Васко Шутаров

Едно време, многу често се употребуваше изразот „глупи Август”. И обично се однесуваше на поединци, знајни и незнајни, кои излегле будали во одредена ситуација. Кога ти поминала пред очи цела композиција од важни настани кои и тебе ти се значајни, а не си ги забележал. Или си ги регистрирал фрагментарно и незаинтересирано. Беше крајно непримерно да бидеш наречен „глупи Август”, макар за еден миг или еден ден. Некој да те фати со умот „во лер” беше недозволив луксуз, бидејќи беше во прашање стекнување статус и достоинство. И беше во прашање реномето на најблиското опкружување. Ех пусти, сентименти од едно старо стендаловско воспитание.

Иако постои директна корелација помеѓу познатиот римски император и месецот август, ништо директно не асоцира на нив и на глупавиот Август. Велат дека потеклото на оваа инкарнација на глупоста мора да ја бараме во германската и англиската традиција на кловновски забави во циркусите од крајот на 19. век. Der dumme August, станал задолжителен лик на симпатичен и будалест кловн, на циркуските забави за публиките во Европа. Велат, крајно пежоративно било да се биде палјачо од типот на глупавиот Август надвор од циркуските арени. Обично таквите ги биел глас на неталентирани луѓе, кои потребата од општествено внимание ја стекнувале најчесто правејќи будали од себе. И, најчесто, побудувајќи сожалување од јавноста.

Во царството на кловновите, каде треба да го бараме потеклото на глупавиот Август, ќе ви кажат дека кловновите се неодвоив дел од животите, како огледало во кое се огледуваме, од една подруга, гротескна, изобличена и смешна страна. Токму за оваа страна од кловновската игра пишува и славниот италијански режисер Федерико Фелини, во белешките за филмот „Кловнови”. Беа тоа години, во кои меѓудругото ги голтавме со нескриено љубопитство филмовите на Фелини. Но, колку сме го разбрале, смеејќи му се на гротескното и надреалното од неговата филмска антологија?

Маговите на циркуската и кловновска игра, пишува Фелини, знаат добро дека два кловновски лика се задолжителни, за да бидатзаокружени и потполни играта и забавата. Тие два лика се ликот на белиот Кловн и ликот на глупавиот Август. Првиот симболизира интелигенција, луцидност, елеганција на мислата, моралистички наметнувајќи се како неодминлив, идеален, единствен. Глупавиот Август, како неодвоив дел од овој главен кловновски пар е еманација на сите спротивности од првото, ругање на сè она што е умно, постојано и пристојно. Инкарнација на дете, кое може да ги прави сите оние будалаштини што на другите деца им се забранети. Непостојано и палаво дериште, кое ако треба и ќе рецитира за да анимира гости, но и ќе им се потсмева штом заврши таа зададена точка продолжувајќи да ги вади од кожа со своите неумни и невоспитани постапки. Идобива аплаузи за тоа.

Во белешките на Фелини за филмот „Кловнови”, двата кловновски лика на крајот од филмот си приоѓаат еден кон друг и заминуваат од сцената заедно. Просто, судбински припаѓајќи си еден на друг. Фелини се потрудил што потрогателно да изгледа оваа сцена. Зошто? Затоа што овие двa кловновски ликa се инкарнација намитот за единството и помирувањето на спротивностите и сплотувањето на спротивставените интереси, во сите животни прилики и неприлики. Фелини, велемајсторот на надреалното и гротескното, така го замислувал животот, во кој со реалните животи владее идеалниот пар составен од „белиот Кловн” и „глупавиот Август”. И затоа ќе каже дека „радоста е една привремена состојба, која бргу поминува во несреќа, која, за наша среќа,работи за нас, но на еден подруг начин, а заедно чинат еден ист карневал, нели? Така думаше великиот италијански мајстор на гротескното и надреалното. Фелини, кој најдобро го разбираме дури денес.

И ќе се прашате можеби, зошто и глупавиот Август и карневали и кловнови и реално и надреално, во средината на еден август, во Летово Господово 2020, во Македонија? Е, зошто де? Ако е за карневалите, да, нив ги имаме. На Вевчанскиот карневал задолжителни се ликовите со големи конусни капи и кравји опашки, што обично прават голем џумбуш и врева, инкарнирајќи го и преку иницијалите Г.А., глупавиот Август. Циркузи, за жал, веќе одамна не доаѓаат и не заминуваат од нашите градови. Понекој уличен кловн во потоплите месеци на некое градско шеталиште и толку од кловните и карневалите кај нас. Или само така ни се чини?

