Марјан Ристески

Пушташ вести и повторно слушаш непријатно изненадување: Компанијата Фолксваген реши да инвестира во Турција – инвестиција вредна 1,5 милијарди евра и повеќе илјади вработувања! Уф, си велиш, што пак им згрешивме на инвеститорите за повторно да ја одминат жална Македонија, а имавме најава на голема врата за нивno влегување во државава од „инвестиционо“  настроенава ни влада?! Слушаш и си велиш:Зошто Господе инвеститориве како од “лепра” бегаат од нас? А ние сите убедени од владата наша:, готово – Фолксфаген доаѓа во Македонија – фолксваген – национално возило, ама арно, пак јако нè „извозија“ и тоа во фолксваген караван и си велиш длабоко во себе: Ќути можеше и полошо да биде, да испилотираме како арачиновска ескадрила!

И повторно сите „сме мало збуњени“ со многу прашања во себе: Што е причината што никој не сака да инвестира, зошто никој не сака ни шајка да заковe во оваа наша, a „блескава” Македонија?

Каде и да отиде по „белиот свет“ нашиов владин „Globtroters team”, секогаш со изненадувања и свежи вести за нас-народов, нови инвестиции и нови брендови за државава!!!??? Браво-браво и после тоа OП стара приказна – ништо од ветеното повторно – лажна вест!!!

Но, по сè изгледа грешно ги сфаќаме, нашата власт има повисока улога од државничката, таа си станала портпарол за најава на инвестиции на Балканот (нели „успешна“ балканска приказна се), па затоа често слушаме наместо во Македонија, инвеститорите се одлучиле да инвестираат кај соседите: во Србија, во Хрватска, Бугарија, Турција…(убаво е кога се мисли за соседите, нели таква е владата наша)?

Пред три години на голема врата ни најавија – Кога ќе дојдеме на власт државава ќе стане инвестиционен рај, ќе се „тепаат” да инвестираат во неа, но место да се тепаат за овде, доживеавме да се тепаат за да бегаат одовде, а народецов како и секогаш – со прстот во уста.

Како што тргнала работава со оваа влада, и зборот инвестиции ќе се ОДДОМАЌИНИ од нашиов речник (не наведувам каков речник за да не се налутат бугарите-празник е). Непријатно е чувството како нард кога ќе слушнеме дека она што го најавила владата како – инвестиција, претставниците на странските компании мораат да го корегираат и да ја демантираат веста за да не си го нарушат стекнатиот имиџ, велејќи си во себе – со кого сме фатиле работа? Значи куртоазното – „family photo” и неизбежното ракување на претставниците на власта со менаџерите на некоја компанија на некој протоколарен собир, за оваа влада значи и нова инвестиција, а уште полошо е кога со тек на време почнуваат и самите да си веруваат во “инвестицијата”.

Тие денови ела пушти провладин медиум, ќе се изнаслушаш: посветена влада на инвестиции, па на повидок нова инвестиција, инвеститорите ја препознаа добрата бизнис клима во државава….фалби до фалби! Од толку фалби уште малку ќе почниме да размислуваме како севернокорејци – дека сме светски шампиони во фудбал!?

И после неколку месеци следува ОП! – пак еден ладен туш (bucket challenge) за народот, најавената компанија наместо во Македонија, се одлучила да инвестира во соседството!? Значи пак суви пренесени преку вода, без капка да капне, пак за нас лижавчетоооо!

Но, ајде ќе ги оставиме странските инвестиции – нешто слабо им им оди и со домашниве инвеститори, нитy тие се нешто заинтересирани за нови инвестиции во државава или пак проширување на постојните. Па и ваквите вести за домашни инвестиции во Македонија стануваат реткост, да не речам…како вест за „7-ка на лото“!

