Васко Шутаров

Приказнава што сакам да ја споделам денес со Вас, веројатно веќе сте ја прочитале или слушнале некаде. Последниве месеци се раскажуваше и споделуваше скоро секаде. Оди отприлика вака…

Најпознатиот светски антрополог од минатиот век, Американката Маргарет Мид, во една прилика добила прашање од студент. Прашањето било, што според неа би бил сигурен и прв знак за почеток на човековата цивилизацијата. Веројатно, студентот очекувал да добие некој од одговорите кои се чинат најлогични. Одговори од типот, можеби некој глинен сад, можеби камен за мелење, некое орудие за ловење или религиозен артефакт.

Маргарет Мид после кратко размислување му одговорила. Тој прв сигурен знак за културата на една цивилизација, иницијалната точка на тој прапочеток, може да биде само едно. Фемур или бутната коска. Поточно, заздравената бутна коска.

Бутната коска е најдолгата коска, која го поврзува коленото со колкот. Во услови во кои владеат законите на џунглата, повредено животно со скршена бутна коска, не би можело да преживее. Да бега од опасности, да отиде до некој извор за вода или да најде нешто за прехранување. Без асистенција на модерната медицина, за закрепнување од скршена бутна коска се потребни околу шест недели.

Иницијалната точка за прапочеток на цивилизација, според Мид е заздравена бутна коска. Најмалку шест месеци, некој за некого се грижел да закрепне, да му донесе вода и храна, да го чува и брани од суровите закони на џунглата и непредвидливата природа. Пронајдената заздравена бутна коска, за Маргарет Мид го означува почетокот на човековата цивилизација.

Наспроти очекувањата на студентот, дека прапочетокот на цивилизацијата Мид ќе го лоцира во некое орудие за преживување, некој објект што би претставувал дом, артефакт кој асоцира на први духовни траги во човековата култура, добил одговор кој и можел да се очекува од луцидниот ум на „мајката на американската наука во 20-от век”. Заздравената бутна коска е всушност, сочувствителноста. И, тоа е родното место на човековиот цивилизациски развој.

Патем, велам приказна, затоа што и покрај илјадници страници исклучителен научен материјал за антропологијата и културата, безброј колумни и документирани материјали, за овој разговор не постојат пишани траги. Во 90-те години од минатиот век, оваа случка е објавена во научен часопис на Здружение на американски хирурзи и до ден денешен се раскажува како анегдота.

Во месеците на светска пандемија, приказнава за првата заздравена човекова бутна коска, стана парадигма за солидарност и сочувствителност. Немам сомневање дека авторството на оваа длабока размисла за развојот на културата и цивилизацијата ѝ припаѓа на Маргарет Мид. И често се прашувам, што би нѝ одговорила да беше жива. За современава, денешна етапа од човековиот развој. Можеби би рекла дека сме дојдени во цивилизациски ќорсокак. Можеби во културно-цивилизациски регрес, цивилизациска и културна атрофија? Најблизу, до нејзиниот дискурс сепак оди одговорот, дека човештвото е навлезено во нови закони на џунглата, во кои владеат неговите нови височества, моралниот хазард и моралниот банкрот. Како и за многу други работи од антропологијата и културата, Мид уште во 60-те и 70-те години од минатиот век, проговорува за потенцијалните морални колапси на модерната цивилизација. И тие се актуелизираат со сета жестокост, токму во последниве неколку месеци.

Пред бројките и боговите молчат

За солидарен и морален банкрот зборуваме, кога во време на губење на работни места, загрозена егзистенција на најголем дел од населението, наместо издржани и функционални мерки со евидентна грижа подеднаква за сите, државни приоритетни одлуки да бидат одлуки за реекспорт на дијаманти или давање концесии за одгледување марихуана на свои блиски. На побратими по моќ. Или, купување на нов блиндиран мерцедес. Како суштинска потреба, во вонредни услови. Корупцијата и криминалот, остануваат во вакви околности незарастена бутна коска во општественото ткиво на државата, уште од првите транзициски години од осамостојувањето на државата. Денес, триесет години потоа, истата транзициска симптоматологија е уште толку потенцирана. Дијагноза без терапија. Нездрава работа!

Тотален морален банкрот му се случува на главниот град во државата, кога во вонредни услови на рестриктивни мерки, се случува раскопување на високо заштитен градски појас, како што е Старата скопска чаршија, монтирање лифтови на Градскиот Трговски Центар, интервенции на споменикот „Копнеж” и спомен-плочата на Султана, мајката на Гоце Делчев, интервенции во минијатурни зелени површини за максимални милионски суми, естрадни концерти, кои почнувајќи од новогодишниот за стотина илјади евра, започнаа да се нарекуваат, солидарни. А ви се случува, токму вашиот главен град, во услови на комплетна имобилизација на неговото население, да биде втор град по загаденост во свет. Токму деновиве, вон грејна сезона, на плус триесет степени во сенка.

