочуваат својата македонска свест. Треба да научиме како нашите предци одолеале на асимилацијата која била вршена врз нив во периодот по Балканските војни. Доколку тие успеале да одолеат на таква брутална асимилација пропратена со бројни физички ликвидации, тогаш ние не треба воопшто да се запрашуваме дали би успеале, ние мораме.

Примери за нивното делување има безброј, но фудаментот на отпорот се наоѓал во семејството. Доколку општеството е одлика на семејството, тогаш нашиот отпор кон асимилацијата ќе треба да започне внатре од нашите семејства, да започне од грижата за нашите деца да не потпаднат под пропагандата која ќе им биде сервирана и во училиште и на бројните медиуми.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.