Ако анализираш, од сето ова неминовно се наметнуваат неколку битни прашања:
– Дали оваа власт е кадарна да привлекува инвестиции?
– Дали Самка, Љубе…се вистинските кадри на државава кои народот ги
плаќа за привлекување инвестиции?
– Дали владиниот пристап и променетите Законски регулативи се тотално
погрешни, па наместо привлекување имаме одвлекување на инвестиции?
– Дали власта има концепт и дали cе воопшто заинтересирана за
инвестиции?
– Дали корупцијата која е одлика на оваа власт се исто така голем проблем
за инвестирање?…

Постојат уште многу прашања што треба да ги одговори ваа власт, а засега одговорот е суров: ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ИНВЕСТИЦИИ!!!

Ако направиме една ретроспектива, кога претходната влада најавуваше ТИРЗ-ови, индустриски зони…, сегашнава власт, а тогашна опозиција, ги исмејуваше дека тоа е фарса, дека нема инвестиции, често сликајќи се на празни ниви. Ги потценуваа и лично ги омаловажуваа активностите на тогашните економски промотори и врвни експерти од Македонија од типот
на Алек, Бил Павлески, Веле Самак, Џери Наумов…(визави сегашниве Самка, Љубе…).

Ги кудеа даночните олеснувања и бенефити за инвеститорите, демек не биле добри за државава, па дека домашните компании биле потценети во однос на странските, за да потоа кога секој месец почнаа да никнуваат нови и нови инвестиции и компании во зоните со илјадници нови вработувања, е тогаш да почнат да ја вратат реториката и да измислуваат дека вработените во нив се експлоатираат со енормно ниски плати! Кога почнаа на врабитените и платите да им растат во овие компании, е тогаш почнаа со нова теза дека им ги земаат (крадат) вработените и кадрите на домашните компании!!!

И сега, кога веќе се на власт, овие компании кои што инвестирале во државава наеднаш стануваат добра работа за власта, па често гледаме како сечат ленти на веќе започнати, изградени или претходно планирани инвестиции од овие компании.

Целата своја неспособност за нови инвестиции за подобрување на економијата и животниот стандард сега пак ја покриваат со нова теза – ЏАБЕ ИНВЕСТИЦИИ, НЕМАЛО ДОВОЛНО РАБОТНА СИЛА – ТРЕБАЛО ДА СЕ УВЕЗЕ ОД СТРАНСТВО!?!? (им текна откако 500.000 ги избркаа од државава). A и најново „откритие“ на оваавласт во последниов период е:
домашните компании требало повеќе да соработуваат странските компании во зоните и тоа ќе било добро за овие првиве…хах АЛЕЛУЈА, ја открија Америка!

Некадарноста, незнаењето, политиканството или тотално погрешната економска политика на власта доведе до вакви поразителни резултати. Но, за жал, тука и не е крајот, сето ова може да предизвика уште поголеми последици!? Не само што нема домашни и странски инвестиции, туку недај Боже оваа влада може и постојните да ги набрка од државава! (како што имавме случај пред една година)!

Токму сето ова придонесе не само за намалувањето и скоро никакви инвестиции, туку исто така и:

– Помала конкурентност на пазарот на трудот, што е единствен процес за природно зголемување на платите на вработените во стопанството;

– Бркање на работната сила во странство (иселување);

– Лош создаден имиџ кај потенцијалните инвеститори;

– Незаинтересираност за нови инвестиции кај постојаните стопански
субјекти;

– Слаб развој на економијата и животниот стандард;

– Намалена можност за обука и дообука на кадри на високи технологии и
современ начин на менаџирање;

– наместо во приватниот сектор, се продуцира зголемена вработеност во
јавниот сектор, на грбот на претходниот;

– изгубен е имиџот за привлекување инвестиции во однос на другите
балкански држави и соседи…

И за крај после ова економско цунами,
Тешко ќе биде, а воедно и голем предизвик на новата влада на ВМРО- ДПМНЕ: Преку брз план и стратегија со одлични економски мерки и политики, со нови законски решенија и пред сè стручни и еминентни кадри, да го врати имиџот, но и да го достигне приматот Македонија – лидер на балканот во инвестиции, нови технологии, можности и знаења – Македонија економски тигар на балканот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.