За морален хазард зборуваме, кога институциите задолжени за грижа за уставот, законитоста, правото и правниот систем, стануваат најголеми причинители за повреда на истите. Според неодамнешно и ексклузивно признание на уставен судија, преку триесет пати е повредено или прекршено правото токму во двата најважни храма за почитување на уставот и законитоста-Собранието и Уставниот суд. Триесет закони се оспорени, поради нивно носење со недоволен број гласови на пратеници. Или, со речникот на антропологот Мид кажано, фрактурата на држечката основна коска на правниот систем и владеењето на правото, е повредувана во континуитет. И во моментов е, со мали шанси за закрепнување.

За морален банкрот зборуваме, кога без трошка срам и чувство за одговорност пред фактите, зборуваме дека сме регионален добар пример во борбата со епидемијата. А, пред бројките и боговите молчат. Во третиот месец од вонредните мерки, ние сме сè уште во високо ризично плато од дневна двоцифрена бројка на заразени и секојдневни смртни случаи. Загрижувачко ризично подрачје во регион, во кој според сите параметри (читај, СИТЕ!), ние сме убедливо најлоши. И упорно нè убедуваат, дека токму подобрите од регионот ги превземале нашите успешни протоколи за справување со здравствениов проблем. Останува деновиве да читаме за инивидуални и последни апели на крајно загрижени лекари од првиот борбен ред со вирусот, за елементарно почитување на заштитните мерки. Официјалната здравствена политика на државата во моментов се прекршува под притисокот на актуелната власт која кокетира и дискретно намигнува (читај замижува), пред неконтролираното враќање на стандардите од старите навики и старата (не) нормалност. Толку од новата нормалност и новата солидарност, во услови кога сериозно напукнува бутната коска на здравствениот систем, затоа што актуелната политика одлучила така.

За морален колапс говориме, кога во такви високоризични услови, власта единствено зборува панично, за брзи избори. Макар и по цена на изгубени животи! Стравичен пример за владеење на законот на џунглата. Во услови во кои, во реалниот живот не сме ги обновиле ни реалните социјални контакти со своите роднини, блиски и пријатели, владејачката политика се нуди прва да тропне на вашата врата. Да провери, дали останувате нејзин клиент и конзумент на политиките што ги прокламира. Нудејќи ви еднократно чувство на потрошувачка среќа, преку бројно шаренило од картички или ваучер-бонови. Имате право цел еден месец, да го продолжите тоа чувство на грижливост за вашиот опстанок, користејќи ја придобивката на еднократната среќа. Ни „С” од солидарен морал. Типично морално салто мортале, каде под превезот на солидарно, ќе се случува селективен предизборен поткуп, во кој македонските производи можете да ги купите единствено со насловот, домашни. Да го изеде човек, туѓиот срам!

За морален банкрот зборуваме, кога од секој морален аспект, власта не покажува ни елементарна одговорност кон сопствените граѓани надвор од своите граници. Не постои нити една мерка, ни во најава, дека оваа власт воопшто зачувала некое чувство кон сопствената дијаспора. Според бројни параметри, дијаспората е најважниот и најсигурен извор на приходи, преку дознаки кои редовно се слеваат на домашниот девизен пазар. За власт која со пенкало избриша постоење на сопствено малцинство во соседни држави, да очекувате дека ќе поведе грижа за своите сонародници во европски или прекуокеански земји, е чиста утопија. Барем примерот на Ирска, некој да ѝм го предочеше! Како најголемиот светски извозник на иселеништво, стана во меѓувреме најголем увозник на свои сонародници од странство? И затоа и ќе останат Ирците, многу подалеку од овие контексти на морален и економски банкрот.

Никогаш не се сомневај, дека мала група внимателни и посветени луѓе, може да го промени светот. Во историјата отсекогаш било само тоа доволно.

Ако моралниот банкрот својата линија на дејствување ја има од врвот на пирамидата, кон базата и граѓанството, тој мал број внимателни и освестени граѓани кои можат да иницираат сериозна добро организирана социјална акција против моралниот банкрот, ни случајно не можеме да го бараме во структурите на власта. Во нашата актуелна власт, ни во крајна нужда. Иако може некому да му се причини дека оваа форма на владеење краси, непобидни факти за содржината на неморалното делување покажуваат, дека повеќе ги гнаси. А нешто се ифрит лути и со видливо ослабнати нерви! Ризик јак!

Само грст внимателни и одговорни луѓе, можат да нè извлечат од моралниот и во најава економски банкрот, на државата. Сите поважни движечки цивилизациски придвижувања напред, биле дело на малкумина. Маргарет Мид, верувала силно во оваа сознание. Како што и јас силно се надевам и верувам, дека мојата држава од овие крајно опасни кругови на тотален морален банкрот, ќе ја извлечат, токму дузина високо одговорни, внимателни и силно верувачки граѓани, кои во своите мисли и проекции, чуваат подобро место за живеење, токму во својата земја. Затоа што тоа ѝм е, специјално важна работа во нивните животи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.