Д-р Кирил Миноски

Историјата на човештвото за жал покрај нејзината светла страна, која што ја карактеризираат цивилизациски прогрес, научно технолошкиот развој, во исто време има и своја темна страна, а тоа се војните, епидемии, природните катастрофи и сл.

Од античко време па се до денес човештвото се соочувало со мноштво епидемии, чија што последица се милиони човечки жртви и речиси десеткувана популација. Последната голема катастрофа која што светот ја памети се случи во 1918 година, кога ткн шпанската инфлуенца однесе помеѓу 50 и 100 милиони човечки животи.

Живеејќи во услови на современи технологии, дигитално општество, интензивен развој на научно инстражувачката дејност, фармацијата и медицината, како и ограничениот обем на епидемиите што се појавија во изминатите три децении (свински грип, птичји грип, ебола и слично), за момент како човештвото да заборави на овие опасности. Појавата на вирусот COVID -19 и неговото интензивно распространување на речиси целата земјина топка го покажа уште еднаш непишаното правилото дека историјата циклично се повторува.

Гледано низ призма на историјата, големите епидемии, воените судири и кризните состојби од најразличен вид, пропратени со човечки жртви и страдања, секогаш пред човештвото го наметнувале прашањето на системот на вредности, етиката и моралот. Воедно историското искуство покажува дека по надминувањето на големите катастрофи, се создава нов елен, нова животна енергија за изградба на поправеден и попросперитетен свет и дека токму во тие моменти човештвото ги добило најголемите откритија и достигнувања во сферата на науката, технологијата, културата, филозофијата, уметноста и сл.

Во продолжение би се осврнал на мерките што државите погодени од вирусот COVID-19 ги превземаа со цел заштита на животите и здравјето на луѓето и спречување на неговото ширење, од типот на мерка карантин, ограничување за патувањата и движењето, затворање на јавните места и сл. Сите тие за последица имаа намалување на понудата и побарувачката на пазарот и на економската активност. На страната на понудата дојде до намалување на производство и затворање на производствените капацитети, прекин или ограничување на дел од услугите и прекин во ланецот на добавувачи, органичување на транспортот и сл. Од друга страна побарувачката се намали како резултат на изгубената доверба на потрошувачите, откажаните деловни и туристички патувања и слично.

Во насока на намалување на негативниот економски импакт, повеќето држави во краток временски рок превземаа низа мерки за справување со економските последици од кризата (Турција, Кина, Италија, САД, Албанија,Србија, Унгарија и други) имајќи го во предвид претходното искуството од справување со глобалната финансиска криза во 2008 година, кои воглавно можат да се класифицираат во три групи:

Мерки насочени кон заштита на граѓаните и нивниот стандард:

  • Пакети за субвенционирање на здравствената заштита
  • Трансфери за ранливите домаќинства
  • Поддршка на вработувањето на краток рок преку субвенциорање на плати и придонеси со цел заштита на работните места

Мерки на поддршка на компаниите:

  • Намалување или одлагање на плаќањето на даноците во секторите од економијата погодени од кризата
  • Подобрување на ликвидността на компаниите и достапноста на кредити/финансии
  • Намалување на обврските и давачките кои што ги плаќаат компаниите

Во делот на мерките за поддршка на макроекономска стабилност најчесто беа превземни следните мерки:

  • зголемување на ликвидноста на банките
  • обезбедување на соодветен одговор на монетарната политика на новонастанатите услови на пазарот
  • поддршка за капиталните инвестиции

Се наметнува прашањето кои се излезните решенија во македонски услови следејќи го примерот на останатите економии, преку нивно прилагодување на нашата реалност?

Клучно прашање е како да се обезбеди соодветно ниво на агрегатна побарувачка на пазарот (превземање на мерки со кои што ќе се ограничи побарувачката од типот на намалување на плати и воспоставување на систем на „ураниловка“ може да ја намали потрошувачката, серозно да го доведе во прашање животниот стандард на населението пред се на оние со пониски плати во јавната администрација како и да ја продлабочи кризата и да го зголеми нејзиното времетраење).