Да, нашминката половина од лицето ми е како на кловн, но другата ненашминкана – уште повеќе

Каков идеален мизансцен за филм би имал генијалниот Фелини во овој наш овогодишен август. Задолжителните ритуално-протоколарни маски од месеците на забрани, сами си испопаѓаа. Младите инстинктивно си се фатија по својот дел од „слаткиот живот”. Повозрасните поучени од искуството си се зафатија со собирање августовски плодови, за некој одложен сладок живот, таму некаде после пандемијата. Август, и сам по себе, мами на мрзеливо уживање во природните посластици, слатко отсуство од сите реални животни проблеми.Што би рекле, вистинско време за пуштање мозок на пасење. Но, и едно идеално време, за поголема доза добро распоредена горчина, во најслаткиот месец од годината.

Само во добро изрежиран надреален филм, меѓу две делкања лубеница, може да се случува токму ова. Добро слушаш, но сè ти е преслатко да систавиш уште сега на душа, дека струјата што ќе ја плаќаш наскоро ќе ти го голтне и онака прескромниот домашен буџет. Меѓу две грицкања бело и црно грозје разбираш дека училиштата не знаат што да прават со учениците и нивното образованиеи на две недели пред учебната година се без план и програма за настава. На која чекаат илјадници наставници и професори, стотици илјади родители и ученици. Меѓу ред сиренце и пинџурче, слушаш дека згаснала банка и илјадници луѓе се во панична потрага по своите пари. Пари, што благовремено од истата банка си ги подигнала ресорната министерка за финансии, бидејќи веројатно Св.Трифун ѝ се јавил на сон и просто ја преплашил. Меѓу две грстки капини, ја голташ и оваа жива наива од приказна. Меѓу две брчкања во едно од трите езера, до кои единствено летово можеме на сончање и капење, отвораш ладно пиво и слушаш дека веќе никој никого не слуша. Дека повеќе се верува во сите можни теории на заговор, отколку на здравствените авторитети во државата, кои,патем, подготвуваат нови рестрикции, за да го вратат изгубениот авторитет и да го дисциплинираат палавото и нескротливо, од распекмезеното августовско во нас, самите. И во ваков сладок августовски делириум, јасно ти е дека за вакви работи во нормални и реални држави веднаш паѓаат влади. Но, уште појасно ти е, луштејќи ги првите зрели смокви, дека овде во ова идеално Фелиниевско место, нема кој да падне од власт. А токму тие што треба да одговараат, договараат нова поделба на одговорностите и  договараат нова власт. Чист Амаркорд, нели? Во кој секој секому му е глупав Август. Без трошка срам. Без ниеден смоквин лист, на себе.

Метафораваза глупавиот Август во суштина претставува карикатура на едно мирно и добро уредено општество, кое, барем нам, сериозно ни бега. И живеејќи предолго како за еден човечки живот, во една реалност во која сèе привремено, хаотично, гротескно. И изместено од своите зглобови. И кој може во таков контекст да им се смее на кловновите? Денес, кога сè околу нас е вистински циркуз во кој секој од нас и сите ние заедно, ја делиме судбината на сеопштиот циркуз и сеприсутниот глупав Август. За да го преживееме, едно од најгротескните времиња во модернава епоха. Во една „модерна држава”, каква што е замислена да биде нашава? Во која животот, играта, радоста и тагата, се само прашање на добра имитација и добра шминка. Со која, нашиот реален животен избор се сведува на избор помеѓу белиот Кловн и глупавиот Август. И нивната сцена за разубавување на нашите животи.Нашминкани животи, во кои глупоста е добар пример на кој што се аплаудира. Највозвишена доблест и единствен исплатлив начин за преживување. Августус Примус!

Судбината ви е запишана на лицето, велеше Фелини. Сцената за разубавување што ни се подготвува, ќе ни ја доисцрта судбината, со само уште неколку потези по лицата. Таман, да заприличеме сите до еден на еден единствен глупав Август. Модерен, колективен глупав Август. За вака ли бевме? Мои драги добри, умни и сè уште кротки, сентиментално воспитани, едни…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.