Васко Шутаров

Мојот дедо, чие име го носам, во деновиве пред Св. Никола веќе имаше донесено природна новогодишна елка, а за нас внуците и веќе одбрано пригодни подароци. Само што научив да читам, за една новогодишна ноќ, под елката беше за мене оставена енциклопедијата „Европски метрополи“, на која толку пати претходно и се загледував во излозите на тогашните две гевгелиски книжарници, а веќе следната Нова година ја добив и енциклопедијата „Сите чуда на светот“. Беа тоа луксузни книги со преубави тврди корици, со мноштво квалитетни фотографии во боја и собрано знаење, колку за цел еден живот. Нели сè што требаше да знаеме за животот, требаше да научиме уште во забавиштето од нашите животи?!

„Европските метрополи“ беа повеќе од книга со фантастични колоритни фотографии од сите европски главни градови. Тоа беше книга-магија! Неброени ноќи потонати во тивкиот зимски мрак во провинцијата, на југот од Македонија, беа исполнети со волшебната привлечност од светлините на европските велеградови. Секоја фотографија беше вредна колку илјада зборови и колку цела серија од филмови. Хелсинки, Осло и Стокхолм ноќе, студени и така отмени, Лондон и Париз, кој од кој поубав и пожив, Берн и Хаг, Рим и Мадрид, Варшава, Белград и Софија доловени од нивните најубави проспективи-да ги гледаш и да зајдуваш со нив, со ноќи и со денови! „Европските метрополи“ и „Сите чуда на светот“ ми беа сето она што денес на децата им се стотината кабловски Тв -програми, сите социјални мрежи и мноштвото слики, клипчиња и филмови од нивните мобилни телефони и таблети. Уште не тргнат на училиште, јас знаев сè за европските метрополи и чудата на светот од моите енциклопедии, а дедо ми тогаш гордо ликуваше, така убеден и силно уверен, дека еден ден неговите внуци реално ќе го живеат животот од детските мечти и дека токму животот од европските метрополи ќе го живеат живо и непосредно, покрај сите чуда на светот со кои веќе почнуваа да се соочуваат.

А празничните денови и ноќи беа можност да се гледа подолго единствениот телевизиски канал, со кадри од украсените главни градови во тогашните југословенски републики, со празнични трпези и со гозби, со ред забавна и со ред народна музика и за крај, најчесто некој нов каубојски филм. Тогаш така си ги викавме вестерн филмовите, а Каубојците и Индијанците веќе беа наши нови јунаци од стриповите и нашите нови детски игри. Козара, Ужичка Република, Битката на Неретва, Сутјеска и останатите партизански фимови беа гледани неброени пати, па Дивиот запад стануваше наша нова преокупација, а до појавата на филмовите за Брус Ли и „Гнездото на Змејот“ од далечниот Исток, Дивиот запад беше и наша главна инспирација.

Дивиот запад од нашето детство, во една тогашна, во голема мерка сериозно уредена држава, со многу јасен ред и поредок, конвенираше со слободата во освојувањето на некои далечни западни светови од детската фантазија и со слободата во детската игра да се изигра и правилото на игра ако треба, за да се победи по секоја цена. А победникот нели земаше сè, барем така нè учеа нашите јунаци од Дивиот запад.

Малите гратчиња со дворедно поставени куќи и објекти од Дивиот запад, со прашливите улици кои толку многу потсетуваа на улиците од нашето детство, често беа напаѓани од неповикани и непознати групи револвераши кои со силата на оружјето ја преземаа власта во градот, го одземаа целото богатство на населението, вклучувајќи ја обично и најубавата девојка во градот, на што обично претходеа скршени чаши и тепачки во градскиот салон, кои најчесто завршуваа со конечен револверашки двобој во некоја од клучните филмски сцени. Стравот воспоставен со силата на оружјето, беше начин несаканите натрапници, што со рекетирање, што со претепување, слободно да завладеат со животите на жителите на градот, а за волја на вистината, во тоа секогаш им помагаше некој од локалното население.

