Албански платформи – колку што сакаш! Зборот „платформа” веќе стана излитен, црнокомичен синоним за албанскиот политички хабитус. Искрено, да сум Албанец, јас би се срамел од толкава безидејност.

По „успешната” Тиранска платформа, следуваше, се сеќавате, исмеаната и карикатурална, несупешна „албанска платформа” на Косово кон Србија, а еве сега, и една нова, мрачна, чисто етно-фашистичка, тнр. „Албанска платформа”, со која во јавноста излезе лидерот на ДУИ, Бујар Османи. Иако во подлогата на сите тие фамозни „платформи” – а ќе ги има уште којзнае колку до крајот на овој свет! – се содржи само суровата и апсурдна идеја за Голема Албанија и ништо друго, за разлика од првите две „платформи”, насочени против суверенитетот, правата и слободите на други народи, македонскиот, српскиот, итн., оваа „Албанска платформа” на ДУИ е директно насрчена кон газење и потчинување на политичките слободи на сопствениот, албански народ, и сликовито покажува каков тежок, непроѕирен, патолошки, авторитарен мрак владее во умовите на тројцата најистурени лидери на таа партија, Ахмети, Османи и Груби. Од каде и да тргнеш во нејзина анализа, секогаш доаѓаш до истото: фашизмот има само едно, исто, препознатливо, црно диктаторско лице.

Примитивните и глупави луѓе, како овие тројца политички натрапници, кога сакаат да понижат и да прегазат некого, го прават тоа со невидена леснотија и дрскост, уверени дека оној другиот, според нив „глупавиот”, тоа нема да го сфати. Но јас верувам дека освестените граѓани од албанската народност и лидерите на другите политички партии од албанскиот блок во Македонија овојпат тоа јасно ќе го распознаат и ќе го доживеат како безобѕирно, антидемократско, и всушност антиалбанско политичко насилство, безочна уцена, и дрска агресија врз политичките права, загарантирани во секое модерно повеќепартиско општество – слободата на политичко организирање, мислење и изразување.

Еве ги петте етно-фашистички точки на ”Албанската платформа” на ДУИ:

  1. На изборите не се тркаме за повеќе од две листи.
  2. Партијата која ќе добие глас повеќе зборува во име на Албанците во други општини.
  3. Партиите и пратениците кои имаат глас помалку даваат поддршка на првата партија, која за стратешките линии ќе зборува во името на сите пратеници Албанци, а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор.
  4. Пратениците на партиите кои не победиле не водат разговори на страна за да не ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија.
  5. Можност за соработка во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии.

А еве што, всушност, овие „итри” лидери на ДУИ со „платформата” им порачуваат на „глупите” лидери на другите албански партии во Македонија:

  1. Албанскиот политички блок треба да се сведе на само две политички партии: едната „појака”, читај ДУИ, и некоја друга, „послаба” (…?).
  2. Исклучиво „појаката партија”, читај ДУИ, ќе зборува во име на сите Албанци во Македонија.
  3. „Послабата партија” (…?) прифаќа да биде поданички подложна на „појаката партија”, читај ДУИ, и мора да се согласи со сѐ што таа ќе одлучи и што ќе направи, а нема право на свое мислење без дозвола на „коректорот” – „појаката партија”, читај ДУИ.
  4. Пратениците на „послабата партија” (…?) никако не смеаат да разговараат со никој друг, за да не ги ослабнат позициите на „појаката партија”, читај ДУИ.
  5. И на крајот едно излигавено лижавче: можност за соработка во разни форми помеѓу (само две!) албански политички партии, „појаката”, читај ДУИ, и другата „послаба” (…?).

Значи, според првата, втората, третата и четвртата точка на оваа етно-фаштистичка платформа на ДУИ (петтата точка е само „под разно”),  повеќепартискиот систем никако не е добар и не важи за албанскиот политички блок во Македонија, и треба да се сведе на биполарен однос „појака партија”, читај ДУИ / „послаба партија” (…?), т.е., со окрупнување, со своевидна „политичка комасација” сите останати политички субјекти од тој дел на политичкиот спектар или да се стопат со „појаката партија”, читај ДУИ, или со „послабата партија” (…?), или пак доброволно да си се самоизгаснат. Се знае и кој е следниот чекор: „појаката риба” ќе ја лапне „послабата риба”, така што на албанскиот спектар ќе остане само една партија, „појаката”, читај ДУИ. Многу интересно е што генијалните креатори на оваа „ултракохезиска” „Албанска платформа” ни на сон не предвидуваат евентуално појавување и на можни независни кандидати како „најмали рипчиња” во политичкиот живот, што, според нив, очигледно, подразбира едно апсолутно, тоталитарно, севернокореанско албанско едноумие во Македонија, без изразити индивидуални политички ликови и појави, со име и презиме, освен, се разбира, светото тројство на ДУИ: Ахмети, Османи и Груби.

Сосема идентичен е едноумниот фашистички концепт на Заев и СДСМ. Практично од првиот ден кога насилно беа инсталирани на власт безочно сурово агресираат врз другите политички партии во македонскиот политички блок, со фантазмагоричната идеја најнапред да се парализира, да се пацифицира, да се дезавуира, да се поништи и сосема да се уништи најголемата македонска политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а по него и сите останатите „послаби” партии, и македонскиот политички живот од биполарноста „леви – десни” да се префрли на еден сосема друг вид манипулативна биполарност, на етно-биполарност, и тоа на само две политички партии, СДСМ и ДУИ, секоја со своја етно и крим интересна зона, што, се разбира, е апсолутно на трагата на бескрупулозната заевска квислиншка етно-политичка, административна и пред сѐ криминална деконструкција на Македонија.

Фашистоидите секогаш си се сметаат за најумни и најитри, сеедно дали доаѓаат од Муртино или од Мала Речица. Но ова нема да им помине.

За граѓаните на Македонија, од која и да се националност, па така и за Македонците и Албанците, едноствено најдобар, најсигурен и најцивилизиран пат е оној што ги поништува сите ступидни биполарности, омрази, наддавања и бедни криминални уцени, а се вика – соживот. Тоа е толку лесно кога на заедничка маса ќе седнат да разговараат добронамерни, умни и благородни луѓе, а толку тешко кога тоа го прават фашистоидни лудаци и социопати, и секогаш на неизмерна штета на сопствениот народ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.