Михајло Маневски

УСТАВЕН СУД

Уставниот суд на Република Македонија според член 108 од Уставот е орган на Републиката надлежен да ја штити уставноста и законитоста. Уставниот суд одлучува за согласноста на законите и на другите прописи со Уставот и за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Уставниот суд е овластен да укине или поништи закон, како и друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Ги врши ли Уставниот суд на Македонија овие надлежности?

Од орган на Републиката кој што е должен да презема мерки за заштита на уставноста и законитоста, Уставниот суд е претворен во безличен орган, невидлив за јавноста, затворен и безиницијативен, инертен и покорен послушник ставен во служба на погубната политика на СДСМ и Зоран Заев.

Уставниот суд наместо чувар на уставноста и законитоста е претворен во нем наблудувач и сведок на флагрантно кршење на Уставот и законите, без при тоа да презеде потребни мерки за нарушената уставност и законитост и да изврши нужно влијание во општеството за владеење на правото.

Уставниот суд цели 3 години не го решава предметот за оценка на уставноста на Законот за СЈО
Зошто Уставниот суд цели три години не одлучува за уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство, зошто не го става на седница и зошто не одлучува по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на овој закон, која може да ја уважи или да ја отфрли? Кој го овластил Уставниот суд да не одлучува и предметот и да го чува во фиока? Уставниот суд има обврска во предвидените рокови во Деловникот за работа на судот да спроведе предходната постапка и предметот од страна на задолжениот судија и Претседателот на судот да биде ставен на дневен ред за одлучување.

Ниту Уставот, ниту законите, на Уставниот суд не му даваат овластување за неодговорно однесување. Да ја почитуваше обврската се реши иницијативата за оценување на уставноста на Законот за СЈО, досега сто пати ќе се одлучеше. Ќе се одлучеше дека овој Закон за специјалното јавно обвинителство е хибрид, целосно неуставен и спротивен на Уставот и Законот за јавното обвинителство и ќе беше поништен.

Со Законот за СЈО флагрантно се кршат темелните вредности за владеење на правото од членот 8 од Уставот. Врз основа на која одредба од Уставот е основано ова јавно обвинителствво? Врз основа на која уставна или законска одредба, предлог за именување на јавен овнинител можат да поднесуваат четири политички партии? Таква устана основа за донесување на ваков закон и за поднесување на предлог за именување на јавен обинител од четири политички партии никаде не постои. Тоа е апсурд на апсурдите. Уставниот суд е должен да ништи вакви апсурди и да го штити уставниот систем.

Уставниот суд не е политички огран

Уставниот суд не е политички огран да спроведува политика, туку е должен да го штити Уставот. Судиите на Уставниот суд положија заклетва дека ќе го штитат Уставот и законите и таа заклетва се должни да ја почитуваат. Тие се одговорни за својата работа и никој не им дал право да ја искористуваат службената положба и да не ја извршуваат службената должност. Уставниот суд и судиите на Уставниот суд не се надвор од системот на одговорност. Нивната одговорност е многу поголема. Ова затоа што нивната неодгворност за воспоставување на нарушената уставност и законитост нанесува несогледливи штетни последици на државата и граѓаните.

Специјалното јавно обвинителство основано со тоталнио неуставен закон е креатор на дневната политика на прогон и служи како политичка алатка на власта за постигнување на политички, а не правни цели. Тоа јавно обвинителство се претвори во испостава на СДСМ и се стави во служба на Зоран Заев да се пресметува со поранешни функционери и членови само од ВМРО-ДПМНЕ, а не од ДУИ и од СДСМ. Со селективно гонење, токму преку ова СЈО се обезбедува владее со застрашување и наменско гонење.

Уставниот суд е должен, по повод на поднесената иницијатива, да се грижи за заштита на за правата на над еден милион граѓани кои се држат во заложиштво со нелегално снимени телефонски разговори, кои дури се користат и како доказ во кривична постапта? Уставниот суд е должен да води сметка и да заштити за повеќе стотини илјади граѓани за чисто приватни разговори кои се чуваат во СЈО, со кои грубо се нарушува приватноста на граѓаните. Зошто се чуваат тие материјали и зошто не се уништат? При толкаво масовно грубо повредување на човековите права Уставниот суд е должен да реагира и да постапи согласно неговите овластувања, а не со години да не постапува како ништо да не се случило. Уставниот суд е чувар на уставноста и законитоста, а не покорен слуга на дневната политика.

Ќе продолжи ли истата инертност за оценка на уставноста на Указот за прогласување и на Законот за употреба на јазиците?

Нема никакво известување и реакција на Уставниот суд по поднесената иницијатива за оценување на уставноста на Указот и на Законот за употреба на јазиците. Ќе чека ли Уставниот суд со години да постапи по поднесената иницијатива за осценка на уставноста на еден тоталнио неуставен Указ за прогласување и на Законот за употреба на јазиците? Ќе постапи ли Уставниот суд онака како што му налага Уставот и Деловникот за работа? Кога, ако не во овој случај, Уставнуиот суд по повод на барањето изнесено во иницијативата и по наоѓање на судот ќе изрече времена мерка да се запре со извршување на Законот додека не се одлучи по поднесената иницијатива, имајки во предвид дека со примената на еден тотално неуставен закон можат да настанат несогледливи штетни последици?

Граѓаните на Република Македонија ќе бидат жртви на флагрантни кршења на Уставот, законите и човековите права се додека Уставниот суд не ги отфрли канџите на политиката со која е заробен. Заробен Уставен суд нема никаква подршка од граѓаните и таков суд никому не му е потребен.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.