Чудно ми беше тоа, што повозрасните во семејството, толку малку се оптеретуваа со моите омилени филмови за каубојците и индијанците и посебно со мојата нескриена тага кога Индијанците, и покрај раскошните воени вештини, беа редовно победувани од белите освојувачи?! Дедо ми попрво ќе си лежеше со прекрстена нога преку нога и ќе си пребаруваше по мислите во својата глава, гледајќи во таван, патем, не заборавајќи со едната рака да ме чешка по грб. Чудно ми беше и тоа, што за сè друго со нескриен ентузијазам ќе сакаше да ми објаснува и да ми открива, како што беа тајните од математиката и секако „машките тајни“ од игрите со карти, а беше толку незаинтересиран за моите омилени каубојски филмови. Едновремено, така незаинтересирано се однесуваше и кон едни зафрлени, наопаку свртени врамени слики, кои ги наоѓав во напуштените одаи од нивната стара куќа и за кои имав едно чудо прашања. Беа тоа големи илустрации во кои беа прикажани сцени од големи битки, на кои од едната страна доминираше силна униформирана војска на убави бели коњи, а од другата страна распојасана, неугледна а за љубопитното детско око и многу страшна војска. „Која е оваа војска, дедо?“ ќе прашав и ќе добиев со едвај покажан интерес, краток одговор: „Турскиот башибозук е тоа!“

Со годините подоцна ќе разберам, дека „Дивиот запад и башибозукот“ од моето детство, се случувале во иста хронолошка временска отсечка, од средината на 19 век до почетоците на 20 век. Дивиот запад опфаќал еден огромен простор од северноамериканскиот континент, кој се протегал западно од реката Мисисипи, преку карпестите планински држави како Монтана, па преку Тексас сè до денешниот Западен брег на САД, а територијата на турскиот башибозукот била целата тогашна Османлиска империја, сосе територијата на цела тогашна Македонија. Башибозукот бил составен најмногу од регрутирани Албанци, Черкези и Курди на кои Турците им давале оружје без никаков друг надоместок, таквата војска не носела воени обележја, не била потчинета на ниедна команда, а меѓу населението вршела најгруби разбојништва, грабела и уништувале сè што ќе и се најде на патот, како на територија во која отсуствува власт на една организирана држава. Впрочем, во иста таква состојба на предржавна анархија и во отсуство на какви било воспоставени државни правила на игра и почитување на правото и законите, живееја и јунаците од филмовите за Дивиот запад, луѓето без име, како Џо од „Добриот, лошиот и грдиот“, ликови кои за грст долари или за нешто повеќе од грст долари, освојуваа и владееја од онаа страна на законите, само според своите сопствени интереси, силата на парите и силата на своето претпоставено природно право.
……………..

Дедо ми веќе одамна го нема, си замина една далечна зима, во денови и ноќи во кои уште ни трепкаа светилките од елките. Моите „Европски метрополи“, мојата омилена магична енциклопедија од најраното детство, веќе одамна е некаде потисната од некои уште подебели книги, од Пол Валери, Сартр и Бовоар, преку Ниче, Хесе, Шекспир Данте и Макијавели, до Керуак, Витман, Хармс, Елијаде, Буковски и Јурсенар. Во меѓувреме, крајпатните знаци што во мислите ги оставал за мене, неговиот внук што му го носи името, ме однесоа до најсветлите и најубавите проспективи од неговите толку посакувани европски метрополи- и ме враќаа секогаш одново дома. Дома, во мојата земја и во мојот дом, каде во меѓувреме, не постои ден и не постои ноќ во годината, во кои не ги живееме најживо времињата од филмовите и сликите од моето детство, за Дивиот запад и за башибозукот од Турско!

Нашите животи, во меѓувреме, станаа непрегледна сцена во која, како на филмска лента, се испреплетуваат секојдневни акции со модерните каубоји и башибозук-дружини од нашево време, акции за малку повеќе од грст долари, во кои луѓе без имиња повторно роварат, одново разграбуваат и доуништуваат сè она што беше вредно од животите и соновите на нашите предци, надвор од сите правила на играта, надвор од правото и законитоста, надвор од верата и разумот, надвор од сето она нормално, добро, достоинствено и отмено како од сликите-мечти за нашите замислени европски метрополи. Нашите животи во меѓувреме, станаа само кулиси за остварување на никогаш до крај изживеаните филмови на неповиканите натрапници со неискоренет Див запад во нивните мисли и уште подлабоко вкоренетиот башибозук во нивните души и во нивните (не)дела!

Еве ги, не само што не им излегува Европа од уста, па уште и пеат-„Инсиеме Јуроп, Инсиеме“!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.