Во делот на заштита на стандардот на граѓаните и работните места клучни се мерките за обезбедување на работните места и платите на работниците во секторите кои се најпогодени од економските последици на пандемијата. Во овие секторите државата би можела да интервенира преку целосна или делумна исплата на просечни месечни плати за временски период од 3 до 6 месеци, врз основа на прецизно утврдени критериуми и со обврска за задржување на работниците во временски период од најмалку 6-9 месеци по истекот на рокот на користење на средствата. Исто така треба да се види дали и под кои услови би се овозможило учеството на фирмите кои што користеле друг вид на државна помош, како и на компании кои што се јавуваат во улога на економски оператори и сé корисници на средства од државни тендери.

Неопходно е да води сметка за пензионерите и ранливите групи. Во услови на криза треба да се поттикнат јавните работи на државно и локално ниво во кои што би вклучиле голем број корисници на социјална помош, во справување со последиците од кризата пред се во помагање на постари и немоќни лица, обезбедување на дезинфекција на просториите, организирање на транспорт и достава и сл.

Во делот на поддршка за компаниите потребно е решавање на проблемот на пристап до финансии преку обезбедување на ефтини кредитни линии од EIB, CEB, IFC и други извори, кои би се пласирале преку Македонската Банка за Поддршка на Развојот, со цел поттикнување на инвестициската потрошувачка и решавање на проблемите со краткорочната ликвидност. При пласманот неопходно е да е се обезбеди соодветна контрола на начинот на пласирање на средствата со цел да се избегне судир на интереси, корупцијата и тенденциозно креирање на лоши пласамани. Еден од основните критериуми за користење на кредитните линии би бил заштита на постоечките работни места и ниво на плати на вработените, како и можноста за одржлив раст и зголемување на бројот на работни места на компанијата. Можно е да се размисли и за формирање на нови продукти од типот на гарантен фонд за финансирање на МСП по примерот на гарантниот фонд во други земји (Турција), јавно – приватен equity investment fund кои што би обезбедил средства за поттик на нови бизниси пред се во делот на производството и сл. Целта е да се даде соодветен финансиски стимул на сите оние кои што можат да развиваат долгорочно одржливи бизниси.

Компаниите кои што се сериозно погодени од кризата би добиле и низа поволности во поглед на плаќањето на даноците од типот на одлагање на даночните обврски на период од 6 месеци, укинување на парафискалани давачки, одлагање или намалување на трошоци за лиценци.

Основното прашање кое што се наметнува е од каде да се обезбедат овие парични средства и како да не се наруши макроекономската стабилност за да може државата нормално да функционира? Со оглед на фактот дека за помалку од месец дена од избивање на кризата, поради лоша економска кондиција на државата, неопходно ни е итно и неодложно задолжување во странство, следното прашање кое што се наметнува е како да се контролира јавниот долг поради фактот што во догледно време би се задолжиле најмалку милјарда евра, со што висината на јавниот долг би се доближил или би ја надминал границата од 60 % како процент од БДП, како и прашањето како ќе се контролира соодветното и наменско трошењето на средствата, поради постоењето на објективни ризици од злоупотреби?

Посебен приоритет во овој сегмент на мерки треба да има обезбедување на соодветни средства за реализација на капиталните инвестиции во делот на енергетиката, транспортот, но пред се во делот на изградбата на современа здравствена инфраструктура, модернизација на образованието и инвестирање во дигитализација на образовнот процес и на Управата за јавни приходи и Царинската управа како клучни во прибирањето на приходите во државниот буџет.

На крајот повторно би се осврнал на етиката и системот на вредности. Изминативе три децении македонска независност, бројни компании и поединци користеа мноштво привилегии и економски бенефити во различни форми од државата, време е истите да покажат општествена одговорност и етичност кон државата и сопствените вработени како генератори на нивната индивидуална благосостојба и да го споделат товарот на здравствената и финансиската криза согласно на нивните можности. Како што покажува историјата, човештвото има дадено многу непотребни жртви како резултат на човечката алчност, егоизмот и ароганцијата. Обезбедувањето на просперитетно општество и држава на благосостојба пред се почива на етика, морал и систем на вредности.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.